Тошковски: Трговијата со луѓе е глобален проблем, неопходна е меѓународна соработка
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски учествуваше на Регионалниот експертски состанок посветен на зајакнување на прекуграничната кривично-правна соработка и заштитата на странските жртви на трговија со луѓе, организиран од Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал – УНОДЦ.
Во обраќањето, Тошковски нагласи дека трговијата со луѓе претставува еден од најсериозните облици на организиран криминал и дека за нејзино сузбивање е неопходна координација меѓу државите и институциите.
„Трговијата со луѓе, како глобално и општествено неприфатлив чин, не познава граници, ниту пак прави разлика меѓу луѓето врз основа на нивното потекло, припадност или убедувања. Оттаму, нашиот одговор мора да биде исто толку одлучен: организиран, сеопфатен и мултидисциплинарен“, истакна Тошковски.
Тој предупреди дека криминалните мрежи, покрај традиционалните форми на експлоатација, развиваат и нови и посложени начини на злоупотреба. Како посебни ризици ги издвои трудовата и сексуалната експлоатација, како и ранливоста на странските државјани кои бараат подобри економски услови.
Според министерот, Западен Балкан истовремено претставува регион на потекло, транзит и крајна дестинација за жртвите на трговија со луѓе. Во Македонија во последните години доминира внатрешната трговија со луѓе, но се идентификуваат и странски жртви.
Како најранливи категории тој ги посочи децата и лицата погодени од сиромаштија, дискриминација и семејно насилство.
Тошковски потсети дека Македонија од 2001 година ги развива механизмите за борба против трговијата со луѓе, а системот се темели на пет столба – превенција, кривичен прогон, заштита, реинтеграција и обесштетување на жртвите.
„Во фокусот на секоја наша мерка секогаш стои Човекот — жртвата чие достоинство мора да го вратиме“, порача Тошковски.
Тој додаде дека подигнувањето на јавната свест, навременото препознавање и пријавувањето на случаите се клучни, бидејќи трговијата со луѓе често останува скриена, а жртвите невидливи за општеството.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Тошковски: Трговијата со луѓе е глобален проблем,…
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски учествуваше…
Над 244 илјади туристи ја посетиле Македонија…
Македонија во август ја посетиле вкупно 244.513…
„Хакер“ од Мала Речица паркирал бесплатно, па…
Дваесет и двегодишен жител на Мала Речица…
Потерницата за Михајлова стигнала во бугарското МВР
Бугарското Министерство за внатрешни работи добило известување…
ОДБРАНАТА НА ГРУБИ СЕ ИЗВИНИ: Велат дека…
Адвокатите на Артан Груби се оградија од…