ЗАКАНИ, НАВРЕДИ И НЕДОЛИЧНИ ЗБОРОВИ НА ЈАВНАТА РАСПРАВА: „Активисти“ бараа да се избрише дека во Иловица е најден бакар, а струката го прогласи за најголем руден потенцијал

t

Со закани, недоличен речник и навреди од дел од присутните активисти упатени кон стручните лица на институциите измина јавната расправа во Струмица за Нацртот на Просторниот план на државата во Југоисточниот плански регион. Најгласни беа т.н. еко-активисти од „Зелена котлина“, кои негодуваа што во планот е запишано дека во регионот е откриен бакар во Иловица и побараа ова да се избрише.

„Имате среќа што малку не сме груби“. „Ќе ве исфрлевме на клоци“, извикуваа активисти на организацијата.

Иако претставникот на Министерството за животна средина појасни дека ознаката на картата за просторниот план на Македонија сама по себе не претставува отворање на рудник, туку дека државниот просторен план ја претставува стратешката цел, од публиката доби одговор – „да ви се мочам во стратешката цел“. Друг активист негодуваше за употреба на цијанид во потенцијалните рудници иако цијанидот е со закон забранет за употреба во Македонија, а имаше и такви кои порачаа експертите да не зборуваат ако не го кажат она што сакаат да го чујат присутните. Активистката Марина Томова пак оцени дека преку овој документ државата ќе се колонизира, порачувајќи им на експертите – „ние сме сопственици на Македонија, вие сте само вработени“.

– Сме емоционални, сме нервозни, дојдено ни е преку глава и имаме поставено краен рок на Владата до 29 септември и затоа ние малку емотивно реагираме, зашто сте пратени пет дена пред тој краен рок и посакувам да го сфатат озбилно – нагласи активистот Крум Велков, алудирајќи на рокот кој тие го поставија за одземање на концесијата за рудникот во Иловица, а кој во пресрет на јавната расправа се закануваше со „поздравување“ на „проруднички платеници“, за кои велеше дека треба да бидат „јавно прославени“. Името на Велков се спомнува и во написите на истражувачката мрежа „Белингкет“ како дел од имиња на „еко-активисти“ кои силно лобираат против најавите за инвестиции во рударството од страна на западни компании.

„Тој е и голем поддржувач на едно од здруженијата кое води кампања против концесиите за „Иловица – Штука“, кое го носи името „Здрава котлина“… Има и очигледни примери на пропаганда и јасни лаги. Како што е апокалиптичкото тврдење дека проектот ќе ги уништи почвата, водата и воздухот, без оглед на еколошките стандарди што се обврзувачки за овој проект“, пишува во текстот објавен на Белингкет.

Инаку, зад дел од барањата на присутните во салата застанаа и пратеникот на Левица, Сашко Јанчев, пратеникот на СДСМ, Борче Цветков и независниот пратеник Миле Цеков.

Претставничката на Агенцијата за просторно планирање, Душица Трпчевска-Анѓелковиќ на јавната расправа објасни дека впишувањето на наоѓалиштата е резултат на спроведени истражувања. Таа додаде дека сѐ што е впишано во просторниот план има стручна историја и „не е ад-хок измислено вчера за да го пласираме пред вас и да го предизвикаме вашиот бес“.

– Би ве замолила, ова не е политичка дебата, ова е стручна дебата… Ниту еден од нас не упадна во ваше прашање, ве слушавме внимателно и треба да сме барем минимум парламентарни. Тоа што треба да се каже ќе се каже, без разлика дали сакате да го слушнете или не. Просторниот план има законски одредена содржина… Она што е внесено во Планот, а се однесува на минералните суровини, е резултат на децениски истражувања кои резултираат со факти. Јас сум сигурна дека овде ниту еден нема да го порекне фактот дека овде има бакар или се лажам?! – истакна Трпчевска-Анѓелковиќ.

– Ние сме овде да ја браниме стручната страна и треба да нѐ штитите од начинот на кој сакате да нѐ ставите на тапет. Ние не носиме политички одлуки, тука сме на стручна расправа… Или не сакате да разберете зошто сме тука или сакате да нѐ обвините дека сме тука само да заземаме став против вас – нагласи претставникот на Министерството, Неби Реџепи.

Инаку, во нацртот на просторниот план на државата пишува дека „Огражденско рудно поле го има најголемиот потенцијал на бакарни руди во државата во наоѓалиштето Иловица“. Генерална оценка во нацрт текстот е дека државата сѐ уште не издвојува доволно средства за регионални геолошки истражувања и недостасуваат сериозни бази на податоци со геолошка содржина.

„Нашата држава во моментот не е силно развиена рударска земја и нејзината визија треба да е насочена кон зајакнување на овој сектор на стопанството, по пат на поинтензивно искористување на минералните ресурси низ примена на новите техники и технологии на одржливо користење. Преминот кон ефикасна, безбедна и одржлива економија со ниска употреба на јагленот како Стратешка определба на Европската комисија (ЕК) до 2050 година е исто така насока која треба да биде дел од визијата и долгорочните насоки за развој на овој сектор“, се истакнува во нацрт Планот.

Понатаму, се потенцира дека користењето на минералните ресурси на одржлив начин, меѓу другото, значи и постепено намалување на отпадот од искористувањето на минералните суровини.

„Најдобар начин за тоа е воведување на принципот на т.н. циркуларна економија во секторот минерални суровини, што претставува економски систем насочен кон елиминирање на создавањето отпад, финално отстранување на отпадот на депониите и континуирано користење на минералните ресурси до најголемо достапно ниво. На тој начин, се намалува потребата од користење нови минерални ресурси, се намалува создавањето отпад, а со тоа и загадувањето и емисиите од стакленички гасови. Во рудничките комплекси ќе се намалат потребите од простор за одлагање отпад (јаловишта/хидројаловишта) и површините за концесии“, се додава во текстот.

Исто така, во Планот, нагласени се и општите цели, како одржливо искористување на минералните суровини и минимизирање на влијанието врз животната средина и одржливо управување со отпадот од преработката на рудата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Јемен повика на меѓународна помош во борбата…

Јемен повика на посилна поддршка од меѓународната…

Малолетник фрлил пиротехничко средство во Капиштец, избувнал…

Пожар избувнал синоќа во парк во скопската…

Кривична пријава против четири лица за сторени…

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Е.В.(43)…

„Безбеден град“ од 12 октомври ќе се…

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска…

ХОРОР ВО КОЧАНИ: Малолетници малтретирале прваче, го…

МВР информира дека вчера попладне во 12:45…