Објавено на:

Незаборавник: За Македонцките работи – Македонскиот јазик во 19-от и почетокот на 20-от век

t

Незаборавник: За Македонцките работи(6.1)

Македонскиот јазик во 19-от и почетокот на 20-от век

/Кодификацијата на македонскиот јазик – од Партение Зографски, преку “лозарите“, “Лоза“, и Крсте Петков Мисирков до Блаже Конески/

Не врне ли дожд од Бога еднакво за сите?

А сонцето не грее ли исто така за сите?

Зар не дишиме воздух сите еднакво?

 Па тогаш како не се срамите да признаете само три јазика,

а за сите други народи сакате да бидат слепи и глуви?

Кирил Филозоф

Во 19-от век Македонија нема своја државна форма. Но и покрај сите тешкотии македонскиот народ успева да се формира како нација. Во осмислувањето и насочувањето на тие процеси активно учествува и литературата/книжевноста, која дава голем број на еманципаторски идеи кои постепено, ама сигурно, се претвораат во различни форми на општествена свест, која е главниот фактор за развој и напредок. Нашите дејци и творци како да започнаа со слоганот “Запознај се себе си“, продолжија со мислата-повик на Гете за повеќе светлина, а финишираа со мислата на Хумболт, дека единствена татковина е јазикот. На тој начин тие преку своите книжевни творби се претставија како учесници во историските процеси, во чие осмислување го внесоа сето свое знаење и умеење, па се внесоа дури и самите себе. 

Немањето сопствена држава е голем хендикеп, ама не толкав за да не може да се пронајде форма за опстојување во просветата, јазикот и црквата, кои се покажаа како клучни заштитници на националната идеја, посебноста и опстанокот. Времето покажа дека македонскиот јазик и духовната традиција беа составни елементи преку кои Македонците го барале и го нашле својот произнес во услови на постојан и агресивен  притисок од соседните ентитети и етникуми (Грција, Бугарија, Србија).

Уште на крајот од 18-от век  се појавиле текстови што сведочат дека народно јазичната форма на македонскиот јазик, освен во говорна, се јавува и во писмена форма. Тие текстови се најава за јазичните процеси што ќе се случуваат во 19-от век. Говорниот јазик постепено навлегувајќи во писмениот јазик, до крајот на 19-от век ја достигнува својата доминација, покривајќи разни литературни жанрови. Еден од најстарите споменици во кој се забележува навлегувањето на народниот јазик во црковните документи е Тиквешкиот зборник, кој датира од 16/17 век. Во јазикот на овој зборник се забележуваат елементи од народната реч. Сепак најбројни се дамаскините, ракописи во кои има елементи на народниот јазик. Тоа се зборници од приказни, легенди, и христијански црковни проповеди. Нив ги надополнуваат и лечебниците и ерминиите, исто така пишувани на народен јазик. Тука може да се спомне и Четиријазичникот на Данаил Москополски отпечатен 1802г. Тоа е речник на четири јазика во кој како словенска паралела е даден охридскиот говор од почетокот на 19-от век.

Првата половина на 19-от век е период кога се диференцира граѓанската класа во Македонија и паралелно со тој процес се јавуваат и почетоците на културната преродба на македонскиот јазик. Тоа се одразува и на културно-просветен план, па така се развива уметноста, се создаваат црковно-просветни општини, во кои се води сметка за црквата и училиштата. Тогаш отпочнуваат и бројните иницијативи за обновување на Охридската архиепископија, а отпочнува и пробивот на народниот јазик во писмена употреба. т.е замена на црковнословенскиот јазик со народен. Само по себе се наметнува и прашањето на посебен литературен јазик на Македонците – јазик лесно достапен и разбирлив за сите и јазик што ќе претставува обединувачки фактор за целата јазичноетничка територија. 

Овој процес доаѓа до својот врв(на првата фаза) во дејноста на првите наши писатели од почетокот на 19-от век – Кирил Пејчиновиќ и Јоаким Крчовски. Со печатењето на нивните книги, напишани на народен јазик, тој се зацврстува во книжевноста, со што се создава писмена традиција на народен македонски јазик. Нивните книги одговараа на потребата за прочит на јазик разбирлив за народот. Истовремено нивните дела допринесоа во утврдувањето на свест дека на тој јазик може да се создава писменост и литература. Тоа беше потполна победа на македонскиот народен јазик.

Истовремено, тие ги спроведуваат и првите будителски акции преку книгата. Крчовски, Пејчиновски и Синаетски ги пуштаат во оптек и првите просветителски идеи во Македонија. Така, Крчовски, во “Различна поучителна раставленија“ советува дека книгата е поучна “зошто од читање и слушање слово божие голема сила и спасение бива“. Според него ништо не може да биде толку добро колку што бива добро од читање книги, и додава дека тие ја хранат душата и и даваат живот. Пејчиновиќ пак во Огледало(1816г.) советува дека книгата е важен фактор за извлекување од заостанатост. И тој дава поуки за обичните луѓе, при што заклучува “се на писание висит – да не е писмо се би се заборавело“.

Збор, два за Партение Зографски(1818 – 1876). Јеромонах Партениј со световно име Павле Хаџи Василков Тризлоски  роден е  во Галичник. Прв македонски учебникар и епископ, преродбенски деец, фолклорист, филолог и преведувач. Човек со завидна култура и познавач на повеќе јазици. Учел во Бигорскиот манастир, подоцна во Охрид кај Д.Миладинов од кого ја стекнал љубовта кон народното творештво. Завршил Духовна академија во Киев и Москва, едно време престојувал во Парис, а подоцна бил воспитувач на царските деца во Санктпетерсбург. Престојувал и во Зографскиот манастир на Света Гора. Бил владика Полјански(Дојрански) во Кукуш, како и Нишавски во Пирот.

Негови најпознати дела се “Кратка свршена историја“(1857г.) и “Началное ученија за деца“(1858г.) и двете статии за јазикот објавени во “Цариградски весник“ и “Блгарски книжници“. Јазикот на учебниците на Партение е заснован врз неговиот галички говор.

Клучар на народната ризница. Најобразованиот и најучениот од наши луѓе во 19от век. Духовен и просветителски светилник на македонскиот народ. Го вовел народниот говор во црквата и училиштата. Прв наш човек со научна концепција за јазикот. Прв посвесен и со јасни визии преродбеник за јазикот, литературата, културата и националната иднина. Прв ја поставил теоријата како треба да изгледа македонскиот книжевен јазик, која подоцна ќе биде продолжена од следбениците К. Шапкарев, Д. Македонски, а особено од Ѓ. Пулевски. Сето ова ни го претставува Партенија како прв наш човек со научна концепција за јазикот, со извесен систем за народните говори и нивниот однос кон литературниот јазик, деец кој прв се зафати со разработка на македонската граматика. За него “македонското наречие“ содржи во себе убости и богатства, па бил против секое слепо подржување на јазикот од “горните Болгаре“(Блаже Конески). Тој ја чувствувал убавината на својот мајчин јазик и имал причина што не можел и не сакал да се откаже од него.

(продолжува)

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Ахмети за спорот со јазикот: Прифатливо е…

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, на предновогодишна…

Еден Стpaтег, една Струмичка Барбика и немopaлна…

Колумната е кратка приказна за селските и…

(Видео) Прв македонски филм на „Netflix“ –…

Од петок (24.12) светската публика ќе има…