Во Македонија се гради на повеќе од 1200 локации
Македонија во претстојниот период ја очекува засилена економска и инвестициска активност, со изградба на повеќе автопатски делници, продолжување на големите инфраструктурни проекти и со три најавени нови инвестиции од странски компании. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека до есен се очекува да бидат потпишани три нови договори за инвестиции. Две од компаниите се од Германија и од САД, додека третата планира проширување на постојната инвестиција во земјава. Преговорите, според премиерот, се во завршна фаза и се очекува договорите да поминат на некоја од наредните владини седници.
– Во Брисел имав три средби со инвеститори, кои во Македонија се во завршна фаза на постигнување договор. Едниот е од Германија, едниот од САД, а третиот прави проширување на постојната инвестиција и многу наскоро, оваа есен, сите три ќе потпишат договори – изјави Мицкоски.
Паралелно со привлекувањето нови инвестиции, во земјава се интензивира и реализацијата на капиталните проекти. Најавена е изградба на шест автопатски делници во претстојниот период, а кон крајот на август, веројатно на 26 август, треба да почне изградбата на автопатот Блаце – Скопје.
Во септември се очекува да почне и изградбата на делницата Букојчани – Кичево, додека со засилена динамика продолжува изградбата на Кичево – Охрид. Делницата од Извор до Врбјани, според најавите, треба да биде пуштена во втората половина на октомври, а целокупниот автопат Кичево – Охрид да биде завршен во првиот квартал од 2027 година.
Во исто време продолжуваат градежните активности и на делниците Прилеп – Битола, Тетово – Гостивар и Гостивар – Букојчани, како дел од коридорите 8 и 10-д. Во план се и активности поврзани со железничката инфраструктура, вклучително и продолжување на изградбата на пругата кон Бугарија.
Од Владата посочува дека во моментов во Македонија се гради на повеќе од 1.200 локации, што, според Мицкоски, покажува засилена економска активност и ангажирање на домашната оператива.
– Македонија е едно големо градилиште, се гради на повеќе од 1.200 локации, низ целата територија на државата – нагласи Мицкоски.
Ваквата активност се одразува и врз економскиот раст. Според податоците на Државниот завод за статистика, БДП во првите три месеци од годинава пораснал за 3,1 отсто во однос на тој период во 2025 година. Најголем раст е забележан во градежништвото, од 7,2 отсто, како и во стручните, научните и техничките дејности и административните услуги, каде што растот изнесувал 6,1 отсто.
Градежништвото има значаен мултипликативен ефект врз економијата, бидејќи покрај директното ангажирање работници, создава дополнителна активност во повеќе сектори: производството на бетон, челик и на други материјали, транспортот, архитектурата, инженерството и други услуги.
Економистите оценуваат дека јавните инвестиции се значаен двигател на растот, но за одржлив развој потребно е паралелно да се зголемуваат и приватните инвестиции. Новите фабрики и проширувањето на постојните компании може да отворат нови работни места, да го зголемат извозот и да создадат дополнителна вредност во домашната економија.
Во првата половина од годинава, капиталните расходи достигнале 19,4 милијарди денари, што претставува раст од 53,5 отсто во однос на тој период лани. За коридорите 8 и 10-д, до крајот на мај биле реализирани 6,3 милијарди денари, додека за инфраструктурни проекти во општините биле реализирани дополнителни 2,1 милијарда денари.
Сепак, со ребалансот на буџетот за 2026 година, проекцијата за растот на БДП е ревидирана од 3,8 на 3,5 отсто, додека очекувањата за растот на трошоците за живот се зголемени од 2,5 на 4,5 отсто.
Од „Фајненс тинк“ оценуваат дека зголемените капитални инвестиции ја засилуваат развојната компонента на буџетот, но вистински тест ќе биде нивната реализација до крајот на годината. Оттаму посочуваат дека високата реализација во првите месеци делумно може да се должи и на еднократната исплата за голем инфраструктурен проект.
Затоа, есента пред нас носи повеќе големи економски активности: почеток на нови автопатски делници, продолжување на коридорите 8 и 10-д, инвестиции во железничката и друга инфраструктура, но и три најавени нови странски инвестиции. Дали ќе се претвори сето тоа во посилен и одржлив економски раст, ќе зависи од динамиката на реализација на јавните проекти, но и од тоа колку нови приватни инвестиции ќе успее да привлече земјата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Во Македонија се гради на повеќе од…
Македонија во претстојниот период ја очекува засилена…
Туристи се качуваат по црквата „Св. Никола“…
Скaндал и бран реакции во јавноста предизвикаа…
„Ужасот над Зелениково“: Огнот стигнал до куќите,…
Пожар што ноќеска избувнал над Зелениково се…
Пожар во хотел во Валона: 5 лица…
Во пожар што избувнал во хотелот „Бруклин”…
Спасен повредениот маж на Пелистер, имал скршеници…
Спасувачките екипи успешно извлекле повредено лице од…