МВР и Обвинителството истражуваат како Ива Михајлова ја напуштила земјава
Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство проверуваат како Ива Михајлова од Кочани, обвинета во судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици, успеала да замине во Бугарија и покрај активната судска забрана за напуштање на државата и одземениот пасош.
Иако Михајлова била ставена на стоп-листата на МВР, проверките во системот за гранична контрола покажале дека нема евидентиран нејзин излез од Македонија. Дополнителни проверки биле направени и преку Заедничкиот контакт-центар со Бугарија, при што бугарската гранична полиција информирала дека нема регистриран легален влез на Михајлова на бугарска територија.
Според Обвинителството, уште на 9 октомври 2025 година на Михајлова ѝ биле определени мерки за обезбедување присуство во текот на судската постапка, меѓу кои и забрана за напуштање на државата. Една од причините за определување на мерките бил ризикот од бегство.
Во меѓувреме, Михајлова се наоѓа во Софија, каде што, според информациите објавени во бугарските медиуми, е сместена на Одделот за неврохирургија во болницата „Пирогов“.
Таа тврди дека македонско-бугарската граница ја преминала легално, користејќи македонска и бугарска лична карта.
Нејзиниот адвокат Димитров, исто така, тврди дека преминувањето на границата било законско и дека граничните службеници знаеле за кого станува збор. Сепак, не открил преку кој граничен премин влегле во Бугарија.
Случајот предизвика реакции и од македонските институции. Министерството за правда порача дека владеењето на правото подразбира еднаквост пред законот, почитување на судските одлуки и доследно спроведување на правните процедури.
Оттаму нагласија дека националната припадност и државјанството не смеат да бидат основа за привилегиран третман или различна примена на законите.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија најави дека за случајот ќе ги информира меѓународните партнери, особено институциите на Европската Унија и Советот на Европа. Од Министерството очекуваат Бугарија, како членка на ЕУ, да ги почитува судските постапки и принципите на меѓудржавна правна соработка.
Реагираше и опозициската СДСМ, која побара политичка одговорност и оставка од министерот за внатрешни работи.
Засега останува неодговорено како Михајлова ја преминала границата доколку за неа важела активна судска забрана и зошто за нејзиното заминување нема евиденција во граничните системи на двете држави.
Неизвесно е и дали ќе се врати во Македонија за да присуствува на следното судско рочиште, закажано за 9 ноември.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
МВР и Обвинителството истражуваат како Ива Михајлова…
Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство…
МНР го повика бугарскиот амбасадор поради пречекот…
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија…
(Документ+Видео) Ова е докторот кој овозможи бегство…
Бугарската држава организирајќи го бегството на Ива…
Вештачка интелигенција „чита“ мозочни снимки и реконструира…
Научници развија систем со вештачка интелигенција кој…
Судење за „Пулс“: Пожарникарите затекнале блокиран влез…
Според неговото сведочење, уште при пристигнувањето просторот…