Гаранции во форма на резолуција на Сенатот на САД: Да се слават јазикот, историјата и културата на македонските Американци

t

Резолуција за македонската историја, јазик и култура е поднесена во американскиот Сенат. Односно поконкретно се бара септември 2023 година за месец на македонско-американско наследство, за време на кој ќе се слават јазикот, историјата и културата на македонските Американци.

Резолуцијата е поднесена од републиканскиот сенатор од Индијана Мајк Брон.

Во резолуцијата се вели дека е важно да се истакнат клучните придонеси и културно влијание на македонските Американци во САД, јави Гласот на Америка.

„Да се препознаат бројните придонеси на македонските Американци во САД во различни области, вклучувајќи уметност, наука, бизнис, политика, медицина и спорт, и да ги поттикнат граѓаните на САД да го одбележат месецот на македонско-американско наследство со соодветни церемонии, активности и програми кои ги почитуваат културните придонеси и достигнувања на македонските Американци“, се вели во резолуцијата.

Во неа пишува дека од „1880-тите години, десетици илјади Македонци имигрирале во САД барајќи граѓански слободи, човекови права, верски слободи, економски можности и безбедност како одговор на Илинденското востание против Отоманската империја од 1903 година, Балканските војни 1912-1913 година, Првата и Втората светска војна, Граѓанската војна во Грција од 1946–1949 година и комунистичката политика на Југославија“.

Проценките се дека денес има околу 500.000 граѓани со македонско потекло кои живеат во САД, најголем број од нив во сојузните држави Мичиген, Њу Џерси, Њујорк, Охајо, Индијана, Илиноис, Пенсилванија, Флорида, Тексас, Аризона и Калифорнија.

„Македонско-американската заедница во САД е енергична заедница која е вградена во мозаикот на САД, учествувајќи во сите сфери на животот – бизнисот, медицината, правото, технологијата, граѓанскиот ангажман, владата, војската, образованието, уметноста, кулинарскиот свет, атлетиката и многу повеќе, а македонските претприемачи покажаа издржливост, решителност и посветеност на напорна работа преку надминување на предизвиците за постигнување деловен успех и придонес кон основање на трговијата во САД“, стои во текстот на резолуцијата.

Во неа се нагласува и успехот на спортистите со македонско потекло во различни спортски дисциплини во САД, како и придонесот на македонските Американци во разни уметнички форми, вклучувајќи ги визуелните уметности, литературата, музиката, танцот, театарот, филмот и фотографијата.

Членовите на македонската заедница во САД се активни и во медицината, вклучително во кардиоваскуларната и торакална хирургија, ортопедската хирургија, спортската медицина, акушерството и гинекологијата, а служат и во законодавните тела и судови низ САД, „соработувајќи во бескрајната работа на демократијата на САД“.

Резолуцијата спонзорирана од Брон, кој е единствен сенатор што е член на групата пријатели на Македонија и македонските Американци во Конгресот, прво треба да биде одобрена од сенатскиот комитет за судство, пред за неа да гласа целиот Сенат.

Иницијативата за резоулцијата ја поднесе Обединетата македонска дијаспора (ОМД).

„Оваа резолуција е особено важна во време кога државата се соочува со негирање на македонскиот јазик и идентитет од страна на Бугарија“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик Мето Колоски, коосновач и волонтерски претседател на ОМД.

Во јуни, германскиот Бундестаг усвои резолуција со која се реафирмираат македонскиот идентитет и јазик на патот на земјата кон Европската Унија (ЕУ).

Бугарија лани испрати унилатерална изјава до земјите членки на ЕУ дека македонски јазик не постои, и дека се работи за дијалект на бугарскиот јазик.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Бугарската опозиција бара оставка од Владата по…

Бугарската опозициска партија ГЕРБ вчера побара оставка…

Американски војник уапсен во Британија под сомнение…

Високопозициониран американски војник е уапсен во Британија…

ЧУДО: Бебе пронајдено живо откако 24 часа…

Бебе на возраст од 11 месеци е…

Приведен романскиот возач на камионот по трагедијата…

Романскиот државјанин кој управувал со камионот што…

Во Собранието надзорна расправа за „АЛТА банка“

Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска…