Мицкоски: Реалната нето-плата пораснала за 5,2 отсто, но потребно е дополнително зголемување
Реалната нето-плата во Македонија бележи годишен раст од 5,2 отсто, што според премиерот Христијан Мицкоски претставува позитивен економски показател, особено во услови на неизвесност и предизвици во регионот и светот.
При денешната посета на Делчево, одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски се осврна на најновите податоци на Државниот завод за статистика за просечната нето-плата во септември.
Тој оцени дека забележаниот раст е охрабрувачки, но призна дека зголемувањето на платите сè уште не е доволно за задоволување на потребите на граѓаните.
„Дали е тоа доволно? Јас би рекол дека не е. Дали треба уште? Треба. Но, имајќи ги предвид сите овие предизвици, ценам дека навистина резултатот е добар, би рекол многу добар“, изјави премиерот.
Мицкоски објасни дека реалната нето-плата го покажува растот на заработувачката приспособен за инфлацијата, односно промената на куповната моќ на граѓаните.
Во своето обраќање тој направи споредба меѓу септември 2022 и септември 2026 година, посочувајќи дека двата периода се карактеризираат со значителни економски и енергетски предизвици.
Според податоците што ги презентираше премиерот, во септември 2022 година реалната нето-плата бележела годишен пад од пет отсто, додека во септември годинава е регистриран годишен раст од 5,2 проценти.
Мицкоски ваквата разлика ја поврза со економските политики на актуелната и претходната влада, оценувајќи дека сегашните показатели упатуваат на подобрување на состојбата.
Тој нагласи дека и покрај позитивните резултати, остануваат бројни предизвици, особено во однос на животниот стандард и потребата од натамошно зголемување на приходите.
„Дали е тоа доволно, ќе речам повторно, не е. Дали треба повеќе? Треба. Но, имајќи ја предвид состојбата, сето она што се случува и во регионот и во светот, јас сум многу задоволен од тоа во која насока се движат првичните индикатори“, истакна Мицкоски.
Премиерот изрази уверување дека економската состојба во наредните три години дополнително ќе се подобрува, нагласувајќи дека фокусот на Владата останува насочен кон реализација на проекти и подобрување на животниот стандард.
Тој упати и критики кон начинот на работа на претходната власт, тврдејќи дека актуелната Влада покажува поголема посветеност на економските прашања и интересите на граѓаните.
Според Мицкоски, и покрај сложените меѓународни околности, досегашните економски показатели даваат основа за оптимизам и очекувања за натамошен раст на платите.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Левица: Економскиот раст на Мицкоски е статистичка…
Фалбите од собраниска говорница, на Христијан Мицкоски…
Трендафилов: 260.000 од 530.000 работници се со…
260.000 од 530.000 работници се со плата…
(Видео) Работниците бараат 600 евра минимална плата,…
Сојузот на синдикати на Македонија денеска го…
СДСМ: Скопје се гуши, Мицкоски и неговите…
Скопје со денови е задушено во чад.…
Ќе побара ли Мицкоски одговорност од Претседателот…
Скопје е задушено во чад поради горењето…