(Видео) Jакимовски даде поддршка и предлог до СОНК и најави мерки за штедење

t

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски преку видео обраќање изрази поддршка за штрајкот на просветните работници и понуди предлог за минимизирање на штетите врз учениците, а исто така најави дека поради високите сметки за електрична енергија преземени се мерки за штедење.

Во врска со штрајкот на СОНК за покачување на платите на просветните работници, Јакимовски даде целосна поддршка на штрајкувачите за исполнување на нивните цели. Во однос на информациите за закани и притисок врз нив од страна на министерот за образование, градоначалникот го осуди таквиот начин на реагирање. Со цел да се минимизираат штетите врз учениците, Јакимовски предлага штрајкот да се стави во мирување до 10 јуни, а потоа да продолжи ако до тогаш не се постигне договор.

– Сакам јасно да кажам дека никој не смее да им се заканува на штрајкувачите, или пак да се обидува да ги присилува, односно да врши притисок за прекин на штрајкот. Тие имаат право на штрајк и јас ги поддржувам во нивните барања да се зголемат нивните плати. Ако е точно дека министерот се заканувал дека ќе одговараат за тоа што штрајкуваат мислам дека тоа не е соодветна реакција на министер за образование и јас тоа го осудувам. Од друга страна сметам дека нашите ученици во изминатите три години имаат доволно пропусти во делот на образованието, а тоа е со ковид кризата, со онлајн наставата и сега три недели е прекината наставата. Тоа што јас сакам да го дадам како предлог е да го замолам СОНК во моментов да го прекине штрајкот и да го продолжи после 10 јуни. Значи наставата да се заврши, учениците да не ја губат наставата, да немаат дупка во образованието, а после 10 јуни нека продолжат да преговараат и ако не постигнат договор да не ги даваат свидетелствата. На таков начин ќе го блокираат уписот во средно и во високо образование. Тоа е начин на кој можат да вршат притисок врз владата, но нема да се одразува ова на наставата и на образованието на нашите најмлади граѓани. Ова е со најдобра намера и сакам уште еднаш да нагласам дека давам целосна поддршка за наставниците и професорите за да им се зголемат платите, рече Јакимовски.

Јакимовски исто така соопшти дека поради екстремно високи сметки за електрична енергија, Општина Карпош презема мерки за штедење. Градоначалникот објасни дека на располагање се две можности – едната е да се штеди, другата е да се зголеми цената за улично осветлување што ќе падне на грб на граѓаните. За да не се оптовари дополнително буџетот на граѓаните, одлучено е да се преземат мерки за штедење, но доколку јавноста смета поинаку, Јакимовски е подготвен да распише референдум на кој граѓаните ќе донесат конечна одлука како да се премости проблемот.

– Набавивме 173 тајмери кои што после 1 часот по полноќ го гасат светлото од причини што сметките за електрична енергија се три и пол пати поголеми во однос на оние што сме ги имале претходните години во исто време, односно во 2021 и во 2020 година за улично осветлување сме потрошиле 13 милиони денари за цела година и такви историски трошоци биле предвидени за 2022 година. Но, за жал, само во првите три месеци годинава сме потрошиле 13 милиони денари за електрична енергија. Сметките кои биле 2 милиони денари сега се 7 милиони денари. Тоа се пет милиони денари плус секој месец, односно 80.000 евра. Јас како одговорен субјект кој ја води оваа општина имам на располагање две можности. Првата можност е да штедиме, а втората можност е да ја покачиме цената за улично осветлување. Тоа значи ако вие како граѓани сега плаќате по 150 денари по тарифно броило за улично осветлување, во иднина би требало да плаќате околу 500 денари за да можеме да ги покриеме трошоците. Ако граѓаните инсистираат на таа варијанта тогаш јас сум подготвен да одиме на референдум па како ќе одлучат граѓаните така- сакаат да штедиме или сакаат сметките да бидат поголеми. Во овој момент со ова исклучување од 1 часот по полноќ до 5 часот изутрина ние штедиме само 30 проценти од сметката. Тоа значи на тие 7 милиони денари, заштедуваме 2 милиони денари. Тоа значи дека и вака треба дополнително да издвојуваме 50 илјади евра од буџетот на општината. Немаме опција да скратиме други трошоци, затоа што во општината се штеди максимално за да ги вратиме долговите и во наредната година да можеме да обезбедиме околу 5 милиони евра за сите потреби на граѓаните на општина Карпош, а тоа се за фасади, за кровови, за лифтови, за реконструкција на улици, за инвестирање во делот на енергетиката, односно да инсталираме 1 мегават фотоволтаици со кои што ќе ја компензираме оваа цена на електрична енергија. Ги молам граѓаните за разбирање, ги разбирам стекнатите навики, но ова е сепак вонредна ситуација на која и ние како локална самоуправа и вие како граѓани мора да се прилагодиме, рече градоначалникот Јакимовски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Адвокат по грешка развел погрешна двојка

Мала компјутерска грешка во адвокатска фирма специјализирана…

Убиен работник од Украина во Славонски Брод

Во центарот на Славонски Брод во попладневните…

ЗАВРШИ ГЛАСАЊЕТО ВО ЗАТВОРИТЕ, НА БОЛНИТЕ И…

Вкупно 14-те гласачки места во казнено поправни…

(Фото) Апасиев се огласи со оптимистички пораки…

Апасиев се огласи на социјалните мрежи со…

11 лица незаконски работеле на Токсикологија

5 медицински сестри, 3 болничари, 1 лаборант…