Америка и Саудиска Арабија го нападнаа Ирак
Ирачките Народни мобилизациски сили (ПМФ) соопштија дека осум нивни припадници загинале, а четворица биле ранети во заеднички воздушни напади на Саудиска Арабија и на САД врз нивни позиции низ Ирак, пренесува „Ал џезира“.
Саудиска Арабија и Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ) рано утринава соопштија дека заедничките воздушни напади биле насочени кон проирански милиции во Ирак, кои, според нив, стојат зад нападите врз американски војници и врз саудиската енергетска инфраструктура.
Министерството за одбрана на Саудиска Арабија во соопштение наведе дека нападите биле изведени „како одговор на неодамнешните напади со беспилотни летала“ и дека саудиската противвоздушна одбрана „пресретнала и уништила повеќе дронови кои се обиделе да погодат нафтени постројки во Источната Провинција и во регионот на Ријад“.
„Кралството нагласува дека не бара ескалација, но ќе одговори на секоја агресија со која ќе се соочи“, се наведува во соопштението.
Во својата реакција, Народните мобилизациски сили – организација на ирачки милиции кои се поддржани, обучувани и лојални на Иран – оценија дека нападите претставуваат „исклучително опасна ескалација“ и кршење на суверенитетот на Ирак и на неговите официјални безбедносни институции.
Исламскиот отпор во Ирак, вооружена група поддржана од Иран, негираше каква било вмешаност во нападите врз Саудиска Арабија.
Групата ги нарече тврдењата на Ријад „измислици“ и порача дека „секој непромислен потег на Саудиска Арабија ќе биде дочекан со жесток одговор“.
Прашањето за Народните мобилизациски сили со години е предмет на несогласувања меѓу ирачката влада, САД и други соседни земји.
Според ирачките закони, ПМФ се дел од безбедносните сили на државата и директно му одговараат на врховниот командант, кој воедно е и премиер.
Претходните ирачки влади не успеаја да го ограничат влијанието на овие вооружени групи, кои повремено изведуваат напади врз Амбасадата на САД во Багдад и врз американски бази низ Ирак, игнорирајќи ги наредбите на владата и на војската.
Ирачкиот премиер Али ал Заиди в четврток ќе отпатува во Саудиска Арабија, само неколку дена откако им нареди на безбедносните служби да ги истражат нападите со дронови врз саудиска територија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Израел да се повлече од Либан, а…
Иранската револуционерна гарда денеска соопшти дека војната…
Директорот на ЦИА презема поголема улога во…
Директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА)…
Американската компанија „Ковенант“ ќе произведува крстосувачки ракети…
Американскиот одбранбен контрактор „Ковенант“ планира да отвори…
САД констатираа дека Бугарија прикрива руски хибридни…
САД констатираа дека Бугарија не се бори…
Канада го забрзува економското оддалечување од САД,…
Канада ќе ги забрза напорите за намалување…