Euronews: Брисел е заинтересиран да ги следи НЛО-ата под радарот
Европската комисија можеби тивко ги следи неидентификуваните аномални феномени (UAP) најмалку од 2023 година. Ова го покажува документ од одбранбениот оддел на Комисијата до кој дошол Euronews, а кој се однесува на набљудување на небото и вселената во Малезија.
Во документот се наведува дека европските институции стануваат сè подобри во забележувањето и идентификувањето на ваквите појави благодарение на развојот на технологијата, но дека потребни се уште подобри способности за нивно следење и анализа.
UAP е терминот што го замени порано користениот „НЛО“ (неидентификуван летечки објект). Американскиот Пентагон официјално почна да го користи терминот во 2020 година, со формирањето на тим за истражување на необјаснети појави во воздушниот простор.
Темата доби поголемо внимание по откритијата во САД дека воени архиви содржат снимки од необјаснети објекти забележани за време на воени летови. Во 2023 година, Конгресот одржа и јавно сослушување за UAP, со фокус на националната безбедност и на тврдењата за тајни владини програми.
Во ЕУ, сепак, темата сè уште е чувствителна и често придружена со стигма. Франција е единствената земја членка со државно финансиран центар посветен на ваквите појави – GEIPAN, кој од 1977 година анализирал повеќе од 3.300 случаи. Од нив, 106 останале необјаснети и по детална анализа, додека повеќе од 1.000 не можеле да бидат решени поради недостиг на податоци.
На 29 јуни францускиот парламент одржа и поголема дебата за UAP, при што беше нагласена потребата феноменот да се истражува сериозно и рационално, без сензационализам.
Загриженост за безбедноста на летовите
Во последните години, европски пратеници сè почесто ја прашуваат Европската комисија дали ваквите појави можат да претставуваат ризик за воздушниот сообраќај.
Германскиот европратеник Фабио Де Мази во 2025 и 2026 година побара ЕУ да ги подобри системите за пријавување и да воведе посебна, стандардизирана категорија за НЛО. Според него, тоа би овозможило подобро собирање и споредување на податоците и повисоко ниво на безбедност.
Пилотите, пак, предупредуваат дека без јасен систем за пријавување многу случаи остануваат нерегистрирани. Ненадејното појавување на непознати објекти може да предизвика губење на ситуациската свест, принудни маневри, па дури и сомнежи за можни проблеми со сензорите и комуникациските системи.
Холандскиот пилот Роб Акерманс за Euronews раскажа дека во 2023 година, заедно со уште пет членови на екипажот, повеќе од два часа набљудувале необични светла додека летале од Блискиот Исток кон Холандија.
Според него, светлата интензивно се појавувале и исчезнувале, а понекогаш едно од нив се движело околу другите, што на екипажот му изгледало како своевидна „воздушна борба“. Акерманс вели дека искуството било необјасниво, но дека уште поголем проблем е стравот од професионални последици доколку пилотите зборуваат за вакви појави.
Слични искуства сподели и холандскиот капетан Кристијан ван Хајст, кој раскажа за неколку необични набљудувања во периодот од 2005 до 2010 година.
Во еден случај, во близина на Грција, тој и неговиот екипаж виделе исклучително светол објект на голема височина, кој повеќепати исчезнувал и повторно се појавувал, а потоа со огромна брзина исчезнал од видикот.
Во друг случај, во 2010 година за време на лет од Амстердам кон Малага, екипажот забележал голем објект на височина од околу 41.000 стапки. Контролата на летање во Мадрид потврдила дека нема познат сообраќај во таа област, а во случајот била вклучена и воената контрола на летање.
Ван Хајст нагласува дека ваквите случаи пред сè треба да се третираат како прашање на безбедноста, а не како научна фантастика.
Основачот на UAP Coalition Netherlands, Јоаким Декерс, тврди дека токму стигмата е најголемата пречка. Според него, околу 90 отсто од забележувањата на пилотите не се пријавуваат.
Иако нема докази дека UAP се поврзани со странски сили, експертите предупредуваат дека дел од необјаснетите појави би можеле да бидат напредна шпионска технологија, вклучително и дронови.
Дали постои празнина во системот за пријавување?
Европската агенција за безбедност на воздухопловството (EASA) смета дека веќе постои систем во кој пилотите можат да пријават секој настан што може да влијае врз безбедноста на летот, вклучително и UAP.
Од EASA велат дека нема потреба од посебна категорија за UAP и дека ваквите случаи можат да се пријавуваат како „разни инциденти“.
Агенцијата исто така наведува дека досега нема доволно докази дека НЛО претставуваат системски проблем за безбедноста на воздухопловството кој би барал дополнителни мерки.
Критичарите, сепак, сметаат дека токму недостатокот на податоци може да биде последица од недоволното пријавување, а не доказ дека инцидентите не постојат.
Во Холандија, националниот одбор за безбедност веќе прифаќа пријави од пилоти во рамките на општата категорија. И Германија спроведува научни истражувања на оваа тема.
Сепак, без централна европска база на податоци, информациите остануваат расцепкани по држави, што ја отежнува проценката на целокупната состојба во европскиот воздушен простор.
Нуклеарни централи
Дополнителни прашања отвораат пријавите за UAP во близина на нуклеарни објекти.
Француско истражување од 2015 година покажало корелација меѓу пријавите за необјаснети феномени и близината на нуклеарни локации. Еден од примерите е комплексот Ла Хаг во Франција, каде се складираат големи количества радиоактивен материјал.
Слични случаи се пријавувани и во Велика Британија, како и во близина на американски воени и нуклеарни објекти. Особено познат е случајот од 1967 година во американската воздухопловна база Малмстром, каде појавата на НЛО била пријавена во близина на силоси со нуклеарни ракети. Во истиот период, дел од ракетите привремено престанале да функционираат.
Сепак, досега нема конечни докази што би го потврдиле потеклото или природата на овие објекти.
Парадоксот со зајакнувањето на одбранбените способности
Европската Унија во моментов ги повикува земјите членки да ги зголемат трошоците за одбрана, да соработуваат поблиску и заеднички да инвестираат во европските одбранбени капацитети.
Но кога станува збор за НЛО, ставот на Брисел е дека тие се во надлежност на самите земји членки.
На прашањето дали Комисијата планира механизам за размена на информации со САД или сопствен европски систем за следење и анализа на НЛО, портпарол на Комисијата одговорил дека овие појави се одговорност на земјите членки и дека тие постапуваат според своите национални безбедносни и одбранбени приоритети.
Пилотот Акерманс, сепак, повикува ЕУ да престане да ги третира НЛО како табу-тема и да ги вклучи во официјалните рамки за воздухопловна безбедност.
„Потребно е EASA, Европската комисија и Европскиот парламент формално да воведат стандардизирана категорија за пријавување на НЛО“, смета тој, додавајќи дека сегашниот систем ги тера пилотите да молчат или да ги пријавуваат случаите под друга категорија.
За ван Хајст, најважно е да се отстрани стигмата околу темата, бидејќи постои реална загриженост за безбедноста на летовите.
Тој посочува дека минатогодишните случаи со голем број потенцијално руски воени дронови кои навлегувале во европскиот воздушен простор покажуваат колку е важно секоја необјаснета појава да биде сериозно анализирана.
Иако досега нема доказ дека UAP се вонземски објекти, европските пилоти и дел од политичарите бараат феноменот да се третира првенствено како прашање на безбедноста на воздушниот простор – а не како тема за научна фантастика.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Euronews: Брисел е заинтересиран да ги следи…
Европската комисија можеби тивко ги следи неидентификуваните…
Нови санкции од ЕУ за Русија на…
Европската Унија планира значително да ги прошири…
Ердоган: Членството во ЕУ повеќе не е…
Египет може да се приклучи на новопотпишаниот…
ЕУ од суфицит премина во дефицит, трговскиот…
Европската унија го заврши првото полугодие од…
ЕУ од утре со нови правила за…
Во Европската унија од утре се менуваат…