„Србија е европска велесила во гаснењето пожари“, се пофали Вучиќ само два дена откако побара помош за гаснење од ЕУ
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека Србија со оглед на нејзината големина е „европска суперсила“ во однос на технологијата и опремата за гаснење пожари.
При посетата на Делиблатската Пешчара, каде што пожарникарите со денови се борат со голем пожар, Вучиќ тврдеше и дека хеликоптерите кои како помош во гаснењето на огнот беа испратени од ЕУ, се послаби и со помал капацитет од српските.
„Во последните девет години, набавивме повеќе опрема отколку што беше купена во претходните 30 години“, рече Вучиќ.
Според него, иако повеќето европски земји се помалку опремени од Србија, сепак тие имаат предност поради нивниот брз одговор и ефикасна меѓусебна соработка.
Вучиќ додаде и дека во пожарот никој не загинал и тој не зафатил ниту една зграда, туку изгорел само еден теренски тоалет.
Тој ги отфрли и како лажни тврдењата дека пожарот е намерно „запален“ заради интерес на инвеститори.
Во Србија вчера пристигнаа хеликоптери и противпожарни екипи од Европската Унија. Распоредени беа два хеликоптери од Чешка и по еден од Словачка и Романија. Во гаснењето на пожарот помага и руски авион „Иљушин“.
Вучиќ објасни дека Србија прво побарала помош од Русија, па дури потоа од ЕУ, бидејќи експертите барале авион со поголем капацитет „што Европа го нема“.
На прашање зошто биле потребни 13 дена за да стигне руската помош, Вучиќ одговори дека Србија го испратила барањето дури на 17 август. „И Русите и Европејците реагирале веднаш“, рече Вучиќ.
Српските власти првично тврдеа дека не им е потребна помош за гаснење на пожарот во Делиблатска Пешчара.
Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ на 7 август изјави дека Шпанија и Франција бараат помош, а Србија се справува сами со пожарите.
„Никогаш не сме побарале помош, ниту пак ни била потребна“, изјави Дачиќ.
На 16 август, Вучиќ изјави дека на Србија е била понудена помош, но дека „во овој момент не е потребна, бидејќи има доволно сила и може сама да се справи“ со пожарот.
Јавното претпријатие „Војводински шуми“ соопшти дека првиот пожар во Делиблатската Пешчара е регистриран на 21 јули, но излегол од контрола на 5 август. Според проценката од 17 август, пожарот зафатил 3.960 хектари, од кои 3.111 хектари шуми и оттогаш се шири.
Пожарникарите наведуваат дека непристапниот терен и ветерот предизвикуваат проблеми во гаснењето на пожарот. Пожарот имал длабоки корени во земјата, додека пламените јазици достигнувале висина од 30 до 40 метри.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„Србија е европска велесила во гаснењето пожари“,…
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека…
Историска мисија на НАСА: Во 2028 година…
Американската вселенска агенција НАСА официјално ја одреди…
Нов ценовен удар или поевтинување: РКЕ утре…
Регулаторната комисија за енергетика утре ќе носи…
Атлетик: Инфантино разви Светско младинско првенство со…
Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, беше вклучен…
СДСМ: Мицкоски бара алиби за изборите, ќе…
Владејачката партија и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски…