БНТ шири пропаганда и територијален иредентизам – МРТ во Бугарија нигде ја нема

t

Договореното меѓу Скопје и Софија, заради подобро запознавање на народите, во Бугарија да се емитува МТВ, а во Македонија БНТ, кај нас се исполнува, додека бугарските гледачи ја немаат можноста да ја следат македонската национална телевизија. Македонската историска вистина е во чекалницата, додека бугарската пропаганда влегува во македонските домови. Од МТВ велат дека програмата е „крената“ на сателит, од Владата дека на приватни оператори со декрет не може да им се наложи преземање на програмата. Од АВМУ нагласуваат дека тоа не е токму така и дека одговорност има и на домашен терен. – Пишува Панта Џамбазоски за МКД.мк

Во февруари минатата година беше постигнат договор, заради поблиско запознавање на народите, од 1 март преку домашните кабелски оператори во Македонија да се гледа БНТ4 (Канал на Бугарската национална телевизија), а програмата на Македонската телевизија (НТВ) да ја преземат бугарските оператори. Договореното беше со посредство на сега разрешениот специјален олеснувач во преговорите со Бугарија, Владо Бучковски. Заедно со договорот за отворање дописништва на државните новински агенции на Македонија и на Бугарија, очекувањата беа дека ќе се разбие делумниот медиумски мрак меѓу двете земји, дека народите подобро ќе се запознаат и дека на тој начин ќе се релаксираат односите меѓу двете земји, особено заладени меѓу граѓаните откако Софија го запре македонскиот евроинтеграциски процес.


Но ниту гледаме дека односите се релаксирале во поглед на јавното мислење во двете држави, ниту пак бугарските гледачи гледаат Македонска телевизија. Затоа пак, генерално, македонските оператори ја емитуваат програмата на БНТ4.

екој гледач што малку подолго ќе го задржи каналот на БНТ4 на својот телевизор, ќе забележи дека програмата е вешто скроена да се врши пропаганда. Наспроти информативните, забавните и културните содржини, помеѓу нив, а особено во подоцните и утринските часови, има многу содржини што шират големобугарска пропаганда. Македонските дејци, македонската историја, фолклор, народни песни и игри, па дури и македонски села и градови, се претставуваат како бугарски. На ваквата пропаганда не само што не ѝ се контрира, кога веќе законски не може да се забрани емитувањето некој канал во Македонија сѐ додека не повикува на уривање на уставниот поредок, туку нема ниту реципроцитет во телевизиското емитување, односно, нема што да им се понуди на бугарските гледачи додека со далечинскиот управувач се удобно седнати пред своите телевизори. Македонска телевизија таму не се емитува.

Зошто не се гледа Македонска телевизија во Бугарија и дали како национална куќа реагирале до македонската влада, го прашавме директорот на МРТ Марјан Цветковски.

„Во согласност со предвиденото, МРТ го крена сигналот на сателит со цел програмата на МТВ да се гледа во Бугарија, односно за негово бесплатно преземање и реемитување од страна на сателитските оператори во Бугарија. МРТ нема увид дали сигналот се презема и не постои начин да ги обврземе операторите во друга држава да го преземат сигналот на МРТ“, ни беше даден одговор преку Службата за информирање на МРТ.

Истото прашање го поставивме до Владата и оттаму добивме одговор дека не постои начин на тамошните приватни оператори да им се наметне емитување на наша национална програма. Според Владата, тоа што требало да се стори за да се овозможи емитување, било сторено.

„НТВ се емитува на сателит, а тоа значи дека сите оператори на територијата на Европа можат да ги преземаат и да ги емитуваат нашите канали. Со тоа се исполнети сите технички предуслови од наша страна. Притоа треба да се знае дека радиодифузијата и емитувањето медиумски содржини пред сѐ се прашање на слободниот економски и медиумски пазар. Операторите, и кај нас во Северна Македонија, и во Бугарија, сами одлучуваат кој канал ќе го имаат во понудата. Државата не може тоа да го наложи со декрет“, одговорија од Владата за МКД.мк.

Но директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги (АВМУ), Зоран Трајчевски, вели дека тоа не е токму така и нагласува дека треба да се разбие забуната во македонската јавност дека бугарска телевизија се емитува од март минатата година. Вели, точно е дека БНТ4 се емитува преку МАКС ТВ од минатата година, но Бугарската национална телевизија уште од јули 2014 година започна да се емитува преку поголем број домашни кабелски оператори, меѓу кои и преку А1 и Кабелнет.

Проблемот што Македонската телевизија не се емитува во Бугарија Трајчевски го наоѓа и на домашен терен.

„Програмата на Македонската телевизија се гледаше во Бугарија додека се емитуваше и преку сателит. Не знам од кои причини, Владата во 2015 година го прекина финансирањето за сателитското емитување, што беше нејзина обрвска во поглед на буџетот, и оттогаш престана да се гледа, не само во Бугарија, туку и во светот, односно ниту нашинците што имаат инсталирано сателитски рисивери во своите домови не можат да гледаат наша програма. Кога не оди на сателит, тогаш операторите од странство не можат да преземаат“, вели Трајчевски

Со тоа што сега програмата е „крената“ на сателит, па останува само Бугарите да ја преземат МТВ, работите всушност не се завршени, зашто тоа не е така едноставно, нагласува Трајчевски.

„Треба МРТВ да потпише договор за авторски права, како што тоа беше сторено во 2014 година, дека го отстапуваат каналот за емитување без надомест, како што БНТ им го отстапува својот канал на македонските оператори за емитување без да се плати за тоа. Доколку тоа навистина е интерес на МРТВ да зрачи во странство кога веќе се приклучиле на сателит, тогаш треба да склучат договори со Бугарија, потоа и со Шведска, Америка, Канада, Австралија, Австрија, со еден збор барем со тие земји каде што е позастапена дијаспората. И, тоа е работа на нашата национална телевизија“, вели директорот на АВМУ Зоран Трајчевски.

На прашањето до македонската влада, пак, дали веќе е реагирано до бугарската влада поради очигледната големобугарска пропаганда кон Македонија преку БНТ4 и дали е оформено тело што ќе ја следи таа програма, од македонската влада за МКД.мк велат:

„Како влада можеме да ветиме дека ќе се заложиме во духот на унапредената и добра соработка што периодов ја развиваме со Бугарија, да ги поттикнеме радиодифузерите, продукциите, да ги нудат и прават своите програмски содржини достапни, тие медиумски содржини да бидат ослободени од говор на омраза и да промовираат соработка и добрососедство, а операторите да прифаќаат да ги емитуваат овие содржини и да придонесуваат со тоа кон достапност на содржини во кои се почитува достоинството на граѓаните од двете држави. Притоа и од дистрибутерите на програма очекуваме соработка во таа насока. Добро е да има размена на содржини во сите области, како во економијата, така во културата, така и во делот на медиумските содржини“.

Упативме прашање до бугарската влада зошто МРТВ не се гледа во Бугарија и што презема кабинетот на премиерот Кирил Петков за програмата да ја преземат тамошните ТВ–оператори. Прашањето е игнорирано, одговор не добивме.

Колку е успешна бугарската пропаганда во Македонија преку програмата БНТ4 не може да се даде прецизен одговор. Сепак, ако се погледнат податоците за гледаност на телвизиските канали во Македонија на официјалната интернет-страница на АВМУ, заклучокот би можел да биде дека влијанието не е големо. – Напиша Панта Џамбазоски за МКД.мк

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Бугарскиот европратеник Ќучук: После толку обиди за…

Бугарскиот европратеник и известувач за Македонија, Илхан…

Бугарски професор: Ветото е бугарска глупост на…

Бугарскиот професор Евгени Даинов вечерва во дебатниот…

Одлуката за Македонија ќе се носи во…

Коалицијата имаше многу конструктивен дијалог на темата…

Османи кон Кулеба: Македонците како никој друг…

Русија не само што ја мрази соседната…

Коалиционите партнери на Петков: Украина не може…

„Очекуваме да слушнеме што ќе се случува…