„Со секое заминување се прекинува нишка во нашето ткиво“: Сиљановска повика младите да останат во Македонија и тука да ја градат иднината
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод 8 Септември – Денот на независноста, упати честитка до граѓаните во која порача дека независноста не е завршено минато, туку трајна обврска на секоја генерација да ја чува, гради и надградува државата.
Сиљановска-Давкова потсети дека пред 35 години, со референдумот од 8 септември 1991 година, македонските граѓани го заокружиле делото на илинденците и асномците и создале свој национален и заеднички граѓански дом, без оглед на етничката и верската припадност.
„Денес, со длабока благодарност и пиетет, се потсетуваме на историската вистина дека најголемото и најважното достигнување за еден народ е да има сопствена, суверена и демократска држава, којашто ќе ја штити неговата слобода, идентитет и дигнитет и ќе работи на нејзиниот просперитет. Сега, единствено од нас самите зависат нејзиниот опстој и нејзината иднина.
Иако е прогласена за навек, независната држава не е минато свршено, туку и сегашно трајно време. Таа започна со референдумската одлука како важна секојдневна, неуморна задача за секоја генерација да ја чува, гради и доградува.
Македонската независност почива на три столба: првиот е довербата на секој граѓанин во сопствената држава и во капацитетот на нејзините институции да ги заштитат правата, да обезбедат правда и да пружат еднакви можности за сите; вториот е меѓусебната доверба меѓу нас, граѓаните, како човечка нитка којашто нè држи заедно, независно од етничката, верската, јазичната и секоја друга разлика, и третата е – непотрошната, искрената и непоколеблива вера во македонската иднина.
Во празничен, оптимистички дух, да потсетам дека страниците на нашето минато и сегашност бележат бројни успеси на многу полиња. Изградивме функционални институции и ја развивавме свеста за општото добро и државниот и национален интерес. Создадовме НАТО армија која ја гарантира нашата безбедност. Развивме и развиваме економија отпорна на притисоците и отворена кон светските пазари. Стекнавме пријатели и стратешки партнери кои не поддржуваат на долгиот и трнлив европски пат. Имаме јасна свест за европска припадност и стратешка цел за европско членство.
Додека го славиме големиот ден, уште еднаш констатираме дека изминатите три и пол децении се соочивме со тешки искушенија, блокади и двојни стандарди, коишто стимулираа несакани внатрешни процеси и проблеми.
Еден од најголемите е иселувањето на младите луѓе во потрага по подобар живот. Со секое заминување се прекинува нишка во нашето ткиво, а секоја празна училишна клупа е молчалив потсетник дека ги губиме оние кои беа и сѐ уште се нашата најголема надеж.
Болната вистина не смее да нè парализира, туку мора да нè мобилизира. Државата не е само систем на институции. Луѓето се државата. Имаме генерациска одговорност да ги завршиме неодложните задачи: да ги искорениме криминалот и корупцијата, да воспоставиме бескомпромисно владеење на правото и да изградиме мирно и праведно општество на рамноправни и еднакви граѓани, независно дали се Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и други. Асномскиот завет нѐ учи: „КАКВА МАКЕДОНИЈА ЌЕ ИЗГРАДИМЕ, ТАКВА ЌЕ ЈА ИМАМЕ“. Никој друг нема да ни го уреди домот освен ние самите!
Повеќе од кога било порано, денес ни е потребна проактивна, конструктивна надеж, верба дека со сопствени сили можеме и мораме да ги направиме нештата подобри. Нашата визија е стабилна и напредна европска држава, но пред сè, татковина во која младите нема да пакуваат куфери, туку, тука ќе создаваат семејства и ќе градат иднина.
Време е за релативизирање на географијата и границите и за подлабоко поврзување со нашата дијаспора, за обединување на сите умни, креативни и храбри луѓе со македонско потекло во градењето на татковината како пристоен, достоинствен и просперитетен заеднички дом.
Со особена гордост и радост Ви го честитам големиот празник 8 Септември, денот кога македонските граѓани, храбро и одговорно го исполнија аманетот на илинденците и асномците и демократски, на референдум, со огромно мнозинство се изјаснија за СУВЕРЕНА И САМОСТОЈНА ДРЖАВА МАКЕДОНИЈА“, вели претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„Со секое заминување се прекинува нишка во…
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод 8 Септември…
27-годишник од Македонија убиен во Берлин
Дваесет и седумгодишен македонски државјанин од Радуша…
Латвија планира да воведе царина од 300…
Владата на Латвија планира да воведе царина…
Путин постави рок за освојување на Доњецк…
Кремљ поставил нов рок до кој руските…
Главниот обвинител на Украина поднесе оставка по…
Главниот државен обвинител на Украина, Руслан Кравченко,…