Во подготовка инвестиција од 74 милиони евра за модернизација на Клиничката болница во Тетово
Министерот за здравство, д-р Сашо Клековски, заедно со заменик-министерот Јовица Андовски, директорот на Фондот за здравствено осигурување Златко Перински, градоначалникот на Тетово Билал Касами, директорот на Клиничката болница Тетово, д-р Ерзен Елези, како и делегација на Светска банка и претставници на Министерството за здравство, денеска ја посетија Клиничката болница во Тетово.
На средбата бил презентиран концептот за темелна реконструкција, проширување и целосно опремување на болницата. Проценетата вредност на проектот изнесува 4,56 милијарди денари, односно околу 74 милиони евра, а конечниот финансиски модел ќе биде дефиниран по изработката на потребните анализи и документација.
Проектот предвидува реконструкција и модернизација на хируршкиот и интернистичкиот блок, изградба на нов павилјон за повеќе медицински дејности, посебен објект за гинекологија, акушерство и неонатологија, набавка на современа медицинска опрема и ИТ-системи, како и отстранување на дотраените објекти и целосно уредување на болничкиот комплекс.
„Ова е инвестиција во достоинството и сигурноста на пациентите и во подобри услови за здравствените работници. Нашата цел е граѓаните од Тетово и полошкиот регион да добиваат современа и навремена здравствена услуга блиску до местото на живеење“, истакна министерот Сашо Клековски.
Според Министерството за здравство, инвестицијата е од особено значење за околу 251.500 жители од полошкиот регион, бидејќи треба да обезбеди повеќе здравствени услуги на локално ниво, пократко време на чекање и намалување на потребата пациентите да се упатуваат на лекување во Скопје.
Во рамки на посетата, со претставниците на Светска банка биле разгледани и следните чекори за реализација на проектот, меѓу кои подготовка на физибилити студија, изработка на техничка документација, анализа на трошоците и придобивките и дефинирање на одржлив модел на финансирање.
Од Министерството посочуваат дека проектот ќе се реализира во координација со Фондот за здравствено осигурување, Општина Тетово и раководството на Клиничката болница, со цел да се обезбеди транспарентна и ефикасна подготовка во сите фази на инвестицијата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Возач на „мерцедес“ со германски регистрации прегази…
МВР информира дека вчера попладне во 16:50…
Османи: Црн ден за Албанците – Тито…
Потпретседателот на Демократската унија за интеграција, Бујар…
Бебе од Куманово заврши во болница по…
Четиринаесетмесечно дете од Куманово било хоспитализирано откако…
Малолетник со мотор удрил во 74 годишна…
На 02.06.2026 во 11:00 часот во ОВР…
Пожар во тетовско средно училиште, шестмина вработени…
Тетовската полиција вчера добила пријава дека околу…