Мицкоски: За првпат по децении Гостивар ќе има бактериолошки исправна вода за пиење
Претседателот на владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски денеска изјави дека процесот за нормализирање на водоснабдувањето во Гостивар е во завршна фаза и изрази очекување дека уште денес граѓаните ќе добијат вода што ќе биде безбедна не само за техничка употреба, туку и за пиење и подготовка на храна.
Одговарајќи на новинарски прашања за обвинувањата од опозицијата во врска со состојбата со водоснабдувањето и спроведувањето на процесот на хиперхлорирање, Мицкоски нагласи дека Владата реагирала веднаш по настанатиот проблем и презела конкретни мерки за заштита на граѓаните.
-Како држава обезбедивме чиста вода за пиење за жителите на Гостивар. Им благодарам на сите општествено одговорни компании и поединци кои се вклучија со донации и помогнаа во оваа ситуација, изјави премиерот.
Тој повтори дека, според досегашните информации, до загадувањето дошло поради несовесно постапување на вработени во ЈП „Водовод“ – Гостивар, кои, како што рече, со цевки и пумпи префрлале вода од реката директно во главниот резервоар.
-Обвинителството веќе постапува по случајот. Има лица кои се обезбедени и сослушани, а очекувам истрагата дополнително да се прошири, рече Мицкоски.
Во моментов, процесот на хиперхлорирање го спроведуваат стручни екипи од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, додека паралелно секојдневно се земаат мостри и се вршат лабораториски анализи за да се потврди исправноста на водата.
Премиерот оцени дека состојбата значително се подобрува и изрази надеж дека Гостивар наскоро ќе има целосно бактериолошки исправна вода за пиење.
-Верувам дека за првпат по многу години граѓаните ќе користат вода која е целосно бактериолошки исправна. Сепак, потребно е уште малку трпение, бидејќи процесот се спроведува внимателно и согласно сите здравствени стандарди, истакна Мицкоски.
Тој додаде дека очекува уште во текот на денот, покрај техничката вода која веќе им е достапна на граѓаните, да биде овозможено и користење вода за пиење и готвење.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Левица: Економскиот раст на Мицкоски е статистичка…
Фалбите од собраниска говорница, на Христијан Мицкоски…
СДСМ: Скопје се гуши, Мицкоски и неговите…
Скопје со денови е задушено во чад.…
Ќе побара ли Мицкоски одговорност од Претседателот…
Скопје е задушено во чад поради горењето…
Филипче: Граѓаните во Скопје се гушат, Мицкоски…
Скандалозна е изјавата на премиерот Мицкоски за…
Се заваруваат сите шахти на трасата каде…
Сите шахти на трасата каде поминува Премиерот…