ДЕЗИНФОРМАЦИИТЕ ЈА ЗАГРОЗУВААТ ИДНИНАТА НА МАКЕДОНСКОТО РУДАРСТВО – Не постои зелена транзиција без минерални суровини
Последниот пресек на состојбата во македонската индустрија одново покажува поразителни бројки за рударската гранка. Индустриското производство во септември 2026 година е зголемено за 2,4% во однос на септември 2025 година, но најголем удел во растот има преработувачката индустрија. На другата крајност со негативни показатели е токму рударството, кое во ниту еден месец од годинава нема подобрување во споредба со истиот период лани.
„Индустриското производство во секторот Рударство и вадење камен во септември 2026 година, во однос на септември 2025 година, бележи опаѓање од 7,7%“, соопшти Државниот завод за статистика.
Најостар пад беше забележан во податоците за месец август, кога рударството било послабо за дури 10,1%. Домашните експерти недвосмислено потенцираат дека е потребен развој на одржливо рударство, со кое Македонија ќе фати чекор со земјите од соседството и со европските трендови. Последно, геологот Ѓорѓи Димов, кој е и декан на Факултетот за природни и технички науки во Штип, изјави дека рударството и геологијата имаат огромно значење за економскиот развој на нашата држава, но и за нејзината иднина. Според него, кога зборуваме за рударството мора да се потсетиме дека тоа е еден од темелите врз кои се градела македонската индустрија.
– Денес рударството останува значаен дел од македонската економија. Само во 2024 и 2025 година извоз на концентрати на олово, цинк и бакар достигнува неколку стотина милиони долари. Тоа се конкретни бројки кои потврдуваат дека рударството не е само наше индустриско наследство, туку и реална економска состојба – истакна Димов на годишното стручно советување во организација на Здружението на рударски и геолошки инженери на Македонија.
Во излагањето тој додаде дека денес се соочуваме со еден голем парадокс – светот бара зелена транзиција, обновлива енергија, електрични возила, нови технологии, а истовремено се погласни се барањата коишто се насочени кон ограничувања на рударството.
– Мора јасно и гласно да кажеме дека не постои зелена транзиција без минерални суровини, ниту минерални суровини без рударство. Сепак, тоа не ни дава право да ја занемариме животната средина. Напротив, обврската е да сме уште поодговорни кон неа. Денес рударството можеби може да ја добие најважната битка во својата историја, а тоа е битката за довербата кај граѓаните. Таа битка нема да ја добиеме со декларации и празни ветувања, ниту со конфронтации со оние коишто се против рударството. Ќе ја добиеме со знаење, со нови технологии, транспарентност и конкретни резултати – појасни универзитетскиот професор.
Димов оцени дека дезинформациите ја загрозуваат иднината на рударството.
– Рударството коешто создава економска вредност ја почитува природата и ја има довербата на граѓаните. Ако во минатото рударството ја градеше индустриската Македонија, денес наша обврска е преку одржливо рударство да ја градиме иднината на Македонија. Да не дозволиме стравот да биде посилен од знаењето, ниту неодговорноста да биде посилна од напредокот. Да покажеме дека Македонија има знаење, има ресурси и пред сѐ, има луѓе кои можат да создадат современо, одговорно и одржливо рударство – заклучи Димов.
Последен проект кој наиде на обвинувања од страна на дел од активисти, но и политичари, беше инвестицијата во рудникот за бакар во Иловица. Инвестицијата е единствена активна во македонското рударство во моментов и беше најавено дека ќе ги употребува најсовремените технологии. Од ова наоѓалиште годишно би се произведувале околу 16.000 тони бакар, што значително ќе влијае на македонскиот извоз. Самата инвестиција би тежела 350 милиони евра. Дополнително, инвеститорот информираше дека проектот ќе придонесе за економијата и со 500 директни вработувања и над 2.000 индиректни вработувања. Од друга страна, голем број инвестиции во рударството во минатото не се реализираа, а нов рудник во Македонија се нема отворено повеќе од четириесет години.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ДЕЗИНФОРМАЦИИТЕ ЈА ЗАГРОЗУВААТ ИДНИНАТА НА МАКЕДОНСКОТО РУДАРСТВО…
Последниот пресек на состојбата во македонската индустрија…
НА ЕВРОПА Ѝ СЕ БРЗА ДА ОТВОРА…
Европската комисија планира да објави нов повик…
СОСЕДИТЕ ПРОФИТИРААТ ИАКО РУДАРСТВОТО ИМ СТАГНИРА –…
Бугарија минатата 2025 година произвела руда во…
Критичните минерали се новата економска стратегија на…
Европската Унија и САД сè поинтензивно ги…
Републиканците и демократите во САД се обединија…
Американските демократи и републиканци се обединија за…