(Видео) Торнадо го погоди југозападот на Франција, пријавени се десетици повредени
По серијата пожари, Франција се соочи со ново невреме. Торнадо во понеделникот го погоди селото Помас во југозападниот дел на земјата, при што се повредени околу 40 лица, а оштетени се приближно 300 домови, соопштија локалните власти.
Најтешко погодено е Помас, населено место со околу 1.000 жители во подножјето на Пиринеите. Силното невреме корнело дрвја и сериозно оштетило покриви на куќи, додека неколку објекти претрпеле значителни оштетувања.
Меѓу повредените е и бремена жена, која била пренесена во болница откако нејзиниот дом се урнал додека таа била внатре. Вкупно околу 15 лица биле пренесени во болница за медицинска помош.
Повеќе од 120 пожарникари и припадници на итните служби биле ангажирани во погоденото подрачје за расчистување на теренот и справување со последиците од невремето. За жителите чии домови повеќе не се безбедни биле отворени и привремени центри за итно сместување.
Француската метеоролошка служба „Метео-Франс“ соопшти дека во блиското село Аркет-ан-Вал биле измерени ветрови со брзина до 117 километри на час.
Француските власти претходно издале портокалово предупредување за силни бури во голем дел од јужниот и југозападниот дел на земјата. Невремето предизвикало и прекини во снабдувањето со електрична енергија и сериозни проблеми во сообраќајот.
Околу 2.800 домаќинства во понеделникот вечерта останале без струја. Повеќе патишта биле затворени поради паднати дрвја, додека железничкиот сообраќај бил соочен со доцнења.
Проблеми имало и во воздушниот сообраќај. Аеродромите во Бордо, Марсеј, Ница и Тулуз, како и аеродромите во Париз, пријавиле доцнења и откажувања на летови.
Силните бури и градот ги принудиле организаторите да ја откажат и третата етапа на велосипедската трка „Вуелта а Еспања“, која требало да се одржи во департманот Од.
Француските власти продолжуваат со проценка на материјалната штета, додека екипите на итните служби работат на расчистување на погодените подрачја и нормализирање на состојбата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Торнадо го погоди југозападот на Франција,…
По серијата пожари, Франција се соочи со…
Кос: Не смееме да прифаќаме тројански коњи…
Комесарот за проширување на ЕУ, Марта Кос,…
Отпочната реконструкцијата на патот Добри Дол –…
Градоначалникот на Општина Сопиште, Јане Мицевски денеска…
Божиновска: Сонцето станува еден од главните столбови…
Македонија сè посилно го претвора својот сончев…
Социјални платформи да ги бришат видеата што…
„Тик-ток“ и другите социјални платформи да ги…