ЕУ испраќа претставници во Кина за да ги унапреди трговските преговори
Група претставници на ЕУ во наредните денови ќе отпатуваат во Кина со цел да ги унапредат трговските преговори, додека Брисел се обидува да го намали рекордниот трговски дефицит со Пекинг, кој достигнува една милијарда евра дневно, дознава „Еуроњуз“.
Европската комисија се надева дека техничките разговори ќе донесат „конкретни резултати“ до октомври, кога се очекува европскиот комесар за трговија Марош Шефчович да отпатува во Кина.
Сепак, преговорите што Комисијата и Пекинг ги започнаа во јуни во последните недели се заострија, откако Кина им забрани на компаниите да доставуваат информации до Брисел во рамките на истрагите според Регулативата на ЕУ за странски субвенции – правилата на Унијата чија цел е спречување на нелојалните субвенции од странство.
„Ниту една организација или поединец не смее да спроведува или да помага во спроведувањето на такви несоодветни екстериторијални мерки“, соопшти кинеското Министерство за правда на 19 август.
Изјавата се однесуваше на тековната истрага на ЕУ против кинескиот гигант за електронска трговија JD.com, по неговата понуда од 2,5 милијарди евра за преземање на германскиот трговски синџир за електроника Ceconomy.
Европската комисија е под притисок од земјите членки, кои на самитот во јуни му дадоа мандат на Брисел да ги преиспита трговските заштитни инструменти на Унијата и да продолжи со дијалогот со Пекинг, со цел да се постигнат конкретни резултати.
Првиот чекор беше направен неколку недели подоцна, кога Шефчович се сретна со својот кинески колега Ванг Вентао во Брисел. Со средбата официјално започнаа преговорите меѓу ЕУ и Кина.
Двете страни се согласија да воспостават заеднички механизам за следење, преку кој ќе разменуваат податоци и ќе ги следат трговските текови, со цел „подобрување на транспарентноста, зајакнување на меѓусебната доверба и управување со трговските тензии“.
Пристапот до пазарите е една од главните теми на разговорите. Кина ја обвинува ЕУ дека со новите регулативи го ограничува пристапот на кинеските компании до европскиот пазар, додека земјите членки на ЕУ бараат поголем пристап за европските компании до кинескиот пазар.
Брисел намерно го постави октомври како рок, бидејќи тогаш истекува едногодишното примирје околу извозот на ретки земни метали од Кина, по одлуката на Пекинг да го запре нивниот извоз за време на трговската војна со САД.
За ЕУ, обезбедувањето непречен пристап до овие критични минерали е од огромно значење, бидејќи тие се неопходни за зелените технологии, автомобилската индустрија и одбранбениот сектор.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ЕУ испраќа претставници во Кина за да…
Група претставници на ЕУ во наредните денови…
Украина ќе добие над 6 милијарди евра…
Европската комисија денес соопшти дека Украина ќе…
Ерменија наскоро ќе поднесе формална кандидатура за…
Ерменија наскоро ќе започне со подготовки за…
(Видео) Во Кина роботи ги пошумуваат пустините
Додека сончевите фарми во кинеските пустини веќе…
Србија не побара помош од ЕУ за…
Србија не го активирала Механизмот за цивилна…