Холандија повлече 86 тони злато од САД и Канада

t

Холандската централна банка (DNB) префрли 86 тони од своите златни резерви, кои се чуваа во САД и Канада, во Лондон поради зголемената геополитичка нестабилност, објави „Франс прес“.

Холандија е најновата европска земја која ги преместува своите златни резерви од САД. Франција ги повлече и последните 129 тони злато од Федералните резерви во Њујорк, со што целокупните нејзини резерви од 2.437 тони сега се чуваат во земјата. Во Германија и Италија, исто така, има повици златото да се префрли во Европа.

„Во услови на зголемена геополитичка нестабилност, Холандската централна банка ја зајакнува подготвеноста за дејствување во случај на криза. Дел од овие напори е подобрувањето на тргувливоста на холандското злато, за да може во кризна ситуација да се употреби што е можно побрзо“, се наведува во соопштението на банката.

Финансиската институција појасни дека златните резерви полесно можат да се тргуваат во Лондон отколку во Њујорк и Отава.

„Со оваа мерка ја подобривме достапноста на нашите златни резерви. Поаѓаме од претпоставката дека никогаш нема да има потреба да ги користиме, но сепак мора да ја зајакнуваме отпорноста и подготвеноста“, изјави гувернерот на централната банка, Олаф Слејпен.

Вкупните златни резерви на Холандија изнесуваат 612,4 тони, а на крајот на 2025 година нивната вредност била проценета на 72,2 милијарди евра.

Пред префрлањето, централната банка чувала 31,3 отсто од златото во Њујорк и 19,7 отсто во Отава. По операцијата, уделот на резервите во САД и Канада се намалил на по 18,5 отсто.

Уделот на златото што се чува во Лондон се зголемил од 18,1 на 32,1 отсто, додека во самата Холандија се наоѓаат 30,8 отсто од резервите.

Операцијата била спроведена делумно преку купопродажни трансакции, а делумно преку физички транспорт на златото, соопшти банката.

Повеќе од 27 тони физичко злато биле транспортирани од САД и Канада до Зајст во Холандија, а потоа до Лондон. На тој начин било избегнато претопување на златните прачки.

„Со комбинирање на купувања, продажби и физички транспорт, беа распределени ризиците поврзани со преместувањето на големо количество злато“, наведува Холандската централна банка.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Холандија повлече 86 тони злато од САД…

Холандската централна банка (DNB) префрли 86 тони…

Лефков: Талогот на СДС и Филипче за…

Венко Филипче кој има главна улога во…

Иран напаѓа американски бази во четири земји…

Иран ги прошири своите одмазднички напади врз…

Америка ќе распоредува ракети во Јапонија —…

Русија денеска ги осуди претстојните заеднички воени…

Два американски воени авиони слетаа на аеродромот…

Два големи американски воени авиони биле забележани…