Рокас: Покажавте капацитет за спроведување на реформите
Амбасадорот на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас, денеска порача дека ЕУ останува целосно посветена на европската перспектива на Северна Македонија и нема никакво сомневање дека на државата се гледа како на идна членка на Унијата.
-Не треба да имате никакво сомневање дека Европската комисија е целосно посветена да ја види вашата земја како полноправна членка на ЕУ, рече Рокас, обраќајќи се на седница на Националниот совет за евроинтеграции, посветена на клучните аспекти на процесот на европска интеграција.
Тој истакна дека процесот на проширување е во полн ек и дека секојдневно се бележат нови позитивни случувања. Рокас посочи дека во изминатиот период биле одржани повеќе меѓувладини конференции со Албанија, Украина, Молдавија и Црна Гора, при што биле отворени нови и затворени повеќе преговарачки поглавја. Според него, тоа претставува нов момент во политиката на проширување на ЕУ, а особено е видлив напредокот што го постигнува Црна Гора.
Осврнувајќи се на дебатите во Европската Унија за проширувањето, Рокас нагласи дека биле анализирани и финансиските аспекти на процесот. Тој посочи дека, според изработена студија за случајот на Црна Гора, трошоците за проширувањето би изнесувале помалку од едно евро дневно по граѓанин, што, како што рече, покажува дека процесот е финансиски одржлив.
-Франција и Германија беа двигатели на оваа иницијатива, а целта е заедничка за сите: да се забрза процесот на пристапување, да се исполнат сите неопходни предуслови, но истовремено и земјите кандидати постепено да добијат поголем пристап до внатрешниот пазар на ЕУ. Токму затоа, паралелно работиме и на тој процес – рече Рокас.
Осврнувајќи се на земјава, Рокас оцени дека покажала капацитет за спроведување реформи. Тој ја поздрави работата на Собранието и донесувањето на повеќе закони, додавајќи дека со поддршка на Делегацијата на Европската Унија институциите можат успешно да се подготват за пристапување во Унијата.
-Без двоумење можам да кажам дека земјата покажа дека има капацитет да спроведува реформи. Би сакал да ја поздравам работата што е завршена во Собранието, особено во однос на законите што се донесуваат во овој дом. Секако, со поддршка на Делегацијата на Европската Унија, сметаме дека успешно можеме да ве подготвиме за пристапување кон ЕУ – додаде Рокас.
Нагласи дека постојат три клучни области на кои земјата треба да остане посветена, а една од нив е владеењето на правото. Рокас истакна дека во овие области не може да има компромис, бидејќи тие се основните критериуми врз кои се темели пристапниот процес.
-Предуслов за отворање на преговарачките поглавја е исполнувањето на строгите критериуми, особено во делот на владеењето на правото и нивната целосна имплементација. Тоа се стандардни процедури што важат за сите земји кандидати – истакна евроамбасадорот.
Тој нагласи дека владеењето на правото ќе остане главниот критериум според кој ќе се оценува напредокот на секоја земја-кандидат, а покрај законодавните реформи, неопходно е, како што рече, да се обезбеди професионална и ефикасна јавна администрација, како и да се пополнат испразнетите позиции во правосудството.
Рокас порача дека е особено важно судството да биде кадровски и финансиски зајакнато и ослободено од политички влијанија. Буџетот, рече тој, треба да обезбеди доволно средства за негово непречено функционирање, бидејќи ефикасното и независно правосудство претставува клучен предуслов за успешна евроинтеграција.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Рокас: Покажавте капацитет за спроведување на реформите
Амбасадорот на Европската Унија во земјава, Михалис…
Сиљановска: Убедени сме дека Македонија има многу…
Билатералните односи меѓу Македонија и Индија да…
Сиљановска-Давкова: Клучниот датум за проширувањето на ЕУ…
Клучен датум за иднината на процесот на…
Европратениците бараат побрза примена на планот за…
Европскиот комесар за одбрана и вселена, Андриус…
ЕУ бара САД да ослободат од царина…
Европската унија побара од Соединетите Американски Држави…