БРИТАНСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ПОВИКА ВЛАДАТА ДА ГО СЛЕДИ МОДЕЛОТ НА ЕУ ЗА НОВИ РУДНИЦИ – Македонија наскоро би се усогласила со европските правила?!
Велика Британија нема да може да изгради инфраструктура за вештачка интелигенција или да ги исполни своите одбранбени цели без да обезбеди синџири за снабдување со критични минерали кои сега се доминирани од Кина, предупреди парламентарна комисија, чија надлежност е да го контролира работењето на властите во Лондон. Комитетот за бизнис, иновации, наука и трговија во британскиот Парламент оцени дека Британија не може да ги исполни своите амбиции во одбраната без сигурни резерви на минерали и повика веднаш да се примени моделот на Европската Унија, кој предвидува означување на стратешки проекти во рударството.
„Способноста на Кина да ја искористи својата контрола врз синџирите на снабдување со критични минерали претставува геополитичка закана за економската безбедност на Обединетото Кралство, а со тоа и за неговата национална безбедност. Неодамнешните тарифи на извозот беа насочени кон САД, но имаа влијание и врз британските производители. Обединетото Кралство сè уште нема развиено алтернативни синџири на снабдување и нема значително присуство во синџирот на вредности. Сè додека не го стори тоа, Обединетото Кралство останува изложено на значителен ризик“, се наведува во извештајот на пратениците посветен на критичните минерали.
Пред парламентарците кои се членови во Комитетот, и конзервативци и лабуристи, оценка споделил и Тоби Спитл, трговец со бакар. Тој истакнал дека Кина на рафинирањето и преработката гледа како на дел од интегриран синџир на снабдување, па затоа и извезува батерии и други производи произведени во Кина по „најниска можна цена“. Тие порачаа британските власти да стимулираат отворање на нови рудници и центри за преработка дома.
„Владата призна дека сегашната деловна клима за проектите поврзани со критични минерали во Обединетото Кралство не е конкурентна. Таа најави мерки за намалување на трошоците за енергија, како и за подобрување на процесите за издавање дозволи и планирање. Ова е за поздравување. Сепак, на глобално конкурентен пазар, други земји обезбедуваат насочена поддршка за своите најважни проекти. Доколку Обединетото Кралство не го стори истото, ризикува да заостане“, предупредуваат пратениците.
Тие препорачаа британската Влада, по примерот на моделот на Европската Унија, да воведе ознака „стратешки проект за критични минерали“.
„Проектите во овие области би имале корист од законски утврдени рокови за издавање дозволи; услуга за насочување и поддршка низ процесите на планирање, добивање дозволи, финансирање и енергетска поддршка; приоритетен пристап до енергетската мрежа и пристап до механизми за поддршка на цените на енергијата; како и олеснет пристап до договори за откуп на производите“, се додава во препораката.
Додека дебатата за рударството значително се покрена и кај британската стручна јавност, во Македонија се очекува ознаката „стратешки проект“ за критичните минерали да се воведе откако ќе се усвојат новите закони за рударство и геологија. Со нив, како што беше најавено од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, македонското законодавство ќе се усогласи со европското.
„Во подготовката на законските решенија беше овозможено учество на јавноста преку ЕНЕР, вклучително и на експерти, општини, компании, граѓански организации и поединци… Минералните суровини имаат потенцијал да поттикнат инвестиции, отворање работни места и развој на домашната економија. Сепак, економскиот потенцијал на одреден проект не ги заменува законските услови за негово одобрување и реализација. Секој проект мора да се разгледува и од аспект на влијанијата врз водата, почвата, воздухот, здравјето на луѓето, земјоделството и другите дејности во засегнатото подрачје“, соопштија неодамна од ресорното Министерство.
Кај нас актуелна е само една инвестиција во рударски проект за критичен минерал, а тоа е за бакарот во „Иловица-Штука“. Од локалната иницијатива „И здравје и работа“, која го поддржува проектот, неодамна повикаа Македонија да го следи европскиот пример.
„Македонија не смее да остане настрана од европските процеси. Критичните минерални суровини се важен дел од индустриската и економската иднина на Европа, а нашата земја има ресурси и потенцијал да биде дел од тие процеси. Потребни се современа законска рамка, стручност, инвестиции и јасни правила кои ќе овозможат развој на рударството во согласност со највисоките стандарди за заштита на животната средина“, се наведува во ставот на „И здравје и работа“.
Нивната реакција следуваше откако во последниот Извештај, Брисел повика Македонија да се усогласи со Директивата за критични суровини (CRM) на ЕУ, како и да изготви и усвои соодветна легислатива за да се интегрира во синџирот на вредности на ЕУ за критични суровини. Според Извештајот, ресурсите на критични минерали во Македонија, вклучувајќи ги железото, никелот, бакарот и цинкот, се од витално значење за индустрискиот и производниот сектор во регионот, а земјата, исто така, произведува олово и други неопходни минерали кои ја поддржуваат растечката рударска индустрија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
БРИТАНСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ПОВИКА ВЛАДАТА ДА ГО СЛЕДИ…
Велика Британија нема да може да изгради…
ДЕЗИНФОРМАЦИИТЕ ЈА ЗАГРОЗУВААТ ИДНИНАТА НА МАКЕДОНСКОТО РУДАРСТВО…
Последниот пресек на состојбата во македонската индустрија…
НА ЕВРОПА Ѝ СЕ БРЗА ДА ОТВОРА…
Европската комисија планира да објави нов повик…
СОСЕДИТЕ ПРОФИТИРААТ ИАКО РУДАРСТВОТО ИМ СТАГНИРА –…
Бугарија минатата 2025 година произвела руда во…
Критичните минерали се новата економска стратегија на…
Европската Унија и САД сè поинтензивно ги…