Груевски: Денес е голем ден, на 4 мај Македонија секогаш ќе говори за големиот стратег – Делчев Гоце!

t

Во деновите во кои се потсетуваме на големите херои од македонската национална историја, секогаш е добро да (ре)афирмираме некои сеќавања за нив од нивни блиски соработници кои оставиле свои напишани Спомени, или некои други записи што тие самите ги оставиле зад себе, како нивни писма, беседи, есеи, сеќавања, спомени итн.
Денес е 4. мај и Македонија секогаш на тој ден кога тој е убиен во 1903 година, ќе се присетува и ќе говори за големиот стратег, најприсутен и почитувам помеѓу народот и најавторитетниот револуционер од првата генерација на македонски револуционери – Гоце Делчев.

Ова особено во време кога нашиот источен сосед бара од нас да прифатиме дека Гоце Делчев бил многу значаен за бугарската историја. Се разбира дека тој не е значаен за бугарската историја, туку за македонската, бидејќи се борел за слобода на Македонија и несакал во ниедна форма ослободителното движење да е поврзано или финасиски помогнато од бугарската влада.

Тоа особено се гледа во првиот и третиот извадок од спомените на двајца негови современици и соборци, додека од вториот извадок се гледа во какво тешко време за Организацијата се овие случувања, одкако во 1901 година се уапсени и осудени на долгогодишна затворска казна сите членови на централниот комитет на Организацијата, со што таа е обезглавена, а состојбата ја користат други сили за да се инфилтрираат во истата, да го превземат нејзиното управување, и да го насочат во интерес на Бугарија. Од тој втор извадок се гледа и како во тоа време го перципирале луѓето во Македонија.
1.
Иван Анастасов Грчето во своите „Спомени” говори за својата прва средба со Гоце Делчев: „Во с. Моноспитово (Струмичко) се сретнав со Делчева. Тој ме разбра што човек сум и ме зеде под своја закрила. Тој за прв пат подобро ме информира за делото. Дотогаш бев во магла… Дотогаш мислев дека револуцијата е лесна работа, само да се внесат нешто пушки. Делчев објасни: “не може да се надеваме на туѓа помош, да не чекаме од Бугарија помош ни од која и да било друга сила, туку треба да се подготвиме однатре во душата секој селанец да се проникне од таа идеја, сè да се подготви и тогаш да се крене масовно востание. Дотогаш никој од надвор да не се меша во нашата работа “ итн. Делчев агитираше да им проповедаме на селаните да не одат по турски судишта, кои само ги пленат, туку да се основаат селски судови и cè сами да си расправаат да се пропагира идејата на слободата, да се посочува како живеат луѓето во други, слободни земји, да му се расправа на населението како станувале револуциите што им ја дадоа слободата на соседните земји Влашко, Србија, Грција, Крит, да се дејствува, да се избираат по селата раководни тела, да се постават курири”.
2.

Во истите Спомени Иван Анастасов Грчето дава опис и на изгледот на Делчев: “Делчев секогаш одеше сам, со куса манлихерка, преправен како трговец во потури, антерија, џамадан, со два револвера (едниот му го даваше на курирот). Тој секогаш одеше со курир, бидејќи не ги знаеше местата. Тој сам беше ги изодил сите села. Првиот впечаток од Делчева беше дека тој е чист и непорочен, а при тоа решителен човек. Тој зборуваше доста литературно, та не сите го разбираа. Луѓето се прашуваа: аџаба убаво зборува, ама што, не можевме сè да му разбереме.”
Гоце во писмо од Софија до револуционерниот комитет во Горна Џумаја пишува за затворањето на членовите на Централниот комитет во Солун. Тоа го коментира со зборовите: „Централниот речиси цел е окован во пранги. Таму има растројство големо.” Поради тоа тој укажува дека треба секој окружен реон да дејствува на своја одговорност, без да се отклонува од основната програма.
Во истото писмо Гоце укажува дека задграничното претставништво на Внатрешната организација во Софија наполно ги прекинало врските со Врховниот комитет.
3.

(За следното писмо сакам да потсетам дека во тоа време, нарекувањето “Бугарин” од страна на македонските дејци не означувало етничка припадност туку припадност кон црква, кон бугарската егзархија и нејзините училишта, па оттука луѓето според таа црковно-образовна припадност се нарекувале Бугари или Грци. Честопати имало еден брат да оди во егзархиско училиште и да се нарекува Бугарин, а друг во патријаршиско училиште и да се нарекува Грк, согласно црковната припадност)
Ризо Ризов во своите „Спомени“ изнесува податоци околу последиците од затворањето на членовите на Централниот комитет на Внатрешната организација во Солун.

Тогаш во Софија внатрешните дејци организирале советување, во врска со новонастанатата ситуација.
За советувањето тој вели: Средбата се одржа во историската соба број 9 на хотел Батемберг, каде што отседнуваше и живееше Гоце при секој престој во Софија. Таму присуствуваа Гоце, Горче, Герџиков, д-р Вл. Руменов, адвокатот Стрезов, јас и некои други, за чиишто имиња сега не си споминам. Се изнесе целата жална слика внатре, создадена по апсењето на Централниот комитет. Сите настојуваа да се преземе нешто. Гоце, по чиешто лице секогаш, и во најлошите моменти од неговиот живот, играше добродушна насмевка и веселост, седеше загрижен и сериозен. Отпрвин тој не се занесуваше многу во прикаски, зашто за него прашањето беше јасно: треба да се отиде внатре и да се обнови растроената Организација.”
Ризо Ризов го наведува и прашањето за материјалните средства, од што зависела натамошната акција на внатрешната организација.

Со оглед на тоа дека Организацијата не располагала со такви средства, се барале начини да се дојде до нив. Всушност тоа било принципиелно и суштествено прашање.
Атмосферата, и предлозите за решавање на тоа прашање Р.Ризов вака ги разгледува:…
”Одеднаш зазборува д-р Руменов: “… Господа, како што гледате, ние сме во многу тешка положба и ништо не можеме да направиме сами, зашто немаме пари. Затоа, ете, бугарската влада ни нуди средства – да ги земеме и да свршиме работа”.

При тие зборови Гоце скокна како опарен. Лицето одеднаш му се измени, се намршти, сви раце во тупаници и небаре морници му поминаа. И со решителен глас и гест, тој го пресече зборувачот: „Тоа не може, нема да биде никогаш!”
Но д-р Руменов продолжи: „Ама зошто бе, господа? Зошто? Тие, луѓето од софиската влада, се Бугари – и ние сме Бугари; штом луѓето ни даваат зошто да не земеме?…” И тој продолжи во тој дух.
Никојпат дотогаш не бев го видел Гоцета во таква раздразнета, би сум рекол јаросна состојба.
Отпрвин тој вложи сили да се овладее себеси и се обиде да објасни какви погубни последици би имал еден ваков чекор – погубни последици и за Организацијата и за Македонија.
“Да ја чуваме чистотата на ослободителното движење и на Организацијата – тоа е првиот услов за нашиот успех!” повторуваше тој.

„Еднаш земени пари од владата, при денешните политички услови и атмосфера, значи даден ангажман, значи обврзување. А и моралниот удар внатре сред населението ќе биде страшен: луѓето ќе одвикнат сами да ги задоволуваат своите потреби, сè ќе чекаат помош однадвор, ќе ја загубат својата самоувереност – а тоа води кон загубување на самостојноста и независноста на Организацијата… Бугарската влада, којашто има нечисти, завојувачки намери спрема Македонија, штом ќе почне да дава пари, ке знае како да ја исползува со таа „помош“ создадената состојба на работите внатре: таа нема да се задоволи со некакви платонски чувства, туку ќе сака реални привилегии… Повторувам, ударот ќе биде страшен!” и Гоце надолго и нашироко зборува, објаснува и со солзи на очи моли да се истргне, да се заборави секоја мисла за земање на што и да било од владата.

Има и други лоши последици велеше тој. – И без тоа другите балкански и европски влади подозираат дека Организацијата се инспирирала од софиските владеачки кругови; тие сакаат тоа да биде така навистина, зашто во таков случај полесно би им ставиле крај на нашите усилби и тогаш слободно ќе можат да тргуваат и ја делат Нашата земја …”

Д-р Руменов и некои други околу него, меѓутоа, не ги слушаа Гоцевите аргументи. Бугари сме, и тие се Бугари – Зошто да не ја примиме нивната помош, повторуваа тие, не можејќи да приведат ништо против убедливите приговори на Гоцета.
Дискусијата продолжи долго. Гоце cè повеке се раздразнуваше: го повиши гласот и со сета душа Тој, протестираше и се бунтуваше против таа проказа којашто говореше преку устата на Руменова. Присутните се разделија на две: едни со Гоце, други со д-р Руменов. Само Горче се воздржуваше да земе решителна страна. Средбата се сврши при нагорештена атмосфера и без желба за едно искрено разбирање за некакви решенија и збор не можеше да стане.
Откако се разотидоа присутните, јас видов каква голема сенка го замрачи секогаш насмеаното лице на Гоцета – сенката на една голема мака што заседна во неговата душа.

Ризо Ризов дури подоцна можел да ја разбере големината на Гоцевото излагање: “Подоцна, меѓутоа, ми стана јасно: грижата и тревогата на Гоцета не беше за Руменов или Стрезов, не!…. Тој гледаше напред, далеку напред во иднината и пред него се испречуваше онаа зјапната пропаст во која неминовно ke се ничкоса Македонија ако Руменовци надвијат и го поведат ослободителното движење… “
(Г.Делчев, Во спомените, 169-173)

(Трите извадоци од сеќавањата се делови од четвртиот од вкупно шест тома книги и документи издадено од издавачката куќа Култура во 1972 година со редакција на Христо Андонов Полјански)

Не случајно во 2010 година на централниот плоштад во Скопје се постави споменикот на Гоце Делчев, се снимаше документарен филм за него, се издадо нови книги, се именуваше автопатот Скопје – Штип по неговиот име(денешната власт за жал неска да постави една табла на тој пат како информација за името на тој автопат), се формираше нов универзитет во Штип кој го носи неговото име и се превземаа редица други активности во правец на дополнителна афирмација на неговиот лик и дело.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Големи пожари беснеат во Канада: Евакуирани…

Големите шумски пожари што ја зафатија канадската…

Шкендија го совлада Вардар во Скопје

Дерби дуелот од 2.коло во Првата македонска…

САД се подготвени да го зголемат економскиот…

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп,…

Во прегратката на Богородичната Градина – првото…

Со особена трогнатост, духовна радост и благодарност…

ФБИ спречило три обиди за убиство на…

Лионел Меси, според многумина најдобриот фудбалер на…