Приведен романскиот возач на камионот по трагедијата на „Тракија“ – 11 загинати, околу 50 повредени

t

Романскиот државјанин кој управувал со камионот што ја предизвикал тешката верижна сообраќајна несреќа на автопатот „Тракија“ во Бугарија е приведен и сослушан во полицијата. Тој изјавил дека ја намалил брзината поради густата магла. Денеска се очекува повторно да биде сослушан. Покрај него, досега се испитани и 44 сведоци на местото на несреќата.

Во двете верижни несреќи загинаа 11 лица, а околу 50 се повредени. Во судирите учествувале вкупно 86 возила. Истрагата ја презеде и Националната истражна служба, а на терен се испратени истражители и криминалистички екипи. Денеска се очекува да биде извршен и повторен увид на местото на несреќата.

Автопатот „Тракија“ повторно е отворен за сообраќај во двата правца, но во регионот на Јамбол и натаму има магла.

Според првичните информации, првиот судир се случил откако товарен камион му го попречил патот на автобус со патници. Потоа, на истата коловозна лента, автомобил удрил во задниот дел на камион кој превезувал жито. Во меѓувреме, се случила и втора верижна несреќа на спротивната страна од автопатот.

Густата магла и намалената видливост се меѓу главните фактори што се разгледуваат во истрагата. Сепак, конечните причини сè уште не се утврдени. Истражителите треба да утврдат со каква брзина се движеле возилата, дали возачите држеле безбедно растојание и дали имале можност навреме да реагираат.

Во текот на ноќта започнало извлекувањето на уништените автомобили, камиони и автобуси. Во расчистувањето учествувале пожарникари, екипи на „Патна помош“ и околу 100 специјализирани возила. Помош понудиле и десетици доброволци од различни делови на Бугарија, кои пристигнале со сопствена тешка механизација.

Бугарскиот премиер Румен Радев повика на смиреност и воздржаност и порача трагедијата да не се користи за политички цели. Тој најави дека владата работи на формирање единствен национален информативен центар, кој ќе обезбедува информации во реално време за состојбата на патиштата и ќе биде поврзан со идните предупредувачки табли на автопатите. Најавена е и финансиска помош за семејствата погодени од трагедијата.

Состојбата на повредените

Од вкупно 51 лице пренесено во болниците во Јамбол, Сливен и Бургас, најголем дел биле згрижени во Сливен. Во болницата „Д-р Иван Селимински“ сè уште се лекуваат 18 пациенти, од кои четворица се на интензивна нега. Еден пациент е во критична состојба и е во животна опасност. Станува збор за маж со тешки повреди на главата, градниот кош и стомакот, повеќе од десет скршени ребра и повреди на внатрешните органи. Тој бил опериран, при што му била отстранета слезината, а црниот дроб бил хируршки саниран.

Во болницата во Јамбол остануваат осум повредени, сите во стабилна состојба. Во болницата „Срце и мозок“ во Бургас се хоспитализирани шест лица, од кои две се во тешка состојба. Меѓу нив е и романски државјанин со повеќе тешки повреди, кој е на механичка вентилација.

Се отвораат прашања за превенцијата

Покрај однесувањето на возачите и временските услови, во јавноста се отвори и прашањето дали надлежните институции навреме реагирале на опасноста од маглата.

Од Институтот за патна безбедност тврдат дека ситуацискиот центар на Агенцијата за патна инфраструктура уште во раните утрински часови имал информации за висока влажност, намалена видливост и ниска температура. Според експертот Богдан Милчев, требало да биде испратена екипа за проверка на делницата и, доколку е потребно, да се преземат соодветни мерки. Тој смета дека треба да се испита и работата на Националниот координациски центар при Министерството за внатрешни работи, како и можноста за навремено затворање на патот.

Претставници на организации за транспортна и патна безбедност, пак, укажуваат на недостиг од системи за рано предупредување, метеоролошки станици и информативни табли што би ги известувале возачите за опасност од густа магла.

Истрагата треба да утврди дали трагедијата можела да биде спречена и дали, покрај временските услови и постапките на возачите, придонеле и пропусти во системот за управување и безбедност на патиштата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Приведен романскиот возач на камионот по трагедијата…

Романскиот државјанин кој управувал со камионот што…

Семејна трагедија во Словенија, дете паднало во…

Трагедија се случила во близина на водопадот…

Трагедија во кочанско, пронајдено тело на 17-годишно…

Тело на младо лице било пронајдено во…

Седумнаесет години од бродската несреќа на Охридското…

Денеска навршуваат 17 години од трагедијата на…

Вработен во телекомуникациска компанија трагично загинал во…

Четириесет и осумгодишен работник загинал откако паднал…