Никовски: Мојсов не прифати да и помогне на Македонија, од здравствени причини

t

Во „Нова Македонија“, од 24 февруари 2022, беше објавен текст на Коста Стоименовски, под наслов – „Кој е одговорен што Македонија се најде во оваа ситуација“. Текстот изобилува со неточности и не прецизности и затоа испратив реакција до весникот бидејќи лично бев вклучен во дел од настаните кои некомпетентно се коментираа и изворно знам што се случуваше и за другите. За жал, на сметка на вистината на која секако имаат право нејзините читатели, „Нова Македонија“ не ја објави реакцијата. Со оглед дека пласираните невистини од Стоименовски не смеат да останат не демантирани, реакцијата ја објавувам во infomax.mk. Таа гласи:

Се гледа дека авторот не ги знае фактите, ама се расфрла со оценки, коишто немаат врска со вистината.

1. Не е точно дека Македонија поднесе барање за прием во ООН – „… дури на почетокот на јануари 1993 година. Очигледно некому не му одговараа осамостојувањето и признавањето на Македонија“. Датумот е неточен а заклучокот е измислен и тенденциозен. Факт е дека Собранието донесе Одлука за стапување на Македонија во ООН, под бр. 08-3157/1, на 29 јули 1992 година. Следниот ден, на 30 јули 1992 година, претседателот Глигоров упати писмо до генералниот секретар на ООН, со барање за прием во светската организација. Во архивата на ООН, писмото е регистрирано под бр. А/47 876, С/25147. Не треба да се заборава дека за членството решава СБ на ООН а ниту една од неговите постојани членки се’ уште ја немаше признаено Македонија. Глигоров го поднесе барањето иако странските совети беа дека е рано. Како резултат, тоа беше задржано во фиока се до декември 1992 година, кога беше пуштено во процедура. Тоа секако не беше одлука на генералниот секретар, Бутрос Гали, туку на главниот фактор на ООН, а тоа се без сомнение САД.

2. Чиста измислица е дека – „Најголема грешка на македонскиот политички врв беше што не ја прифати понудата на светски познатиот македонски и југословенски дипломат, Лазар Мојсов, да и помогне на Македонија околу признавањето и нејзиното меѓународно етаблирање“. Прво, Мојсов не се понуди да помогне. Второ, во ноември 1992 година, како потсекретар на МНР (МОС, во тоа време), апсолутно на сопствена иницијатива, подготвив списокот од 15 поранешни познати и признати македонски амбасадори во југословенската дипломатија, со цел да ги ангажираме да помогнат во признавањето на земјата. На првото место беше Лазар Мојсов, како недискутабилно наша тогашна врвна не само дипломатска туку, по многу што, и политичка личност. Следуваа Димче Беловски, веројатно најдобриот амбасадор што Југославија некогаш го имала во САД; Илија Топаловски, кој најмногу пати беше амбасадор; Коле Чашуле, кој имаше врски во Латинска Америка; и уште 11 други, помалку познати во јавноста. Предлогот му го дадов на тогашниот министер, Денко Малески, кој се сложи со иницијативата и истиот ден му го однесе на Глигоров. Факт е дека претседателот, без никакво колебање, веднаш ја прифати листата и даде налог да се реализира.

Во Белград, каде што живееше Мојсов, за да разговара околу неговиот можен ангажман, отиде лично Малески. Мојсов не прифатил заради здравствени причини. Години потоа, медиумите пренесоа дека при промоција на книга на Мојсов во Скопје, на прашање од новинар, тој изјавил дека никој не побарал помош од него, а не дека се понудил. Ова се фактите. Добар дел од другите амбасадори беа ангажирани.

3. Надвор од умот се фантазиите дека можеше да помогне претседателот на САД, Џорџ Буш Постариот, којшто беше пријател со Мојсов. На 8 април 1992 година, Буш одговори на писмото на Глигоров, со коешто тој бараше признавање на Македонија. Буш го одби признавањето, со образложение – „… чувствителни сме околу загриженоста изразена од Грција, која е пријател и сојузник на САД. САД … и ЕЕЗ (ЕУ) ќе продолжат интензивно да дејствуваат за итно разрешување на преостанатите прашања меѓу Грција и Македонија, ШТО ЌЕ ОВОЗМОЖИ САД ДА И ДОДЕЛИ ПРИЗНАВАЊЕ НА МАКЕДОНИЈА“. САД ја признаа Македонија на 9 февруари 1994 година, речиси две години по признавањето на Словенија, Хрватска и БиХ.

4. Самитот на НАТО во Букурешт, не се одржа во април 1998 година туку десет години подоцна, во 2008. Апсолутно е неточно дека – „… со апсурдниот проект за антиквизација беше зајакната меѓународната позиција на Грција, што дојде до израз на самитот на НАТО во Букурешт“. Таканаречената „антиквизација“, израз којшто ни го подметнаа Грците, а нашите аматери и не добро намерници, веднаш го прифатија, беше започната неколку години по самитот во 2008 година.

5. Целосно е погрешно дека – „… Џорџ Буш Помладиот го прими тогашниот македонски премиер, кој е единствен македонски политичар што е примен во Белата куќа“. Во Белата куќа беше примен претседателот Борис Трајковски а не наш премиер.

6. Не е точно ниту дека – „Југословенската народна армија започна да се повлекува од Македонија во средината на 1991 година, а по референдумот го забрза повлекувањето…“. Неспорен факт е дека повлекувањето на ЈНА започна по договорот Глигоров – Аџиќ, потпишан на 21 февруари 1992 година, и бргу заврши. Со подметнување, авторот се обидува да го минимизира овој договор и улогата на Глигоров, со кој се отвори патот за реална независност на Македонија.

Жалосно е кога заради лични фрустрации се прават обиди да се изместат историски факти.

Ристо Никовски
Февруари, 2022

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Христовото воскресение го одбележаа и Македонците во…

Стотина македонски верници синоќа го одбележаа Христовото…

Директорот на ЦИА итно оди во Доха,…

Делегацијата на палестинското милитантно движење Хамас вечерва…

МВР добило известување од косовската полиција за…

Министерството за внатрешни работи добило известување од…

(Фото) Трагедија: Поради семејно насилство мајка со…

Полицијата во Албанија соопшти дека мајка со…

Макрон го повика Нетанјаху успешно да ги…

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска го охрабри…