Фон дер Лајен и Руте ќе разговараат за одговор на руските хибридни закани по инцидентот во Лајпциг
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО Марк Руте во среда ќе се сретнат во Брисел за да разговараат за заеднички одговор на хибридните закани од Москва, откако Германија официјално ја обвини Русија за инцидентот со дрон на аеродромот во Лајпциг.
Средбата доаѓа по серијата инциденти поврзани со хибридно војување во Европа во текот на летото, меѓу кои и обидот за напад со дрон на аеродромот во Лајпциг, за кој германската влада официјално оцени дека зад него стои Русија.
Фон дер Лајен во вторникот изјави дека на средбата со Руте ќе разговараат за инцидентот во Германија, додека дополнителни санкции против Русија треба да бидат подготвени од министрите за надворешни работи на претстојниот состанок.
„Ќе ја одржиме ЕУ обединета и покрај овие ескалирачки и сериозни дејствија“, порача Фон дер Лајен на социјалната мрежа „Икс“.
„Германската влада презеде силни мерки. Пораката е јасна: хибридните напади нема да поминат без јасен одговор“, додаде таа.
Главниот портпарол на Европската комисија, Паула Пињо, потврди дека средбата е договорена во краток рок и дека ќе се одржи во контекст на зајакнувањето на одбранбената соработка меѓу Европа и НАТО.
Претставник на НАТО за „Еуроњуз“ изјави дека разговорите главно ќе се фокусираат на продлабочување на координацијата во борбата против хибридните закани.
Откако Германија официјално го поврза инцидентот со дрон од 4 август со Русија, Руте изјави дека НАТО стои во целосна солидарност со Берлин и дека „доказите се јасни“ оти Русија е одговорна.
„НАТО ќе продолжи да ја зајакнува способноста за одвраќање и одбрана на сите сојузници од каква било закана, вклучително и од злонамерни дејствија како оние забележани во Лајпциг и на други места низ Алијансата“, порача Руте.
Германскиот министер за внатрешни работи Александер Добринт во вторникот изјави дека средствата користени за саботажата со дрон во август се карактеристични за други хибридни операции кои, според Берлин, ги користи Русија во рамки на војната против Украина.
„Затоа германската влада заклучува дека Русија е одговорна за хибридниот напад во Лајпциг на 4 август“, изјави Добринт.
Германија нареди затворање на рускиот конзулат во Бон, а ќе биде затворен и Рускиот дом во Берлин.
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул изјави дека активностите на Русија се дел од „долга низа обиди за дестабилизација, дезинформации, закани, саботажа и агресија насочени кон Европа“.
Руската амбасада во Германија ги отфрли обвинувањата на Берлин и се закани со „последици“ поради новите санкции.
На 4 август, во безбедносната зона на аеродромот Лајпциг/Хале бил пронајден дрон во близина на украински карго-авион кој се користел за транспорт на воена опрема. Подоцна, друг беспилотен летечки објект се судрил со авион, поради што леталото не можело да слета.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц претходно вети одговор на инцидентите, во координација со сојузниците од ЕУ и НАТО.
Руското Министерство за надворешни работи кон крајот на август ја осуди Европа поради обвинувањата кон Москва, нагласувајќи дека тие биле упатени пред да заврши истрагата.
Европа мора да ја зајакне одбраната од хибридни закани
Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, изјави дека Русија сè почесто користи кинетички хибридни дејствија против Европа со цел да ја „исплаши“ и да ја одврати од поддршката за Украина.
„Нема да успеат“, изјави Калас по состанокот на министрите за одбрана во Виклоу, Ирска.
Таа оцени дека ризиците од ваквите инциденти се зголемуваат и дека „очигледно не правиме доволно за да ги спречиме“.
Ирската министерка за надворешни работи Хелен Мекенти изјави дека „поддршката за Украина и притисокот врз Русија“ остануваат во центарот на шестмесечното претседателство на Ирска со Советот на ЕУ.
„Во последните 24 часа почнавме да гледаме како заканите се материјализираат, при што колегите од Романија, Латвија, Естонија и, секако, Германија известија за навлегувања во нивниот воздушен простор, но и на нивна територија“, рече таа.
Романија и Естонија во вторникот пријавија упади на дронови. Во Германија, истиот ден, во близина на термоцентрала на јаглен биле пронајдени неколку импровизирани експлозивни направи.
Естонскиот министер за одбрана Хано Певкур, пред состанокот, изјави дека Европа мора да се подготви за нови инциденти поврзани со руско хибридно војување.
„Тие постојано го тестираат прагот – каде е црвената линија“, рече тој, додавајќи дека Европа мора да остане „многу трезвена“.
Европска солидарност со Германија
Францускиот претседател Емануел Макрон и италијанската премиерка Џорџа Мелони изразија солидарност со Германија по инцидентот во Лајпциг.
„Франција стои во целосна солидарност со Германија и го поддржува усвојувањето нови европски санкции против Русија“, изјави Макрон.
Мелони порача дека обидите за заплашување на европските земји или создавање раздор меѓу сојузниците нема да успеат.
„Хибридните дејствија против кој било од нас се причина за загриженост за сите нас и ќе бидат дочекани со единствен одговор“, изјави таа.
Полскиот премиер Доналд Туск оцени дека Русија ги ескалира тензиите низ Европа, но порача дека континентот нема да биде заплашен.
„Русија нема да ја добие оваа војна“, рече Туск.
Шведскиот премиер Улф Кристерсон изјави дека Русија сака да ја заплаши Европа и сојузниците на Украина.
„Ова ќе пропадне“, рече тој, додавајќи дека во среда наутро ќе претседава со состанок на Националниот совет за безбедност.
Литванскиот претседател Гитанас Науседа порача дека мерките преземени од германската влада покажуваат дека секоја хибридна акција против некоја од сојузничките земји ќе наиде на јасен одговор.
„Секој што ќе нè нападне ќе плати цена“, порача Науседа.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фон дер Лајен и Руте ќе разговараат…
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер…
11 земји од ЕУ бараат да се…
Единаесет земји членки на Европската унија бараат…
Подигната готовноста на Мисијата на НАТО за…
Авионите на Мисијата на НАТО за заштита…
Брисел подготвува нови 1.600 санкции против Русија
Европската Унија подготвува нов, голем список на…
Украина бара предвремено користење на заемот од…
Украинскиот министер за одбрана Евгениј Хмара денеска…