Досега потврден само еден случај на омикрон во Македонија, процентот на позитивност 6,7 отсто

t

Досега во државата е потврден само еден случај на омикрон, соопшти синоќа Министерството за здравство, кое ја демантираше веста за нов потврден случај на овој сој на корона вирусот во Струга.

– Со секвенционирање на вирусот SarsCoV2 досега сојот омикрон е детектиран само кај еден пациент кој во државата пред извесно време се вратил од Велика Британија, соопшти синоќа Министерството за здравство, посочувајќи дека утврдување на присуство на сој на корона вирусот се врши единствено и исклучиво со секвенционирање, додека ПЦР тестирањето може да биде само индикација, но не и потврда дека пациент е заразен со сојот омикрон на Ковид-19.

Досега на ПЦР тестови кај тројца пациенти позитивни на Ковид-19 е детектиран S-gene dropout, но нема извршено секвенционирање, односно нема потврда дека се заразени со омикрон. Тестирањата им се направени во приватна болница, а станува збор за пациенти од Прилеп, Велес и Струга. На пациентите им е направена епидемиолошка анкета и согласно протоколите во изолација се ставени лицата со кои биле во контакт, се додава во соопштението.

Министерството за здравство воедно апелира од воздржување и давање паушални изјави и непроверени информации, кои ги доведуваат граѓаните во заблуда и шират паника меѓу населението.

Епидемиологот од Центарот за јавно здравје, Јованка Струлакова – Коровешоска претходно вчера информираше дека кај повозрасно лице од Струга, вакцинирано со две дози „Фајзер“, е потврден случај на омикрон сојот на Ковид-19.

Првиот случај на омикрон во државата, беше регистриран минатиот петок.

Во текот на претходното деноноќие беа евидентирани нови 373 случаи со Ковид-19 од направени 5.489 тестирања или 6,7 отсто. Пријавени вкупно 18 починати лица, во изминатите 24 часа 12 и шест со датум на смрт од 03.12. до 21.12.2021 година. Регистрирани се и 320 оздравени пациенти, соопшти Министерството за здравство.

Од новозаразените 373, најмногу се во Скопје – 196, Битола 36, Охрид 20, Кавадарци 18, Прилеп 17 и други.

Досега во земјата се направени вкупно 1.591.522 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 224.507, бројот на оздравени пациенти е 211.548, на починати е 7.953, а на активни случаи изнесува 5.006.

Според епидемиолошки анализи во моментов, во Скопје има 2550 активни случаи, следи Битола со 378, па Прилеп со 350, Охрид – 233, Кавадарци – 184, Велес и Струмица по 142 случаи, Куманово 109, Гевгелија 100 активни случаи. Во другите градови има помалку од 100, а во Дебар само еден активен случај. Во Пехчево, во моментов нема ниту еден.

Вчера Министерството за надворешни работи информираше дека Црна Гора ги заострила мерките за влез, кои ќе важат од 2 до 12 јануари 2022 година.

– Според оваа одлука, секој кој влегува во Црна Гора, независно од тоа дали е црногорски или странски државјанин, мора да ги исполнува следните услови: Лицето да е вакцинирано со пропишаниот број вакцини против корона вирусот, а од втората доза на вакцина да не се поминати повеќе од 6 месеци и едновремено со потврдата мора да поседува и негативен ПЦР тест кој не е постар од 72 часа или негативен брз антигенски тест кој не е постар од 48 часа; или доказ дека лицето преболело Ковид-19 (да не е поминато помалку од 10 дена и не повеќе од 180 дена од позитивниот ПЦР или брзиот антигенски тест) и едновремено со доказот мора да поседува и негативен ПЦР тест кој не е постар од 72 часа или негативен брз антигенски тест кој не е постар од 48 часа, соопштија вчера од МНР.

Во светот досега со Ковид-19 се заразиле над 285 милиони лица, починале повеќе од 5,4 милиони и оздравеле околу 253 милиони луѓе.

Ентони Фаучи, главен медицински советник на претседателот на САД, Џо Бајден, изјави дека до крајот на јануари може да се очекува пик на распространетост на сојот омикрон во САД. – Врвот веројатно ќе биде до крајот на јануари, изјави Фаучи.

Според него, можно е сојот омикрон да го забрза крајот на пандемијата, доколку се покаже точно дека таа варијанта, со својот висок степен на преносливост, ги заменува другите видови на вирусот што предизвикуваат потешки инфекции.

Во САД се зголемува бројот на хоспитализирани деца поради омикрон. Експертите стравуваат дека голем број невакцинирани Американци помлади од 18 години ќе поминат низ новиот бран на пандемијата на Ковид-19.

Просечниот дневен број на хоспитализирани деца во периодот од 21 до 27 декември се зголеми за над 58 отсто на национално ниво.

Во Париз од денеска повторно ќе биде задолжително носење маска на улица во обид да се сузбие ширењето на сојот омикрон на коронавирусот што доведе до огромен скок на заразени во Франција.

Обврската за носење маска важи за лица постари од 11 години, освен за лица во автомобили, велосипедисти или лица кои се занимаваат со некоја спортска дејност, се наведува во соопштението на полицијата.

Во Грција трет ден рекорден број новозаразени со Ковид-19. Вчера беа регистрирани 35.580 нови случаи на Ковид-19, што претставува нов негативен рекорд во земјата од почетокот на пандемијата.

Во Грција досега се потврдени вкупно 1.170.293 случаи на Ковид-19, а починаа 20.708 лица.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

20 лица починале поради грешка во лабораторија…

Англиската владина агенција одговорна за справување со…

Член на комисијата потврди: Бугарските историчари инсистираат…

Не работиме на утврдување на статусот на…

(Во живо) Отварање на бугарскиот културно-информативен центар…

Следете го во живо отварањето на новиот…

Добро утро со Инфомакс: Денешните историски докажувања…

Ѓорче Петров е македонски професор, публицист, историчар,…

Зајкова: Државава нема друга алтернатива освен ЕУ

Немаме веќе ниту време, ниту генерации за…