Трендафилов: На 14 март повторно на улица, протестираме за плата!

t

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, на социјалните мрежи сподели дека на 14 март во 12 часот и 5 минути повторно ќе се протестира за плата.

Во продолжение неговата објава:

НА 14 МАРТ ВО 12:05 ч. ПОВТОРНО НА УЛИЦА ПРОТЕСТИРАМЕ ЗА ПЛАТА

Почитувани работнички и работници,

Почитувани сестри и браќа,

Ниту едно од работничките права не Ви е подарено, за секое од нив се имаме изборено.

За жал, работодавачите и власта покажаа дека немаат слух за Вас работниците за зголемување на минималната плата и за зголемување на Вашите работнички плати.

Тие сметаат дека Вие сте задоволни само со законското усогласување на минималната плата од 1.667 денари кое се однесува само на работниците кои се на минималец, а не и на останатите работници.

За жал, и квази синдикалци го сметаат истото и на Ваша штета даваат поддршка само за законско усогласување на минималната плата за 1.667 денари, но затоа се наградени со месечни паушали од околу 15.000 денари.

Изминатите денови видовме како власта за да не ги зголеми работничките плати, се обиде да спинува дека ќе ги намали функционерските плати, но реалноста е дека за 1 час, сите сложно изменија 6 закони со кои си ги бетонираат нивните високи плати и со тоа покажаа дека тие се грижат само за себе, а не и за Вас.

Тоа што работниците го бараат од Сојузот на синдикатите на Македонија, ние сме го правеле, го правиме и ќе продолжиме да го правиме, без оглед на притисоците, заканите и упадите. Покажавме дека нема да потклекнеме, нема да не поткупат, нема да не предомислат, или пак замолчат.

На 28 јануари повеќе од 12 илјади од Вас покажаа дека ќе се борат за зголемување на работничките плати, за зголемување на минималната плата, за зголемување на Вашата плата, но се потврди и девизата ,,Колку ќе дојдете, толку и ќе добиете“ затоа што Владата наместо за сите, веднаш понуди зголемување на платите на 11.000 вработени во управата и правосудството сметајќи дека на таков начин ќе го намали незадоволството кај работниците, но само успеа да го зголеми.

Ние им покажавме дека за да блокираме одредени институции не се потреби 12.000 работници, дека и 21 од нив ја вршат истата работа.

Но, за да се избориме за зголемување на минималната плата на 600 евра и за зголемување на останатите плати за најмалку 6.000 денари потребно е храброст, одлучност и упорност и многу повеќе од 20.000 работници со нивните семејства на улица.

Потребни сте си самите на себе, потребни сте им на Вашите семејства, потребна е бројка на незадоволни работници на улица, потребно е да не се плашите, затоа што тие сметаат дека ако сте исплашени и ако не излегувате на улица дека сте задоволни со Вашите плати и дека тоа што тие сакаат да Ви го дадат дури е и премногу и дека Вие сте благодарни.

Борбата за зголемување на минималната плата не се води сам, затоа што силата на работниците е единствено во нивната бројност, а таа поддршка не се изразува на социјалните медиуми, во непосредните контакти и разговори, туку на улица, затоа што на маса не сакаат да ги слушаат аргументите, не сакаат да зборуваат за проблемите, не ги интересира Вашата мака.

Време е, на 14 март со почеток во 12:05 часот од пред Работничкиот дом во Скопје, до Собранието, Стопанската комора и Владата, да излезете заедно со нас, да се поддржите самите себе, да ги поддржите Вашите најблиски, затоа што на никој друг освен нив не му должите ништо, затоа што овој протест е за зголемување на вашите плати, за зголемување на Вашите плати за најмалку 6.000 денари и ако тоа не е доволен мотив, тогаш ние ќе продолжиме да се бориме, тие ќе продолжат да не Ви зголемуваат плати и да не ја зголемуваат минималната плата, а Вие ќе продолжите да зборувате во вашите семејства, со вашето друштво, на вашето работно место, по социјалните медиуми како тешко се живее, како се ниски платите, како едвај се врзува крај со крај во месецот, а тие ќе мислат дека сте ги избрале да Ве владеат, а не за да Ви служат!

На 14 март, раководството на ССМ, синдикатите здружени во ССМ, членството на ССМ, излегува на улица за зголемување на минималната плата и за зголемување на платите на сите Вас.

Ве повикуваме сите да ни се придружите, ги повикуваме и членовите на останатите синдикати да ни се придружат без оглед на тоа што нивните лидери се купени и замолчени, Ве повикуваме затоа што во приватниот сектор, ако не се зголеми минималната плата нема да се зголемат ниту платите на работниците во приватниот сектор, во јавниот сектор ако не се зголеми минималната плата нема да се зголемат ниту платите на работниците во јавниот сектор, затоа што за вработените во полицијата не е предвидено зголемување на плата оваа година, во армијата исто, во огромен број на институции исто, затоа што зголемувањето на минималната плата значи зголемување на платите на работниците во јавниот сектор на кои истата им е една од компонетите на плата, па така место 1.667 денари ќе добијат по 6.000 денари најмалку, а за оние за кои веќе е предвидено некакво зголемување ќе добијат уште поголемо зголемување на плата.

Срамно е да немаат слух за работниците, да кажуваат како 1.667 денари им е доволно, а знаат дека само во месец јануари и февруари 2026 година секој работник е посиромашен за 2.000 денари колку што се зголемени трошоците за живот.

Време е, на 14 март да покажеме дека не се молиме и дека ќе се бориме, а колку ќе дојдете, толку и ќе добиеме !

Никој нема изговор, Протестот е организиран согласно барањата на работниците, во неработен ден, за учество на истиот за луѓето кои ќе сакаат да се приклучат ќе биде организиран превоз од сите градови за што детално ќе информираме во наредните денови.

Оваа година 1 Мај се паѓа на 14 Март, не затоа што е споен и продолжен викенд, не е продолжен викенд и е ден кога најголемиот дел од работниците и нивните семејства се слободни, па затоа секој изговор е на сопствена штета, затоа што тие сметаат дека секој еден што не протестира дава поддршка на политиката ниски плати, а само тој што протестира се бори за повисоки плати !

За крај, се оградуваме и ги отфрламе сите политички игри на грбот на работниците и работничката мака. Како до сега, така и од сега, нема да дозволиме злоупотреба на работничката борба, ниту од опозицијата ниту од власта.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Трендафилов: На 14 март повторно на улица,…

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија,…

Трендафилов ја напушти седницата на ЕСС по…

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија…

Европската конфедерација на синдикати: Силно стоиме зад…

Европската конфедерација на синдикати изрази целосна солидарност…

ССМ утре на блокада пред Влада

Сојузот на синдикатите утре ќе ја реализира…

Продолжуваат протестите во Сраево по трамвајската несреќа…

За денеска напладне е закажан нов собир…