Георгиевски: Некој да го запре Џамбаски, ги создава 75% од проблемите меѓу Македонија и Бугарија

t

Во македонско-бугарските односи треба да се даде шанса на дијалогот и на интелектуралните аргументи, а силите на екстремизмот и од едната и од другата страна да бидат осудени од општеството, вели поранешниот премиер Љубчо Георгиевски во интервју за бугарското Радио Фокус, објавено пред два дена.

Во разговорот Георгиевски повикува на смирување на тензиите и ги коментира последните случувања во односите меѓу двете држави, а најголем дел од нивното влошување припишува на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски.

– По францускиот предлог многу се смирија работите и од двете страни. Но, 75 отсто од проблемите создадени по францускиот предлог па досега сметам дека ги направи европратеникот Ангел Џамбаски. И за двете страни, провокациите се разгоруваат и од двете страна и продолжуваат една по друга. Силите на екстремизмот и од едната и од другата страна треба да бидат осудени од општеството, изјавил Георгиевски.

На коментарот од новинарот дека на границата македонските полицајци малтретирале Бугари, Георгиевски вели дека тоа е само мал дел од проблемот и се навраќа на претходното чествување на Мара Бунева во Скопје.

– Пред тоа имаше случај со околу стотина луѓе во Македонија, предводени од европратеникот Ангел Џамбаски. Дојдоа во Македонија, викаа по улици, врескаа… Ангел Џамбаски даде една изјава во која најмалку пет пати го навреди и македонскиот народ и македонската држава и мислам дека не е во ред Бугарија така да се претставува во Македонија, со непријатно однесување. Веќе реков дека некој треба да го запре Ангел Џамбаски, бидејќи медиумите во Македонија го претставуваат како тој да ја претставува целата бугарска политика. По ова имаше жестока реакција во Македонија. Па пак имаше изјава од Џамбаски дека ќе дојдел во Македонија со 1.000-2.000 луѓе и од македонска страна се собраа 1.000-2.000 луѓе и се случи тоа што се случи. Треба да се гледаат двете страни. Во бугарските медиуми не беше објавено дека македонската полиција беше многу критична и кон македонските граѓани. Околу црквата Св.Спас имаше полициски кордон и не беа пропуштени околу илјада Македонци кои исто така сакаа да положат цвеќе на гробот. И до ден денес македонските медиуми и опозицијата ја критикуваат македонската полиција дека на 4 февруари не дозволила слободно движење на македонските граѓани, а не беа пропуштени и многу македонски новинари, обајснува тој.

Според Георгиевски, треба да се гледа еднакво на работите од двете страни и дека и од двете страни има незадоволни од информациите.

На прашањето за случувањата на границата и за бонусите на полицајците кои биле ангажирани на 4 февруари, Георгиевски вели дека „не беше убава сликата од границата каде што четвроица бугарски граѓани врескаат на македонските полицајци“.

– Не можам да кажам дека го оправдувам тоа однесување. Некои луѓе во Бугарија не се однесуваа кон Македонија како кон држава. Си зедоа преголема слобода. Такво врескање на полицајците сигурно и во Бугарија ќе беше казнето и дури можеби ќе беа задржани повеќе денови, а не неколку часа. Не оправдувам никого. Мојата политика е да не ги „хероизираме“ и поддржуваме екстремните структури од двете страни. Секоја страна треба да направи нешто, изјавил Георгиевски.

Тоа „нешто“, според него, е смирување.

– Погледнете ги само обвинувањата од Ангел Џамбаски директно за претседателот на Македонија. Таквата политика не може да продолжи. Во последно време имам чувство дека од бугарска страна директно се навредува не само нацијата, туку и државата. Потребно е на македонската држава да ѝ се покажува минимум респект. Има луѓе кои веќе не знаат што зборуваат за Македонија, додава Георгиевски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ