Најдебели на светот се жителите на остоворот Наура, Американците се на 11 место, а Македонија – 50. место
Кога луѓето замислуваат земја во кризa со дебелината, првата асоцијација најчесто е Америка: фаст-фуд синџири покрај автопати, џиновски порции, седечки начин на живот. Сепак, според најновата рангирачка табела на Светската федерација за дебелина (World Obesity Federation), објавена преку нејзината платформа Global Obesity Observatory, светскиот врв не го држи ниту една западна индустриска сила, туку мал остров во централниот Пацифик со само единаесетина илјади жители – Науру.
Табелата, ажурирана врз основа на проценките на NCD Risk Factor Collaboration (NCD-RisC), го дава следниов редослед кај возрасната популација:
Ранг Земја / Територија Проценет удел дебели возрасни
1 Науру 72,7%
2 Кукови Острови 71,8%
3 Американска Самоа 71,6%
4 Токелау 68,1%
5 Тонга 65,2%
6 Ниуе 64,4%
7 Тувалу 58,8%
8 Самоа 53,4%
9 Француска Полинезија 48,6%
10 Микронезија 40,7%
Веднаш зад нив, на 11. место со 40,4 отсто, се наоѓаат Соединетите Американски Држави, земја која во јавната свест често се смета за епицентар на кризата, но која статистички заостанува зад речиси цела Океанија. Македонија, за споредба, се наоѓа на 50. место со 28,5 проценти (но за жал, кај нас со статистиката, истражувањата како да сме „скарани“, па оваа информација треба да се земе со голема резерва), од возрасните жители кои живеат со дебелина.
Важно е да се напомене дека различни извори, Светската здравствена организација (СЗО), националните здравствени анкети и приватните агрегатори на податоци, понекогаш даваат донекаде различни проценки, во зависност од годината на мерење и методологијата. Некои постари табели ги ставаат токму Американска Самоа на прво место, со стапки дури над 75 проценти.
Еден од релевантните извори за овие тврдења е обемната студија на конзорциумот NCD-RisC, објавена во научното списание Nature на 13 мај 2026 година, под наслов „Obesity rise plateaus in developed nations and accelerates in developing nations”. Тимот, составен од близу 2.000 научници ширум светот, анализирал 4.050 студии базирани на популацијата, со измерени податоци за висина и тежина на 232 милиони учесници, следејќи ги трендовите во двесте земји и територии од 1980 до 2024 година.
За да ја измерат динамиката прецизно, истражувачите не се потпреле само на споредба на преваленцата во две одделни години, туку пресметале и таканаречена „брзина” на промената т.е. годишна апсолутна промена на процентот на дебели лица, изразена во процентни поени годишно. Наодот е речиси универзален: во периодот 1980–2024 година, дебелината пораснала со висока статистичка сигурност кај девојчињата во 195 од 200 анализирани земји, и кај момчињата во 198 од 200 земји. Единствените исклучоци се наоѓаат во дел од земјите на Централна Азија, а кај момчињата, дополнително и Франција. Самиот обем на порастот силно варирал: од само 0,6 до дури 27 процентни поени кај девојчињата, односно од 0,4 до 35 процентни поени кај момчињата, во зависност од земјата.
Во земјите со висок приход како Западна Европа, Северна Америка, Австралија, а исто така и Јапонија и Тајван, порастот на дебелината кај децата на училишна возраст и адолесцентите се случил претежно пред крајот на минатиот милениум, по што трендот забавил, стагнирал, а во некои случаи можеби дури и благо се намалил. Најрано забавување е забележано околу 1990 година во Данска, па во текот на 1990-тите следеле Исланд, Швајцарија, Белгија и Германија. До средината на 2000-тите, стабилизацијата веќе била видлива во поголемиот дел од земјите со висок приход. Во 2024 година, годишната брзина на промена во повеќето од нив била под 0,25 процентни поени, а во земји како Италија, Португалија и Франција можеби дури благо и негативна, иако толку мали вредности статистички не се разликуваат сигурно од нула.
Сепак, оваа стагнација не е универзално правило дури ни меѓу богатите земји. Во Франција, Холандија, Швајцарија и Јапонија, брзината останала ниска (под 0,2 процентни поени годишно), во текот на целиот период од 45 години. Значи практично никогаш немале нагол пораст. Спротивно на тоа, кај децата и адолесцентите во Австралија, Финска и Шведска, преваленцата на дебелина постојано растела, па дури и забрзувала, спротивно на трендот кај останатите развиени земји.
Кај возрасните, стагнацијата настапила подоцна (околу 2000 година), и најпрво кај жените, при што во земји како Франција, Италија и Шпанија веќе е забележан благ пад. Во земјите со низок и среден приход состојбата е спротивна: порастот таму не само што продолжува, туку во многу случаи забрзува, притоа достигнувајќи нивоа кои веќе ги надминуваат оние во богатите земји – во Латинска Америка, Африка, Азија и пацифичките острови трендот сè уште се забрзува, без знаци на стабилизација.
Според студијата, оваа поделба меѓу светот не е случајна, туку е резултат на подолгорочни промени во начинот на кој се произведува, преработува и продава храната, промени во технологиите за складирање и транспорт, економската моќ на домаќинствата, општествените норми, деловните практики на прехранбената индустрија, како и фискалните и регулаторните мерки на државите. Токму комбинацијата на овие фактори одредува колку е достапна и колку чини здравата храна во едно општество, а со тоа и колку брзо расте бројот на луѓе со прекумерна тежина.
Авторите потсетуваат дека дебелината не е само естетско или изолирано прашање. Таа го зголемува ризикот од кардиоваскуларни, бубрежни, црнодробни и респираторни заболувања, мускулно-скелетни и невропсихијатриски нарушувања, дијабетес тип 2, одредени видови рак, компликации при бременост и породување, како и потешка клиничка слика при заразни болести, вклучително и Ковид-19.
Причината зошто мали, оддалечени острови како Науру, Тонга или Самоа денес водат на глобалната листа на дебелина не е случајна. Таа е производ на неколку фактора.
Прво е наглата нутритивна транзиција. По Втората светска војна, традиционалната исхрана заснована на риба, коренести култури и локално одгледувано овошје и зеленчук постепено била потисната од увезена, високо процесуирана храна (конзервирано месо, ориз, шеќер и слатки газирани пијалаци, кои поради островската изолација често се поевтини и подостапни од свежите намирници).
Тука е и промената во начинот на живот. Преминот од физички напорни активности како риболов и земјоделство кон седечки занимања и административни работни места. Фактор е и економската достапност: нездравата храна со висока калориска вредност често е поевтина и потрајна од свежите производи, што прави здравиот избор да биде реален економски товар за домаќинствата со пониски примања.
Според официјалниот преглед на СЗО, ажуриран во декември 2025 година, во 2022 година секој осми жител на планетата живеел со дебелина. Во бројки, тоа значи 890 милиони возрасни лица, додека вкупно 2,5 милијарди возрасни, односно 43 отсто од светската популација, биле со прекумерна тежина. Кај децата и адолесцентите на возраст од пет до 19 години, повеќе од 390 милиони биле со прекумерна тежина во 2022 година, од кои 160 милиони веќе со дебелина. Состојба која, потсетува СЗО, речиси се учетворила во однос на 1990 година.
Прогнозите за иднината не се охрабрувачки. Атласот на светската дебелина за 2023 година, изработен од Светската федерација за дебелина, проценува дека до 2035 година дури 51 проценти од светското население, односно повеќе од четири милијарди луѓе, ќе живеат со прекумерна тежина или дебелина, доколку моменталните трендови продолжат.
Дебелината всушност, денес најсилно погодува мали, некогаш економски маргинализирани острови во Пацификот, чии традиционални системи на исхрана биле нарушени од глобализацијата на трговијата со храна, додека паралелно во земјите со висок приход, трендот полека се стабилизира. Накусо, без сериозна промена во политиките за исхрана, физичка активност и достапност на здрава храна, светот се движи кон состојба во која дебелината ќе биде правило, а не исклучок.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Најдебели на светот се жителите на остоворот…
Кога луѓето замислуваат земја во кризa со…
Артан Груби утре на судење
Поранешниот вицепремиер Артан Груби утре за прв…
ТРАМП ДОБИ „НЕ“ ОД КАНАДА: Пропаднаа трговските…
Трговските преговори меѓу САД и Канада пропаднаа,…
Шпанската полиција заплени 1,5 тони кокаин, меѓу…
Шпанската полиција заплени околу 1,5 тони кокаин…
Допирал тинејџерка додека одела пеш, па избегал…
На 22.08.2026 во 22:30 часот, полициски службеници…