Романија, Бугарија и Турција сакаат нова воена команда на НАТО во Црното Море
Романија ѝ предложила на Бугарија двете држави заеднички да испратат писмо до раководството на НАТО со барање за формирање воено командување во Црното Море. Ова го соопшти романскиот министер за национална одбрана Раду Мируша, пренесе БГНЕС.
Бугарскиот премиер Румен Радев изјави дека Бугарија ја поддржува идејата. Согласност дала и Турција. Сепак, треба да се доработи предлогот – дали командувањето ќе биде постојано или ќе функционира на ротирачки принцип.
Радев моментално е во Брисел, на состанокот на Европскиот совет. Оттаму изјави дека очекува германскиот канцелар Фридрих Мерц да му достави докази дека дроновите што ги погодуваат бродовите во Црното Море се руски. Бугарскиот премиер сè уште нема такви докази.
Бродот „Челси 3“, погоден на 17 наутички милји од Бјала, денеска попладне ќе биде одвлечен до пристаништето во Бургас, каде што ќе се испита дали има остатоци од дронови, соопшти премиерот.
„Тогаш ќе бидеме многу појасни во нашите обвинувања“, изјави Радев.
„Не сме ги прекинале дипломатските односи со Руската Федерација. Го имаме тој канал за комуникација и за мене е важно тој да се проширува со нови предлози“, посочи премиерот.
Романија сака командувањето да биде предводено на ротирачки принцип од сојузничките црноморски држави, при што ќе се менува и местото на кое ќе биде распоредено, соопшти романската национална информативна агенција.
Романија е подготвена да го преземе раководењето со новата структура и од 2028 година да ја смести на своето црноморско крајбрежје. Дотогаш, Букурешт прифаќа командувањето да функционира на турското крајбрежје на Црното Море, со учество на романски и бугарски офицери, посочи Мируша.
Според романскиот министер, инцидентите со беспилотни летала, потонатите пловни објекти и морските мини наметнуваат координирани активности. Тој нагласи дека ризиците за воздушната и поморската безбедност во регионот веќе не можат да се третираат како изолирани национални проблеми.
Мируша ги поврзува зголемените ризици и со руските напади врз украинската инфраструктура, кои, според него, создаваат дополнителни закани за безбедноста на Романија и Бугарија.
Во јули 2024 година, Романија и Бугарија потпишаа меморандум за формирање Регионална команда на компонентата за специјални операции во Црноморскиот регион (HQ R-SOCC). Според романското Министерство за национална одбрана, структурата треба да ги координира сојузничките активности во областа на специјалните операции и да придонесе за зајакнување на одбраната на источното крило на НАТО.
Предлогот на Мируша од 14 октомври се однесува на посебна иницијатива за воено командување на црноморските членки на Алијансата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Романија, Бугарија и Турција сакаат нова воена…
Романија ѝ предложила на Бугарија двете држави…
ЗНМ реагира на заканувачка содржина насочена кон…
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изразува…
Грчките инвестиции во енергетскиот сектор на Романија…
Говорејќи на третото издание на „Кодексот на…
(Видео) Посмртните останки на цар Самоил предадени…
Бугарскиот премиер Румен Радев пристигна во Музејот…
Кајчев од Историската комисија: Во 2019 договоривме…
Бугарскиот историчар, Наум Кајчев кој е член…