Андоновски: Дигиталната трансформација и финансиската иновација мора да се движат заедно

t

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски денеска учествуваше на отворањето на MicroBalkans 26, настан кој ги обединува претставниците на финансискиот сектор, fintech компаниите, стартапите, регулаторите и развојните партнери од регионот.

Андоновски посочи дека темата „Lending Reimagined“ е особено значајна, бидејќи пристапот до финансии денес не е само прашање на капитал и кредитни производи, туку и на доверба, податоци, технологија, јасни правила и ефикасни системи.

Тој истакна дека Министерството за дигитална трансформација веќе работи на повеќе процеси насочени кон унапредување на дигиталната инфраструктура.

Меѓу нив е Националниот портал uslugi.gov.mk, кој во моментов нуди околу 350 електронски услуги за граѓаните и компаниите.

Како што наведе Андоновски, е зајакната и интероперабилноста меѓу институциите – од 48 институции во 2024 година на 90 денес, додека месечниот број трансакции пораснал од околу 708.000 на речиси 4 милиони.

Министерот најави и отворање на интероперабилноста кон приватниот сектор, што, според него, треба да овозможи побрзи проверки, намалување на административниот товар и поефикасни услуги.

Во октомври, пак, треба да биде промовирана m.Uslugi, мобилна супер-апликација која треба да стане дигитален канал меѓу граѓаните и државата.

Андоновски ги посочи и дигиталниот идентитет, електронските документи, доверливите услуги и зајакнувањето на сајбер-безбедноста како дел од процесите на дигитална трансформација.

„Дигиталната трансформација и финансиската иновација мора да се движат заедно“, порача Андоновски, додавајќи дека финансиската инклузија, дигиталната инфраструктура и довербата се основа за побрз, посигурен и покорисен финансиски систем за граѓаните, компаниите и економијата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Тошковски и Андоновски: Електронски лични документи и…

Денеска (19.04.2024) министерот за внатрешни работи Панче…

(Документи)Македонската Православна Црква ќе се преименува, не…

Бидејќи се поделивме по сите основи, без…

Божиќно пocлание на г.г. Стефан: Да подариме…

Божјата љубов кон нас се покажа во…