Koj профитира на најмалите: „УЧИЛИШНАТА КОШНИЧКА“ ПОД ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОР – ќе има казни
Околу 600 продажни места низ Македонија се опфатени со инспекцискиот надзор поврзан со спроведувањето на мерката „Училишна кошничка“, соопшти заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески.
Според него, мерката засега се спроведува непречено, а при извршените контроли не биле утврдени поголеми неправилности. Државниот пазарен инспекторат, сепак, ќе продолжи да ја следи состојбата на терен и начинот на кој трговците ги применуваат предвидените намалувања.
„Училишната кошничка“ се спроведува трета година по ред и опфаќа дел од основниот училиштен прибор, ранците и производите што им се потребни на учениците. Целта е во периодот пред и по почетокот на учебната година да се намалат трошоците со кои се соочуваат семејствата.
Производите опфатени со мерката треба да се продаваат по цени пониски за приближно 10 до 15 проценти. Мерката започна на 25 август и ќе трае до 30 септември, со што е опфатен периодот во кој родителите вообичаено го набавуваат најголемиот дел од училишниот прибор.
Инспекторите треба да утврдат дали трговците правилно ги означиле производите, дали го применуваат предвиденото намалување и дали претходно ги зголемиле цените за формално да прикажат попуст. Надлежните најавуваат санкции доколку бидат откриени обиди за заобиколување или изигрување на мерката.
Ристески посочи дека „Училишната кошничка“ е дел од владините активности за заштита на животниот стандард и одржување на инфлацијата на пониско ниво. Посебно внимание ќе биде насочено кон продажните места со најголем промет на училишен прибор.
Граѓаните што ќе забележат неправилно означување на цените, лажно прикажани попусти или одбивање на трговците да ја применат мерката можат да го пријават случајот до Државниот пазарен инспекторат.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Протести во Њујорк откако агент на миграциската…
Стотици демонстранти излегоа на улиците на Њујорк…
„Ќе продолжат да тонат“: Мицкоски за убедливата…
Премиерот Христијан Мицкоски ги коментираше резултатите од…
Змии и гуштер шверцувани под седиште: На…
Царинските службеници на граничниот премин Богородица, во…
ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски и натаму во убедливо…
Големи се разликите во рејтинзите на ВМРО-ДПМНЕ…
Мицкоски: Скопското Кале ќе се обнови и…
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска изврши…