САД НАРЕДИЈА ЕВАКУАЦИЈА НА ДЕЛ ОД ПЕРСОНАЛОТ ОД САУДИСКА АРАБИЈА: Ракетни напади врз аеродромите, Вашингтон предупредува на нагла ескалација
Американскиот Стејт департмент наредил повлекување на дипломатскиот персонал кој не извршува итни функции и на членовите на нивните семејства од Саудиска Арабија, поради сериозни безбедносни ризици и ракетни напади врз критичната инфраструктура во земјата.
Според безбедносното предупредување на американската дипломатска мисија во Саудиска Арабија, објавено на 28 октомври 2026 година, наредбата стапила во сила уште на 23 октомври, во услови на зголемени непријателства меѓу Саудиска Арабија и јеменските Хути, кои имаат поддршка од Иран.
Во предупредувањето се наведува дека Хутите извршиле напади врз цивилни аеродроми и други објекти од критичната инфраструктура, предизвикувајќи цивилни жртви и сериозни нарушувања на воздушниот сообраќај.
Вашингтон посебно предупредува дека непријателствата можат брзо да ескалираат и да се прошират надвор од непосредно погодените области.
Американските службеници не смеат да користат аеродроми без специјално одобрение
Дополнителен показател за сериозноста на ситуацијата е одлуката американските владини службеници во Саудиска Арабија да мораат да добијат специјално одобрение од шефот на дипломатската мисија пред да користат кој било аеродром во кралството.
Оваа мерка е воведена по неодамнешните ракетни напади и нападите со беспилотни летала врз саудиските аеродроми.
Според информациите наведени во предупредувањето, воздушниот сообраќај функционира со значителни ограничувања.
Меѓународниот аеродром „Крал Калид“ во Ријад на 23 октомври најавил делумно обновување на операциите, ограничено на домашни летови и одредени меѓународни линии на националните авиопревозници. Дел од летовите се пренасочени кон аеродромот „Принц Наиф бин Абдулазиз“ во Касим.
Истовремено, аеродромот „Крал Абдулазиз“ во Џеда и аеродромот „Крал Фахд“ во Дамам продолжуваат со работа, но со доцнења и откажувања на дел од летовите.
Предупредување за нови напади и затворање на воздушниот простор
Американската дипломатска мисија ги предупредува своите државјани на можноста од дополнителни напади врз аеродромите, ненадејно затворање на воздушниот простор, масовни откажувања на летови и сериозни проблеми при патување.
На американските граѓани им се препорачува исклучителна претпазливост при користење на саудиските аеродроми и задолжителна проверка на статусот на летовите директно кај авиокомпаниите и аеродромските служби.
Одлуката за повлекување на дел од американскиот персонал претставува значајна дипломатска и безбедносна мерка во услови на растечки регионални тензии.
Иако предупредувањето не претставува најава за непосредна американска воена операција, тоа укажува дека Вашингтон проценува оти безбедносната состојба во Саудиска Арабија носи сериозни ризици за неговите службеници и нивните семејства.
Најголемата опасност, според американското предупредување, е можноста локалните непријателства брзо да прераснат во поширока регионална ескалација, со последици за цивилното население, воздушниот сообраќај и критичната инфраструктура.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
САД НАРЕДИЈА ЕВАКУАЦИЈА НА ДЕЛ ОД ПЕРСОНАЛОТ…
Американскиот Стејт департмент наредил повлекување на дипломатскиот…
Путин повлече потег што ја вознемири Европа:…
Русија соопшти дека успешно тестирала интерконтинентална балистичка…
Македонија гласаше против резолуцијата на ОН за…
Македонија е меѓу 17 земји што гласаа…
ПОСЛЕДЕН ОБИД ДА СЕ СОПРЕ НОВА ВОЈНА:…
Американскиот потпретседател Џеј Ди Ванс, по директна…
Патриотско друштво со предлог решение за студентскиот…
Гледам дека студентите бараат зголемување на субвенционираниот…