Митева: Владата формира Национален комитет за заштита и безбедност на новинарите, до 15 декември 2026 година ќе се изработи Акциски план
Право што секоја власт има обврска да го почитува и да го штити е слободата на изразување и заштитата на новинарската професија. Тоа е принцип од кој треба да тргнува секоја демократска институција.
Токму затоа, сакам да ве информирам дека Владата на денешната седница донесе одлука за формирање Национален комитет за заштита и безбедност на новинарите.
Станува збор за значајна институционална одлука со која се воспоставува организиран механизам за координација меѓу надлежните државни институции и медиумските организации, чија основна цел е унапредување на безбедноста на новинарите, превенција од закани и напади и создавање услови за слободно и непречено извршување на новинарската професија.
Сакаме ова прашање да добие континуиран институционален третман, со јасни обврски и конкретни механизми за постапување. Безбедноста на новинарите не смее да биде тема само доколку се случи инцидент, обврската на институциите е да дејствуваат навремено, да ги препознаваат ризиците и да обезбедат соодветна заштита.
Националниот комитет ќе има задача да ја следи состојбата со безбедноста на новинарите, да ја унапредува соработката меѓу институциите и медиумската заедница и да изработи Национален акциски план за заштита и безбедност на новинарите најдоцна до 15.12.2026 година, во согласност со европските стандарди и меѓународните препораки.
Планот ќе се темели на четири суштински области: превенција, заштита, ефикасно гонење на сторителите и промоција и едукација.
Во делот на превенцијата, акцентот ќе биде ставен на медиумскиот плурализам, институционалната поддршка и дијалогот со медиумите. Во делот на заштитата, предвидено е развивање механизми за итна реакција, полициска и правна поддршка, вклучително и заштита од закани во дигиталниот простор. Посебно значење ќе има ефикасното постапување во случаите на напади и закани кон новинарите, преку соработка со надлежните органи за спроведување навремени истраги и соодветно санкционирање согласно законските надлежности. Четвртиот сегмент ќе биде насочен кон едукација, обуки и активности се со цел за подигање на јавната свест за значењето на новинарската професија.
Предвидено е во Комитетот ќе учествуваат претставници на Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Министерството за дигитална трансформација, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Академијата за судии и јавни обвинители, Македонската радио-телевизија и Здружението на новинарите на Македонија.
Комитетот ќе ја поддржи и националната примена на кампањата „Новинарите се важни“ којашто е кампања на Советот на Европа, со што оваа активност се поврзува со пошироките европски напори за унапредување на слободата на медиумите како и безбедноста на медиумските работници.
Почитувани,
Оваа одлука има и пошироко значење за начинот на кој институциите треба да го разбираат сопствениот однос кон медиумите.
Власта има право да одговори на критика, да ги образложи своите политики и аргументирано да ги оспори информациите што ги смета за неточни. Но, таа одговорност мора да ја остварува со факти, транспарентност и институционална комуникација, а не со притисоци врз оние што поставуваат прашања.
Треба да бидеме свесни дека довербата меѓу институциите и медиумите се гради преку достапност на информации, одговори на легитимните прашања и доследно почитување на правото на јавноста да биде информирана.
Како Влада сакаме посебно да се стави фокусот на новинарите кои секојдневно работат на терен, кои истражуваат теми од јавен интерес, кои известуваат во сложени околности затоа што нивната професионална безбедност не смее да зависи од темата за која известуваат или од тоа дали нивните прашања и објавени информации некому му одговараат.
Институционалната заштита мора да биде еднаква за сите новинари, без селективност и без никакви разлики.
Почитувани новинари,
Вие имате право да прашувате, ние имаме обврска да одговараме. Вие имате право да ја преиспитувате работата на институциите, ние имаме обврска да ја образложиме. И кога нашите ставови се различни, тоа никогаш не ја намалува вредноста на професионалниот дијалог, туку ја потврдува неговата неопходност.
Нашата определба како Влада е јасна, институциите мора да бидат отворени за јавноста, слободата на изразување да биде почитувана, а секој новинар да има можност својата работа да ја извршува професионално.
Ви благодарам.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Митева: Владата формира Национален комитет за заштита…
Право што секоја власт има обврска да…
БРИТАНИЈА ИЗДАДЕ БЕЗБЕДНОСНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ЗА 15 ЗЕМЈИ:…
Велика Британија издаде безбедносни предупредувања за своите…
Данска и Шведска ги критикуваат Финска и…
Ретко покажување на неединство се појави меѓу…
ПОДНЕСЕНА ИНИЦИЈАТИВА ЗА ЗАБРАНА НА ЕМИТУВАЊЕТО НА…
Поради долгогодишно кршење на медиумските закони и…
Контролори од УЈП примале часовници и очила…
Обвинение за даночни контролори и инспектори од…