Прскалките кои го предизвикаа пожарот во дискотеката „Пулс“ биле купени од Бит Пазар
Горан Игновски, сопственик на продавницата „Чкаља“ ДООЕЛ под брендот „Де аудио“, денеска во судница изјави дека прскалките од кои настанал пожарот во дискотеката „Пулс“ не биле купени од неговата продавница. Игновски рече дека неговата опрема има домет од еден до два метра, додека прскалките што биле користени во дискотеката имале домет од повеќе од три метри, какви што се продаваат на Бит-пазар.
Продавницата на Игновски се наоѓа во Кисела Вода и нуди опрема за сценски ефекти, машини за конфети и балони, ладни и топли фонтани, машини за чад и прскалки кои работат на прашок или вода.
Сведокот појасни дека топлите прскалки работат со барут и имаат краток домет од еден до два метра, додека ладните прскалки се поголеми, со домет од неколку метри, и се поскапи.
– Досега сопственик на ресторан ретко купил таква работа, најчесто изведувачите си купуваат сами за своите настапи. Постојат топли и ладни фонтани. Топлите фонтани работат со барут, тоа се оние исти што се ставаат на тортите, го имаат истиот состав како прскалките што прскаат еден до два метра. Има фонтани за надворешна и за внатрешна употреба. Имаме набавувано куферчиња за активација на топлите фонтани, сме ги увезле легално. Примероци од тоа им дадовме на надлежните во истрагата за да ги вештачат. Начинот на активација е следен: се става патрон во кутија и во даден момент се активира со далечинско. Дискретни се, и може да се постават на пример, наутро, а да се вклучат навечер. Ладните фонтани се големи кутии, 30 на 20 и се доста видливи на сцена, тие се поисплатливи да се користат, ама уредот е скап да се купи, па повеќето ги користат топлите фонтани, рече Игновски.
Обвинителот праша која е функцијата на куферчињата и од каде ги набавуваат.
– Тие куферчиња ги увезовме легално од Кина, ги продававме во продавницата. Тие не се користат само за прскалки, се користат и за балони, за активација на прашок за откривање на пол на бебе, имаат повеќе намени. Се користат и за активација на топли фонтани. Куферчињата имаат 8 бази, одеднаш може да се активираат 8 прскалки. Постојат и со 12 и со 4 бази, ние увезувавме од тие со 8. Имаат две далечинско внатре, може да се палат две по две, може и сите наеднаш, според желбата на тој што ги активира. Процесот на активација е следен: се става патронот во уредот, има две живи и батерија од 9 волти. Останува во стенд бај сѐ додека не се стисне далечинското. Може да се активираат и од 50 до 100 метри далечина. Тој што ракува треба да знае за каде му требаат, постојат патрони што прскаат еден метар, два метра. Имаат барутно полнење, со магнезиум и со алуминиум, затоа светкаат кога горат – рече сведокот.
Цената на тие куферчиња е по 150 евра, 9,000 денари. Ги продавале 3-4 години, сѐ до пожарот. Ладните прскалки чинат 30.000 денари.
– Ладните не ги купуваат толку, оти се поскапи, а за да се направи ефект треба неколку такви, рече сведокот.
Обвинителот го праша сведокот дали познава некого од ДНК и дали некој од групата купувал од кај него опрема за сценски ефекти.
– Го познавав Панчо. Тој пред 3 години купи куферче од кај мене. Потоа, по некое време, се јави некој дечко, за да купи патрони за прскалки. Јас имав 8 парчиња и им ги продадов и тоа беше. Пред 3 години беше тоа, рече сведокот.
Обвинителот праша дали му објасниле на купувачот како се користи опремата.
Куферчето го купи Панчо. После неколку дена се јави едно лице што пелтечеше, подоцна дознав дека се вика Мартин Буцо, тој ги купи прскалките. Тоа беше одамна и после тоа никој од нив не се јавил да купи патрони – рече сведокот.
Обвинителот праша дали кај него се продаваат патрони за топли прскалки.
– Не, тоа е нелегално, јас ги имав набавувано од Бугарија, каде има две фабрики. За да ги купам ми требаа многу дозволи и складиште за чување, беше многу скапо. Ќе дојдеше по цена од 1.000 денари еден патрон и тоа беше неисплатливо и престанав да ги продавам – рече сведокот.
Тој рече дека топлите прскалки кои претходно ги продавал, ги набавувал од Бугарија, од фирмата „Тропик“. Купил мала количина, лично ги донел.
– После тоа не набавував, треба многу документи и не купував понатаму. Има и многу нелојална конкуренција, ги има на Бит-пазар итн. Мене примарна дејност не ми се прскалки и престанав. Ги донесов од Бугарија со возило, ги продадов по 500 денари една, а на Бит-пазар беа по 300 денари. Ги донесов пред 3 години, немам материјален траг за продажбата, оти не беа легални, нема фискална за тоа. Повеќе ги зедов за демонстрација, самиот употребив неколку – рече сведокот.
Тој додаде дека еден ден му се јавил Панчо за да земе прскалки, ако има, му рекол дека има 8 патрони.
– Мартин дојде, ги зеде и тоа беше. Ова беше пред две и пол години. Јас му објаснив на Панчо, а на Мартин како да го наместат патронот каде да се стави жицата и сл. Нема голема филозофија околу местењето – рече сведокот.
Тој рече дека немал соработка со клубот во Кочани и дека не ни знае каде се наоѓа. Но додаде дека соработувал со Стево Манасиев Штеф, кој има фирма за озвучување „Алфа саунд“. За жал и тој е еден од повредените во пожарот, а двајца негови вработени вечерта загинаа во пожарот, рече сведокот.
Тој нагласи дека прскалките Мартин ги зел година и пол пред пожарот. Сведокот го опиша изгледот на Мартин и потврди дека го видел од сликите на починатите во пожарот.
Тој рече дека прскалките ги купил на пазар во Илиенци. Рече дека не знае дека по настанот е пронајдена опрема под наслов „Тропик“.
Обвинителот го праша врз основа на што смета дека прскалките што го предизвикале пожарот не се купени од кај него.
– Јас доставив видеа дека ДНК на секој настап користат бели прскалки. Година и пол пред настанот немав никаков контакт со никого од ДНК. Тие за концертите употребиле 100 прскалки, веројатно не ги чувале моите сѐ до пожарот во „Пулс“ – рече сведокот.
Тој рече дека исто куферче со 8 прскалки какво што купил Панчо од кај него ѝ дал на полицијата за да се испита сѐ.
На прашањето дали ги видел видеата од пожарот, сведокот опиша:
– Да. Тој домет вечерта беше повеќе од 3 метри. Да користеа со домет од метар или два немаше да настане пожар. Тие со 3 метри домет ги има на Бит-пазар. Јас имав донесено само со домет од метар или два, за внатрешна употреба и не сме купувале со домет до 3 метра, кои се за надворешна употреба – рече сведокот.
Тој потврди дека на кутиите пишува колкав е дометот и дека има и упатство за употреба.
– На топлите прскалки не се става рака, може да ве изгори, а на ладните може да се стави рака и нема да ве изгори – рече сведокот Игновски.
Тој рече дека не го познава лицето Денис Даутовски.
– По порталите читав дека и тој купувал пиротехника во продавниците за ДНК и дека 6 месеци пред пожарот заминал во Германија. Не го познавам – рече тој.
Извор: 4news.mk
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Прскалките кои го предизвикаа пожарот во дискотеката…
Горан Игновски, сопственик на продавницата „Чкаља“ ДООЕЛ…
Не признаа вина полицајците обвинети за „Пулс“
Тројца полицајци, кои се обвинети дека правеле…
Црвениот крст исплати 11,2 милиони денари на…
Црвениот крст на Македонија на 27 февруари…
Со тродневна програма ќе се одбележи годишнината…
Кочани од 14 до 16 март со…
Семејствата на загинатите во Пулс ќе можат…
Во врска со трагичниот настан - Пожар…