Објавено на:

Лажен полицаец 18 месеци работел заедно со вистинските на аеродромот „Брник“

t

Извештајот на словенечкото Министерство за внатрешни работи за случајот со лажниот полицаец на аеродромот „Брник“ открива низа стручни пропусти и неправилности во полицијата, поради кои цивилно лице година и пол можело да учествува во полициски постапки.

Надзорот врз работата на Полициската управа Крањ го наредил поранешниот министер за внатрешни работи Бранко Злобко. Извештајот на Директоратот за полиција и други безбедносни задачи, до кој дошол словенечкиот весник „Вечер“, на повеќе од 50 страници открива низа стручни пропусти, пропуштени можности и системски слабости кои му овозможиле на цивилот да врши полициски активности на аеродромот.

Во извештајот се наведува дека можело да дојде до неовластен пристап до обезбедени подрачја, па дури и до загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај. Загрозена можела да биде и безбедноста на полициската работа и самите полицајци, бидејќи полицијата не реагирала правилно и доволно брзо откако добила информација дека на „Брник“ дејствува лажен полицаец.

Првата информација дека лице се претставува како полицаец, користи полициски овластувања и носи оружје била заведена во полициската евиденција на 30 септември 2025 година. Таа била оценета како вистинита и веродостојна, а поради чувствителноста била достапна само за ограничен број полицајци.

Сепак, во полицијата не била покрената постапка за внатрешна безбедност, ниту пак за случајот било информирано раководството на криминалистичката полиција, кое можело да нареди дополнителни проверки.

Втора информација за лажниот полицаец претпоставените ја добиле на 9 октомври. Во меѓувреме, тој продолжил да дејствува.

Препознаен на фотографии од несреќа на аеродромот

Лажниот полицаец бил препознаен на 15 октомври во Полициската станица на аеродромот „Брник“, откако бил забележан на фотографии од несреќа на аеродромот, каде што учествувал во обезбедувањето на местото на настанот. Тој бил уапсен.

Бил облечен во облека слична на полициска униформа. При безбедносниот преглед во полициската станица кај него, меѓу другото, биле пронајдени фалсификувана службена полициска легитимација, гасен пиштол и бележник во кој ги запишувал своите постапки.

Токму бележникот открил дека од април 2024 до септември 2025 година учествувал во најмалку 16 официјални полициски постапки. Се движел и во административниот дел од полициската станица, каде што поради обработка на доверливи податоци важи режим на ограничен пристап.

Пропусти и при неговото приведување

Надзорот открил и дека на лажниот полицаец не му била одземена слободата врз соодветна правна основа и дека документацијата не била правилно пополнета.

Поради одлуката на дежурниот полициски службеник во Полициската управа Крањ, Специјализираното државно обвинителство и крањскиот окружен обвинител, кај него не бил извршен ниту претрес во домот, а не биле одземени ни електронските уреди.

Специјализираното државно обвинителство го презело случајот дури на 5 ноември, додека Полициската управа Крањ документацијата му ја доставила девет дена подоцна. И ова надзорниот тим го оценил како неправилност.

Пропусти имало и кај полицајците од аеродромската полициска станица „Брник“, кои не забележале низа предупредувачки знаци.

Неговата опрема, која ја набавил преку интернет-порталот „Bolha“, се разликувала од опремата што ја користат вистинските полицајци. Претходно работел како обезбедување на аеродромот, поради што добро ги познавал полицајците и нивната работа.

Пред нив се претставил како помошен полицаец. Двапати се пријавил и на оглас за вработување и за запишување на полициско образование, но не бил примен.

Казнет и вистински полицаец кој соработувал со него

Полицаецот за кој се утврдило дека соработувал со лажниот полицаец добил предупредување пред отказ.

Во март годинава, тој бил отпуштен од работа, бидејќи, според наводите на полицијата, лажно ја навел причината за оштетувањето на службено возило.

Од полицијата за „Вечер“ потврдиле дека предупредување пред отказ добил и командирот на Полициската станица на аеродромот „Брник“, Јуре Лешњак, кој и понатаму останува на функцијата, како и уште неколку службеници.

Вршителот на должноста генерален директор на полицијата, Даниел Лорбек, по преземањето на функцијата го сменил директорот на Полициската управа Крањ, Урош Повалје, и ги презел мерките предложени во конечниот извештај од вонредниот надзор.

Од полицијата, сепак, за СТА изјавиле дека смената на директорот на Полициската управа Крањ не била директно поврзана со случајот со лажниот полицаец, туку пред сè со подобрување на организацијата.

Министерството предлага, меѓу другото, воспоставување сигурни и ефикасни системи за обработка на оперативни информации, постапување по кривични дела, спроведување на внатрешно-безбедносни постапки и работење на полицијата.

Се предлага и да се спречи или намали препродажбата на полициска опрема на пазарот.

Од Специјализираното државно обвинителство за „Вечер“ потврдиле дека обвинителска одлука е донесена против еден полицаец и против лицето кое се претставувало како полицаец. Не откриле каква е одлуката.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Лажен полицаец 18 месеци работел заедно со…

Извештајот на словенечкото Министерство за внатрешни работи…

Од денеска нови правила во ЕУ за…

Во Европската Унија од денеска на сила…

Гужви на границите: На Табановце и Богородица…

Сообраќајот на државните патишта во земјава утрово…

Истанбул го симна Хитроу од европскиот врв…

Лондонскиот Хитроу ја загуби позицијата на најпрометен…

Намерно подметнат пожар кај депонијата во Ново…

Пожарот што вчера околу 13:30 часот избувнал…