(Видео) Илјадници граѓани во Загреб му оддадоа почит на Кристијан Периш: „Нема да нè задушите“

t

Илјадници граѓани вечерва се собраа во Загреб за да му оддадат почит на 32-годишниот Кристијан Јосип Периш, кој пред еден месец почина за време на медицинска интервенција во загрепската Клиника за психијатрија „Свети Иван“.

На повик на семејството Периш, кое го организираше комеморативниот собир на главниот плоштад во Загреб, присутните носеа бели перници како симбол на семејната иницијатива „Нема да нè задушите“, објави „Јутарњи лист“.

На снимките од надзорните камери кои претходно беа објавени се гледа како медицински техничари го удираат врзаниот Периш и му држат перница врз лицето, додека повеќе медицински работници го набљудуваат настанот.

Пред собирот, семејството Периш порача дека сака достоинствено да се прости од Кристијан, без политички пораки, но и да поттикне промени во начинот на постапување со психијатриските пациенти.

На бината поставена на плоштадот „Бан Јелачиќ“ беа прикажани кратки филмови за животот на Кристијан, а неговата помлада сестра се прости од него со емотивен говор, присетувајќи се на нивното детство и на плановите што ги имале за иднината.

На собирот повторно беа упатени барањата на семејството, меѓу кои измени на прописите за физичко совладување на пациентите, задолжителен видеонадзор при ваквите постапки во сите болници и испитување на сите вработени кои учествувале во постапувањето со Кристијан.

Во спомен на починатиот млад човек, на плоштадот беше поставена и спомен-плоча, покрај која граѓаните палеа свеќи.

Здравствениот инспекторат утврди низа пропусти

Поранешниот атлетичар почина во загрепската психијатриска клиника на 21 октомври, а на почетокот на ноември беа уапсени четворица медицински техничари под сомнение за тешко убиство.

Во продолжението на истрагата беа приведени и лекарка, две медицински сестри и техничари, осомничени дека не го спречиле убиството.

Случајот ја шокираше хрватската јавност. По објавувањето на снимките од надзорните камери, оставки поднесоа директорката на клиниката, Мајда Грах, нејзината заменичка и помошникот за медицинска нега, а потоа и членовите на Управниот совет.

Беа упатени бројни барања истрагата да се прошири и да ги опфати сите што учествувале во настанот.

Здравствениот инспекторат утврди низа пропусти и неправилности во случајот со смртта на Периш, како и дека физичкото совладување не било спроведено согласно пропишаниот протокол.

Како проблематично беше посочено и тоа што снимките од надзорните камери биле прегледани дури две недели по смртта на пациентот.

Истрагата е во тек, а сè уште се чекаат резултатите од обдукцијата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Илјадници граѓани во Загреб му оддадоа…

Илјадници граѓани вечерва се собраа во Загреб…

Четворица медицински техничари осомничени за убиство на…

Суд во Загреб одреди едномесечен притвор за…

Ученик во Загреб избоде соученик и хигиеничарка

Сериозен напад се случи утрово, околу 8:00…

Македонец уапсен во Загреб по инцидент во…

Драма се случила на меѓународен лет за…

Северина на протестот во Загреб: Тука сум…

Десетици илјади луѓе се собраа во Загреб…