Ангелов: Два големи пожари денес, гори Жеден, пожарот во Тетовско се шири кон Шар Планина
Пожарите на отворен простор на територијата на државата не стивнуваат, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов. Според него, во текот на вчерашниот ден биле регистрирани повеќе од 30 пожари на отворено, од кои најголемиот дел се изгаснати или ставени под контрола благодарение на интервенциите на локалните пожарникари, тимовите на ДЗС, ер-тракторите и полициски хеликоптер.
Ангелов информира дека пожарот кој со денови беснееше на планината Китка е ставен под целосна контрола.
– Последната одлучна битка се одвиваше во доцните ноќни или раните утрински часови, кога еден од неговите најголеми краци беше пресечен на асфалтираниот пат кој води кон селото Палиград. Останатиот крак, кој се движеше од другата страна, исто така е ставен под целосна контрола – рече Ангелов.
Според него, горење, односно чадење, има само во еден дол, каде што пожарот е опкружен од сите страни. Тој очекува во текот на денот пожарот да биде прогласен за целосно затворен, но предупреди на опасноста од појава на нови пожари.
– Се плашам повторно несовесни намерници да не предизвикаат нов пожар во близина на пожарот кој беснееше овие денови на планината Китка – рече Ангелов.
Тој го повика локалното население во селата во подножјето на Китка, на територијата на Општина Студеничани, веднаш да пријави доколку забележи сомнителни лица кои носат канти со траги или мирис на бензин или друг запалив материјал. Граѓаните можат да ја известат полицијата, противпожарните единици или да се јават на бројот 112.
Ангелов информира дека денес се активни и два нови големи пожари.
Едниот е над селото Копаница, на територијата на Општина Сарај, на планината Жеден, а огнот се движи во насока на Тетово.
– Пред неколку дена во близина изгаснавме пожар. Нов пожар, најверојатно намерно подметнат. Не знаеме кои се мотивите, но полицијата работи на откривање на сторителите – изјави Ангелов.
Поради ветрот, пожарот со голема брзина се движи кон сртот, поради што се активирани ер-тракторите на Дирекцијата за заштита и спасување.
Според Ангелов, станува збор за голема пожарна линија долга повеќе километри. Поради сувата вегетација и ветрот, постои опасност пожарот значително да се прошири. Тој посочи дека засега не гори квалитетна шума, туку претежно сува трева, грмушки, трње и друга ниска вегетација.
Вториот поголем пожар е регистриран во Тетовско, во близина на православните гробишта. Поради ветрот, огнот брзо се шири кон Шар Планина.
На терен интервенираат тетовските пожарникари, а поддршка им дава и полициски хеликоптер, со цел пожарот да биде ставен под контрола.
Ангелов посочи дека информациите за останатите активни пожари редовно ги објавува Центарот за управување со кризи и најави дополнителни информации доколку дојде до вонредна состојба.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Ангелов: Два големи пожари денес, гори Жеден,…
Пожарите на отворен простор на територијата на…
Утринава гори на четири места, три пожари…
Утринава до 7:30 часот регистрирани се вкупно…
Пожари и натаму беснеат во пет општини…
Пожари и денеска се активни во пет…
ЦУК: Интелигентните камери навреме алармирале за пожарот…
Интелигентните камери на Центарот за управување со…
Активни пожарите во мариовско и општините Студеничани,…
Изутринава во земјава има пет активни пожари…