(Видео) Историска снимка од првата средба на Македонците од Албанија и Македонија во 1991 година
Весникот „Македониум“ за првпат објавува драгоцена архивска снимка од историската погранична средба на Македонците од Албанија и Македонија во април 1991 година. Во април 1991 година, по децении на изолација и затворени граници, Македонците од Албанија и Република Македонија повторно се сретнаа.
Тоа беа историски денови кои го означија почетокот на повторното поврзување на македонските семејства и заедници разделени со децении од комунистичкиот режим во Албанија. Весникот „Македониум“ за првпат објавува историска архивска снимка од
пограничната средба во Стење, Република Македонија, на 7 април 1991 година, како и од посетата на Македонците од Македонија на Мала Преспа неколку дена подоцна.
На 7 април 1991 година, Македонци од Албанија, претежно од Мала Преспа и селото Врбник од областа Девол, по претходното рушење на бодликавата жица која со децении ги разделувала од Македонија, по неколку неуспешни обиди конечно ја преминале границата.
Тие масовно се упатиле кон граничниот премин Стење–Горица, кој во тој период сè уште официјално не бил отворен, и продолжиле во атарот на селото Стење. Таму биле пречекани од Македонци од другата страна на границата, во моменти исполнети со силни емоции, радост и неверување дека по толку години повторно можат слободно да се сретнат.

Меѓу оние кои ги пречекале имало и Македонци со потекло од Албанија, чии семејства по затворањето на комунистичка Албанија за светот биле разделени речиси половина век. За многумина тоа била прва средба со своите роднини по повеќе од 50 години.
Историската средба не завршила со повторното отворање на границата. Само неколку дена подоцна, Македонци од Македонија масовно пристигнале во Мала Преспа, каде што биле пречекани од локалното македонско население. Така, по децении разделеност, повторно започнале семејните, пријателските и националните врски меѓу Македонците од двете страни на границата.
Овие моменти претставуваат едни од најзначајните сведоштва за историската поврзаност на Македонците од Албанија и Македонија и за нивната желба, веднаш по падот на комунистичкиот режим, повторно да се поврзат со својот народ и со своите роднини.
Камерата на Гоце Петровски ги овековечила овие неповторливи моменти, оставајќи драгоцено сведоштво за една историска пресвртница. По повеќе од три и пол децении, овие архивски кадри повторно оживуваат како сведоштво за времето кога паднаа границите што со децении ги разделуваа луѓето, но не успеаја да ја избришат нивната припадност, сеќавањата и врските со своите најблиски.
„Македониум“ продолжува да ги објавува историските архивски материјали кои сведочат за животот, истрајноста и историјата на Македонците во Албанија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Историска снимка од првата средба на…
Весникот „Македониум“ за првпат објавува драгоцена архивска…
СЕМЕЈСТВОТО АПЕЛИРА ЗА ПОМОШ: 4-годишно дете од…
Четиригодишно дете од Македонија, исчезнало во областа…
Работник Ром го пријавил шефот Албанец дека…
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација…
Ваљон Бела и Бекир Халими се прогласени…
Министерството за внатрешни работи на Албанија прогласи…
Албанија прогласи двајца државјани на Македонија за…
Топ ченел објави дека Министерството за внатрешни…