Знаеш дека е лошо кога и Швајцарија се поготвува за војна
Швајцарија официјално ја менува својата безбедносна политика како одговор на драматично влошената безбедносна состојба во Европа и светот.
Федералниот совет на 18 септември ја усвои Стратегијата за безбедносна политика на Швајцарија 2026, документ со кој земјата планира значително да ја зајакне отпорноста на државата и општеството, заштитата на населението и критичната инфраструктура, како и способноста на вооружените сили да ја бранат земјата.
Швајцарската влада наведува три главни приоритети: зајакнување на отпорноста, подобрување на способностите за отпор и заштита и зајакнување на одбранбените способности.
Зад овие три приоритети стојат вкупно 10 стратешки цели и 46 мерки, чија реализација веќе започнала.
Берн: Безбедносната ситуација станува сè понестабилна
Во образложението на стратегијата, швајцарската влада дава прилично сериозна проценка на состојбата во Европа.
Федералниот совет наведува дека меѓународното безбедносно опкружување станало понестабилно и понепредвидливо, дека ривалството меѓу големите сили се засилува, а вооружените конфликти сè повеќе го обликуваат глобалниот поредок.
Како еден од клучните фактори директно се наведува руската војна против Украина.
Но заканите што ги идентификува Берн не се ограничуваат само на можноста за класичен воен конфликт.
Швајцарија предупредува и на растечката опасност од сајбер-напади, шпионажа, саботажи, дезинформации и операции за влијание, како и на економски и технолошки зависности што во време на криза можат да станат безбедносен проблем.
Критичната инфраструктура станува приоритет
Посебно внимание се посветува на инфраструктурата од која зависи секојдневното функционирање на државата.
Колку повеќе електроенергетските, комуникациските, транспортните и останатите системи се меѓусебно поврзани, толку поголеми можат да бидат последиците доколку еден од нив биде нападнат или престане да функционира.
Затоа првиот столб на новата стратегија е отпорноста.
Целта е Швајцарија да ги намали своите критични зависности и слабости, а државните институции, економијата и општеството да можат да продолжат да функционираат и во услови на сериозна криза.
Тоа подразбира подобра способност за рано откривање закани, управување со кризи, посигурна инфраструктура и поголема економска и технолошка безбедност.
Не се подготвуваат само за сајбер-напади
Вториот голем столб е директната заштита на населението и државата.
Швајцарија сака подобро да ги заштити граѓаните, институциите и критичната инфраструктура, но и да биде поспособна да одговори на напади доколку тие се случат.
Во стратегијата се издвојуваат хибридните и нападите од далечина, како и организираниот криминал во самата земја, како закани на кои треба да им се посвети особено внимание.
Но најинтересниот дел од новата стратегија е третиот столб – одбранбените способности на Швајцарија.
Армијата повторно се насочува кон одбрана
Берн оценува дека поради влошената безбедносна ситуација швајцарската армија мора многу посилно да биде ориентирана кон нејзината основна задача – одбраната на државата.
Тоа подразбира подобрување на персоналот, вооружувањето и опремата, командните структури и соработката меѓу цивилните и воените институции.
Целта е вооружените сили да можат што е можно подолго самостојно да ја бранат земјата во случај на вооружен напад.
Но швајцарската стратегија содржи уште една значајна порака.
Берн отворено признава дека во одредени сценарија самостојната одбрана можеби нема да биде доволна.
Во официјалниот документ се наведува дека доколку противникот е значително помоќен или користи оружје со долг дострел, целосно независната одбрана може да биде неефикасна. Поради тоа, Швајцарија сака однапред да создаде услови да може да се брани заедно со партнерски држави доколку биде нападната.
А што се случува со швајцарската неутралност?
Ова е особено значајно поради традиционалната швајцарска политика на неутралност.
Стратегијата не предвидува Швајцарија да стане членка на НАТО.
Но Берн сака швајцарските вооружени сили да бидат подобро подготвени за соработка со странски армии.
Официјалниот документ нагласува дека за заедничка одбрана е неопходна интероперабилност – способност различни армии да комуницираат, разменуваат разузнавачки информации и заеднички да дејствуваат во области како воздушната одбрана, сајбер-одбраната, логистиката и специјалните операции.
Во документот директно се забележува дека воените стандарди во Европа во најголем дел ги определува НАТО.
Швајцарската армија веќе има релативно високо ниво на интероперабилност во воздухопловството, специјалните сили и сајбер-командата, а стратегијата предвидува оваа способност дополнително да се проширува.
Швајцарија гледа многу поопасна Европа
Особено впечатливо е што ваквата промена доаѓа од држава која со децении е симбол на европската неутралност.
Швајцарија не објавува дека очекува непосреден напад врз својата територија. Новата стратегија, сепак, покажува дека Берн смета оти европската безбедносна средина суштински се променила.
Војната во Украина, хибридните операции, сајбер-заканите, саботажите, економските зависности и растечкото ривалство меѓу големите сили ја натераа земјата повторно да размислува за тоа како би функционирала во услови на голема европска криза.
Пораката од Берн е јасна: не е доволно само армијата да биде подготвена. Државата, економијата, инфраструктурата и општеството во целина мора да бидат способни да издржат сериозна криза.
И можеби најзначајно – Швајцарија сака да има реална способност за воена одбрана доколку најлошото сценарио некогаш стане реалност.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Знаеш дека е лошо кога и Швајцарија…
Швајцарија официјално ја менува својата безбедносна политика…
Дизелот станува новиот проблем на светската економија
Додека најголем дел од вниманието традиционално е…
Бугарија поставува антидронски системи околу критичната инфраструктура
Само неколку стотини километри од Македонија, Бугарија…
Следната недела може да биде една од…
Додека светот е фокусиран на Блискиот Исток,…
Германија ја подготвува целата држава за можен…
Германија мора да биде подготвена за сценарио…