Собранието повторно го изгласа Законот за Царинската тарифа

t

Собранието попладнево со 71 глас „за“ и 11 „против“ повторно го усвои Законот за изменување на Законот за Царинската тарифа, кој беше разгледан во трето читање.

Пред гласањето, пратениците едногласно го прифатија амандманот поднесен од пратеникот Бојан Стојановски, со кој од законот се брише одредбата дека неговата примена ќе започне од 1 јули 2026 година. Со ова се отстранува можноста за повратно дејство на законот и се усогласува датумот на неговото стапување во сила со почетокот на примената.

Законот повторно се најде пред пратениците откако претседателката Гордана Сиљановска-Давкова одби да го потпише указот за негово прогласување. Таа образложи дека предвидената примена од 1 јули би значела ретроактивно дејство, што е спротивно на Уставот.

Со повторното усвојување, согласно член 75 од Уставот, претседателката е должна да го потпише указот за прогласување на законот.

Измените предвидуваат намалување на царинските стапки за 70 суровини и репроматеријали што ги користи домашната индустрија, со цел нивно целосно усогласување со стапките што важат во Европската Унија. Од Владата очекуваат мерката да ги намали трошоците на компаниите, да ја подобри нивната конкурентност, да поттикне нови инвестиции, отворање работни места и зголемување на извозот.

На денешната седница Собранието ја избра и Билјана Трајковска за член на Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца, донесе одлука за испраќање двајца припадници на Армијата во мировната мисија на ОН „УНИФИЛ“ во Либан, како и повеќе кадровски одлуки поврзани со собраниските комисии и Советот за статистика.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, најави дека седницата ќе продолжи утре напладне.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Собранието повторно го изгласа Законот за Царинската…

Собранието попладнево со 71 глас „за“ и…

Јанев по апсењето на бегалецот од Кочани:…

Секој што со своето постапување или непостапување…

Нова анкета во Србија: Студентската листа води…

Меѓу определените гласачи (70 проценти), во овој…

Измамиле 19 лица и во нивно име…

Полициски службеници од СВР Куманово денеска ги…

Хрват си ја убил сопругата на улица…

Ужасно злосторво се случи во Келхајм, Хесен,…