(Видео) Првата дама децидна: Мора да се вложува во жените во државата, девојките мора да се ориентираат кон науката

t

По повод 11 февруари – Меѓународниот ден на жените и девојките во науката, на иницијатива на сопругата на претседателот на Република Македонија, Елизабета Ѓоргиевска, се одржа панел дискусија за улогата, застапеноста и видливоста на жените во науката, како и предизвиците со кои се соочуваат.

Учеснички на панел дискусијата беа жени научнички од земјава, а свои излагања имаа професорките Јана Клопчевска, Јадранка Блажевска – Гилев и Емилија Фиданчевска од Технолошко-металуршкиот факултет, Марина Стефова од Институтот за хемија на Природно – математички факултет и Ариета Алиу, стручен наставник во тетовскиот Училишен медицински центар „Никола Штејн“.

Ѓоргиевска истакна дека родовата еднаквост и дисбалансот се сѐ уште предизвик во однос на целосен и еднаков пристап на жените и девојките до науката и учеството во неа.

„Жените обично добиваат помали грантови за истражување во споредба со нивните машки колеги. Иако тие претставуваат 33.3% од сите истражувачи, само 12 % од членовите во националните научни академии се жени. Жените сѐ уште сочинуваат мал процент од дипломирани инженери, и честопати имаат пократки и помалку платени кариери и нивната работа е недоволно застапена во научните списанија“, посочи Ѓоргиевска. Таа додаде дека постигнувањето на глобалната родова еднаквост и развојот во науката се два клучни аспекти на меѓународните цели за оддржлив развој до 2030 година.

Според Ѓоргиевска неопходно е вмрежување и поврзување на науката со бизнис заедницата со цел зголемување на иновативниот потенцијал во државата.

„Се согласувам дека едукацијата е важна, важно е да печатиме трудови и да се види колку сме направиле во областа на науката, но сепак во крајна линија, науката „пер се“ не е доволна. Сепак, конечно треба да има некаков исход од тоа што сме го работеле, односно поврзување на науката со индустријата, и изработката на оние модели, кои сме ги добиле по пат на научни методи. Мислам дека тоа е конечниот исход кој треба да го имаме“, истакна Ѓоргиевска.

Таа оцени дека е неопходно поголемо учество на жените и девојките во јавни дебати, изразувајќи надеж дека преку вакви отворени дискусии и со поголема вклученост на надлежните институции, жените и девојките ќе бидат дел од решенијата за надминување на предизвиците со кои се соочуваме.

И покрај напорите што се направени во изминатите децении за мотивирање и инклузија на жените во науката, додаде Ѓоргиевска, сепак тие сѐ уште се недоволно вклучени во науката.

Меѓународниот ден на жените и девојките во науката годинава се одбележува под мотото „Еднаквост, разновидност и инклузија: водата нѐ обединува“ и во таа насока на панелот се дискутираше за влијанието на науката во справување со климатските промени, од аспект на зачувување на водните ресурси и обезбедување пристап до чиста и безбедна вода, со цел заштита и спречување на болести.

Беа разгледани аспектите на влијанието на науката и технологијата во подобрување на квалитетот за живот, потребата од инвестирање во науката и еколошката технологија со цел изнаоѓање на решенија за подобрување на животната средина, како и за начините на кои жените научнички можат да придонесат во подобрување на достапноста на чиста вода за пиење и за хигиенски потреби.

Во дискусијата учествуваа и асистентките Марија Прошева, Ива Димитриевска, Деспина Костадинова и магистрант Ема Стојчевска.

Ѓоргиевска ги поздрави научните достигнувања на учесничките на панелот и домашната и меѓународната соработка што ја остваруваат, додавајќи дека особено е инспиративно кога ќе слушнеме млади девојки реализирани во областа на науката.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Притвор за тројца мажи кои претепале две…

Основното јавно обвинителство Кочани поведе постапка против…

Македонските ракометарки загубија од Шпанија

Македонската женска ракометна репрезентација загуби вечерва на…

(Видео) Шокантно: Маж тепа жени во метро…

Надзорните камери во Барселона снимија шокантен напад…

Психичкото семејно насилство зема замав, сѐ почесто…

Ако претходните години најчеста форма на семејно…

Црвена полумесечина: Речиси 180 жени во Газа…

Палестинската Црвена полумесечина објави дека 180 жени…