Светски икони – мода, филм, музика, стил (17.1) Курт Кобејн: Поп-рок божеството на генерацијата

t

Нирвана. Цвеќе. Парфеми. Кукли. Љубов.
(Реклама за Невермајнд)

Како Хамлет, морам да изберам помеѓу животот и смрта.
(Од проштална порака во Рим)

Митот за Курт Кобејн и денес е моќен. Тој имаше кратка музичка кариера, ама успеа да создаде армија фанови, која од година во година е се побројна. Инаку, неговиот живот се промени кога почнал да слуша панк-музика. Препознатлив беше по карактеристичниот звук кој го комбинираше панкот со хевиметалот. Во таа смисла да се навратам повторно на албумот Неврмајнд. Тој албум беше низа од бомбастични гренџ химни, како најсовршено чувство на Кобејн за поп музиката. Во него има еден вид музика на Битлси, помешана со мелодични секвенци на специфичниот глас на Кобејн. Многумина велат да можел Џон Ленон да ги чуе мелодиите од овој албум на Нирвана тој би бил горд на Кобејн и музиката што тој ја создал. За младите тоа беше моќна плоча со агресивна музика. Неврмајнд беше вистинско ремек-дело со универзална привлекувачка моќ. Ги задоволуваше вкусовите на широк круг на слушатели и фанови. Музички квалитет, во вистински време и на право место.

Носечката нумера ‘’Мириса на тинејџерски дух’’(Smeells Like Teen Spirit), цели токму на суштината, на тоа чувство на одвоеност, а токму тој филинг се провлекува низ целиот албум. Тоа е обраќање на фрустираната генерација која се давеше во културното ништовило на околината. Фасцинантен беше носечкиот гитарски риф на оваа музичка химна, при што магијата се состоеше во начинот на кој Кобејн ја гради мелодиската линија преку едноставна основа. Тука не треба да се заборави и разорната моќ на спектарот на динамичкиот набој, од шепот на строфата, до грмотевица на децибели во рефренот.

Сепак, тоа што новата песна на Кобејн ја претвори во нова химна на цела една генерација, беше текстот. Кобејн користи неколку крици од журките(‘’Load up on gus!’’, и ‘’Here we are now entertain as!’’). Потоа, во стил на Боб Дилан, си поигрува со братскиот поздрав(‘’Hello! ‘’) и констатацијата ‘’How low!’’, а и ги цитира двата најупотребувани зборови на генерацијата ‘’Whаtevr!‘’ и ‘’Nevermind ‘’. Кога на тоа ќе се додаде и незаборавниот видео-спот, приказната е целосна. Така едно име на дезодоранс за млади, прераснува во музичка химна на една разочарана и изгубена генерација.

Ставен во овој контекст, крикот на Кобејн, доби вистинска моќ, на крик на цела генерација, убиена во поим, не сфатена, и отфрлена на маргините на општествените збиднувања. Кобејн на младите им помогна да го отфрлат теророт на прераскажување на туѓата слава од минатото и да го надминат неинспиративното предвидување на сопствената иднина.
Албумот Невермајнд се искачи на врвот на сите топ-листи и таму остана долго време. Овој албум означи почеток на нов вид музика – алтернативен рок наречен гренџ. Кобејн на дело покажа дека е одличен музичар. Најважен елемент е тонот со кој со кој нирвана ја обележи музичката сцена на деведесетите години од 20от век. Таа музика беше оригинална и идејно богата. Во нејзиниот центар беше гласот на Кобејн, кој личеше на отворена рана, низ која се изразуваше чувствителноста на неговата тажна лирика. Поседуваше невидена промена и трансформација. Во еден момент се чини дека некој луд демон го распарчува неговиот глас, додека во друг момент тој веќе пее мелодија слична на песните на Џон Ленон. Ретко може да се слушне ваква стилска противречност на гласот каква што ни понуди Курт Кобејн.

Следуваше албумот ‘’In Utero’’, кој е многу помрачен од претходниот. Кога ги слушаме песните од него имаме чувство дека навлегуваме во најдлабоките конфузии и очајни мисли на Кобејн. Некои стихови од овој албум се многу интересни, но и чудни: ‘’Самоубиството сметај го како добра старана на работите’’(‘’Milk it’’); ‘’Тинејџерскиот бес добро се исплатеше, но сега сит сум и стар’’, ‘’Се извинувам за се, се е моја грешка’’. Во албумот, тематски, провејуват интимни тонови. Еден вид лично исповедување. Песната ‘’Radio Friendly Unit Shifter’’, сведочи за длабоко чувство на кривица, фрустрации и страв. Овој албум завзема централно место во музиката на Нирвана. Тоа беше еден вид тест за издржливоста на нивните фанови: дали и после оваа претенциозна плоча, ќе ја сакаат групата. Симболично тоа беше едно грубо одрекнување од титулата поп божество, која Кобејн никогаш и не ја сакаше, а ја доби после албумот Невермајнд. Во меѓувреме се одвиваа големи светски турнеи на Нирвана низ САД, Европа, Австралија и Азија. Како што секогаш и бива, со славата дојдоа и проблемите. Членовите на групата беа фрлени во епицентарот на вртлогот на животот: Новоселиќ се повеќе тонеше во алкохолот, Грол стана познат по синдромот ‘’зголемена сексуална желба’’, а Кобејн од нирваноманијата се заштитуваше со хероин и алкохол. Колку повеќе тонеше во пеколот на дрогата, се повеќе сакаше мирен семеен живот. Но и како таков, неговата привлечност растеше.

Чувствителен гениј, кој за младите претставуваше идеална икона на деведесетите. Но, непобитен факт е дека тој беше способен да донесува одлуки. И кога се разочара од родителите и побегна од домот, и кога направи бенд, и кога одлучи да пишува и компонира, и кога се ожени со Кортни Лав, и кога стана родител на малата Френсис Бин Кобејн. Сепак, како на крајот тој да изгуби вера во животот и не сакаше да го продолжи. Беше тажно, бесмислено и непотребно да се прекинува животот на еден извонредно талентиран човек. Оние кои го прогласуваат за маченик, како да забораваат дека неговата смрт не беше ништо ново.

Во историјата на рокот тој им припаѓа на они посебните кои живееја опасно, брзо и кратко. Тоа се членовите на Клубот 27, генијалци од првиот до последниот(Брајан Џонс, Џенис Џоплин, Џим Морисон, Џими Хендрикс). Тоа е проколнатата возраст и продолжување на митот, за посебен животен стил, голема креативност, иновативност и инвентивност, но и незаобиколна зависност од дрогата и алкохолот.
Зошто Курт Кобејн одлучи повеќе да не живее?

Беше славен, имаше пари, прекрасна ќерка, жена која ја сакаше, бенд прогласен најдобар на светот. Како да тоа не беше доволно. Како и да е, Курт Кобејн беше највлијателен музички творец на генерацијата, а Нирвана, револуционерна музичка група во музичкиот шоу-бизнис. Секоја генерација има право на свој херој, а Кобејн е несомнено еден од нив. Не е лесно да се биде жива легенда. Живите легенди најчесто тешко живеат со товарот на славата. Дрогата, љубовните приказни и медијското лудило, се тука, само да скренат внимание на фактите. Ќе го паметиме како брилјантен текстописец кој го прослави андерграундот, а зад себе остави класика.

‘’Јас знам дека некогаш сум вистински дркаџија,
а понекогаш е така лесно да ме повредиш.
Такви се и моите песни. Такви се луѓето на моите години:
саркастични во еден момент, а чувствителни во следниот.
Тоа е тешко да го објасниш, доколку и сам така не се чувствуваш.’’

Курт Кобејн

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Маќедонци: Руски хакери ги нападнаа веб-страниците на…

Руски хакери нападнаа веб-страници на косовски институции,…

Ерменскиот премиер најави договор со Азербејџан

Ерменскиот премиер Никол Пашињан изјави дека мировниот…

Грците бесни што Турција сака манастирот Хора…

Министерството за надворешни работи на Грција преку…

Тројца мажи се обиделе да влезат во…

Во Полициската станица Бит Пазар денеска било…