Крај на „не знам колку ќе ти платам“ — откуп само со претходно објавена цена

t

Повеќе ред во откупот, поголема транспарентност на цените и дополнителна заштита за земјоделците предвидува Нацрт-законот за уредување на пазарите со земјоделски производи. Една од клучните промени е што организиран откуп ќе може да вршат само правни лица и трговци поединци запишани во посебен Регистар на откупувачи.

Законот како една од своите цели ја наведува потребата од „стабилизирање на пазарите на земјоделски производи“, но и „обезбедување подобар животен стандард на производителите на земјоделски производи“. Меѓу целите се и заштита на интересите на производителите и на потрошувачите, подобрување на квалитетот на земјоделските производи и подобро функционирање на домашниот и на надворешниот пазар.

Само регистрирани откупувачи
Според предложените правила, организиран откуп нема да може да врши кој било субјект.

– Организиран откуп на земјоделски производи може да врши правно лице или трговец поединец запишан во Регистарот на откупувачи на земјоделски производи.

Дополнително, откупувачот ќе може да купува само производи за кои е запишан во Регистарот. Регистарот ќе го води Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во електронска форма, а дел од податоците ќе бидат јавно достапни. Така, земјоделците ќе можат да проверат дали одреден откупувач е регистриран, за кои производи има дозвола за откуп и каде има пријавени откупни места.
Една од најважните новини е што откупот ќе мора да биде формализиран со договор.

– Откупот на земјоделски производи се врши врз основа на писмен договор – стои во Законот.

Тоа значи дека односот меѓу производителот и откупувачот треба однапред да биде регулиран, вклучително и начинот на формирање на цената и рокот за плаќање. Особено внимание е посветено на откупната цена. Таа може да биде однапред определен износ или да се пресметува врз основа на објективни показатели, индекси, референтни цени, квалитет, состав, количина, трошоци или други јасно утврдени фактори. Но, законското правило е јасно – методот мора да биде: „јасен, разбирлив, проверлив и достапен на договорните страни“.
Ако откупот се врши без однапред утврдена фиксна цена, откупувачот ќе мора пред почетокот на откупот на јасен и видлив начин да ја истакне цената или начинот на пресметување.
Новите услови ќе мора да бидат објавени пред да започне откупот по новата цена. Практично, производителот треба однапред да знае по која цена или според кој механизам ќе биде вреднуван неговиот производ.

За секој производ – документ за прием

При предавањето на производот, земјоделецот ќе добива документ за прием, во писмена или во електронска форма. Документот треба да содржи податоци за продавачот и за откупувачот, датумот и местото на прием, видот на производот, количината или тежината, а кога е применливо и за класата или квалитетот.

Ќе се наведуваат и цената или начинот на нејзино пресметување, вкупната вредност, рокот за плаќање и бројот на договорот. Ова е важен доказ за земјоделецот доколку подоцна настане спор околу количината, квалитетот, цената или исплатата. Откупувачите ќе мора да имаат исправна и соодветно заверена мерна опрема, односно вага. Кога цената зависи од класата, квалитетот или составот, тие параметри ќе мора да се утврдуваат објективно.

Во законот стои: Откупните места ќе мора да ги исполнуваат и минималните технички, хигиенски, ветеринарни и фитосанитарни услови. Откупувач со неплатени долгови може да биде проблем. За регистрација ќе се бара откупувачот да нема доспеани и неизмирени обврски кон земјоделски производители по основ на откуп, доколку тие се утврдени со правосилна судска одлука или друга извршна исправа.

Откупувачот исто така ќе мора да биде регистриран за соодветна дејност и да има простор, опрема и капацитети потребни за прием, мерење, класирање, чување или складирање. За одредени земјоделски производи кај кои постои поголем ризик од ненавремена исплата, Владата ќе може да воведе обврска за докажување финансиска способност на откупувачот.

Тоа може да се докажува со банкарска гаранција, потврда од банка за обезбедени средства, кредитна линија, осигурување на плаќањето или друг соодветен финансиски инструмент.
Притоа, висината на обезбедувањето треба да биде сразмерна со планираните количини, пазарната вредност и проценетиот ризик и „не смее да претставува неоправдана пречка за пристап на пазарот“.

Кој ќе контролира?

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе ја креира политиката, ќе ги подготвува мерките и ќе ги води регистрите. Агенцијата за финансиска поддршка ќе ги спроведува мерките за финансиска поддршка, ќе одлучува по барањата и ќе врши исплати и финансиски контроли. Инспекцискиот надзор ќе го врши Државниот инспекторат за земјоделство, додека Агенцијата за храна и ветеринарство ќе ги врши официјалните контроли за безбедност и квалитет на храната во рамките на своите надлежности. Законот предвидува и жалбена постапка, при што во повеќе случаи рокот за жалба е 15 дена.

Новите правила нема да важат за непосредната продажба од земјоделско стопанство на краен потрошувач, продажбата на мало, саеми и други повремени настани, како и директната интернет-продажба до крајниот потрошувач. Посебни правила ќе важат и за тутунот, за винското грозје, за суровото млеко и за другите производи за кои веќе постојат посебни закони.

Целта на новата регулатива е да се воспостави систем во кој производителот однапред ќе знае со кого склучува договор, каде го предава производот, и како ќе биде измерен и класиран.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Крај на „не знам колку ќе ти…

Повеќе ред во откупот, поголема транспарентност на…

Трамп: Европа штотуку се согласи да ослободи…

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Европа…

Вучиќ: „Со големо внимание го следиме јакнењето…

Александар Вучиќ, носител на листата „Обединета Србија“…

Наскоро Прилеп и Битола ќе добиат „Sаfе…

Наскоро Прилеп и Битола ќе добијат „Safe…