Родригез: Венецуела ја задржува сопственоста и суверенитетот над своите ресурси
Вршителката на должноста претседател на Венецуела, Делси Родригез, во саботата изјави дека земјата ќе го задржи „суверенитетот“ над своите нафтени ресурси и покрај новиот договор со САД, кој на Вашингтон му овозможува значителен пристап до резервите на јужноамериканската земја.
„Едно нешто мора да биде апсолутно јасно: Венецуела ја задржува сопственоста и суверенитетот над своите ресурси“, рече Родригез во говор емитуван на државната телевизија.
Според условите на договорот, кој во петокот го објави американскиот претседател Доналд Трамп, САД ќе преземат контрола врз 65 милијарди барели нафтени резерви на Венецуела.
Според Родригез, договорот предвидува и „развој на 17 стратешки нафтени полиња“, како и инвестиции од „повеќе од 100 милијарди долари“ и повеќе од 209 милијарди долари даночни приходи за државата.
Родригез вели дека целта е подземните ресурси на Венецуела да се претворат во „извор на социјална и економска благосостојба за народот на Венецуела“.
Сепак, дел од критичарите ја обвинуваат владата за недостиг на транспарентност во врска со договорот, а на социјалните мрежи се поставуваат прашања и за тоа дали договорот навистина ќе им донесе корист на Венецуелците.
Договорот доаѓа по повеќе од една деценија во која Венецуела се соочува со тешкотии во привлекувањето инвестиции, во услови на длабока економска криза во земјата.
Некои аналитичари сега ја поздравија улогата на САД како „гарант“ на инвестициите во Венецуела, која ги има најголемите докажани нафтени резерви во светот.
„Без ова, овие полиња нема да бидат развиени во следните 10 или 15 години“, изјави за АФП Освалдо Фелизола, професор на Институтот за напредни студии по администрација (IESA), додавајќи дека државната енергетска компанија „Петролеос де Венецуела“ нема финансиски средства за тоа.
Производството на нафта во Венецуела се зголемило за 29,8 отсто во периодот од јануари до јули, достигнувајќи 1,2 милиони барели дневно, иако и натаму е значително под нивото од три милиони барели дневно, колку што се произведувало пред 25 години.
Родригез воведе реформи во рударскиот и нафтениот сектор со цел да го олесни приливот на приватен и странски капитал, додека Вашингтон ги ублажи санкциите врз нафтениот сектор на Венецуела.
Американскиот државен секретар Марко Рубио на мрежата „Икс“ го поздрави договорот како „голема победа и за американскиот и за венецуелскиот народ“.
„Тоа покажува како смелата надворешна политика на претседателот Трамп носи победи во интерес на Америка: обезбедување стабилни резерви и евтина нафта во нашата хемисфера и намалување на цените на бензинот дома“, напиша Рубио.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Родригез: Венецуела ја задржува сопственоста и суверенитетот…
Вршителката на должноста претседател на Венецуела, Делси…
Трамп: Нафтата е подарок од Венецуела за…
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека…
САД постигнаа договор со Венецуела за контрола…
САД постигнаа договор со Венецуела за контрола…
Трамп: Со Венецуела е постигнат „најголем договор…
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД…
Венецуела половина од произведената нафта ја испорачува…
Околу половина од нафтата што моментално се…