Груевски за почетокот на шарената револуција

t

5. МАЈ 2015 ГОДИНА

Тоа беше времето кога Зоран Заев секојдневно емитуваше манипулирани, селектирани и едитирани аудио снимки од наводни разговори на луѓето од власта.

Тој ден на 5. мај 2015 година тој објави снимка за наводен разговор меѓу мене и тогашниот министер за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.

Снимката беше кратка од нешто повеќе од 4 минути и од неа произлегуваше дека јас и Јанкуловска сме договарале како да се заштити човекот кој го уби Мартин Нешковски.

Две години подоцна излезе целата снимка во јавноста која траеше околу 12 минути. Од целосната снимка беше јасно дека јас и Јанкуловска сме разговарале како најбрзо да се фати сторителот и да се изнесе пред лицето на правдата.
Значи, целосно спротивно од она што произлегуваше од кратењето и монтирањето на Заев.

Ова значи дека Заев и СДСМ свесно монтирале аудио разговори за да дојдат на власт, и за тоа има доказ, а тоа се токму овие две снимки, оргиналната и скратената и манипулирана.

Потоа некои медиуми кога го прашаа Заев зошто направил така, тој даде едно глупаво образложение, а незнам ни дали можеше нешто попаметно да смисли, дека тој морал да ги крати снимките бидејќи биле долги, па народот немало да има трпение да ги слуша.

Тој не негираше дека ги крател и ги лепел парчињата. Напротив-потврди. Само дека било со добра намера, во што веројатно и неговите најблиски не веруваат.

Всушност вистинското прашање беше зошто ги монтирал снимките да прикажат лажна престава и зошто го манипулирал народот?

Должината не е важна кога е во прашање суштината и вистината.

Тоа манипулирање и монтирање на овој измамник тој ден предизвика едни од најжестоките и најагресивни протести до тогаш и воопшто организирани пред владата на Република Македонија во кои беа повредени и пренесени во болница над 40 полицајци и нивниот живот беше доведен во опасност, а странските медиуми објавуваа прилично непријатни сцени од Македонија. Не се сеќавам на друг протест пред владата или било каде во Македонија да имало над 40 полицајци до толку повредени за да морало да завршат во болница.

Народот поверува во монтираните аудио материјали на Заев и во масовен број дојде да протестира. Можеби околу 10-15 илјади луѓе беа пред владата а во првите редови оние кои се нарекоа “шарена револуција”.

Првите 2-3 илјади луѓе кои пристигнаа беа партиски и очигледно однапред организирани.

Тие пристигнаа толку брзо, што беше јасно дека не излегле спонтано, туку биле подготвени и чекале да заврши емитувањето на монтираната снимка и да излезат, за да изгледа спонтан собирот.

Никој не ги ни слушаше нашите деманти и објаснувања дадени преку медиумите веднаш по објавување на снимакта дека се работи за монтиран и креиран матерјал.

Меѓу народот од страна на Заев беа уфрлени и поголема група бандити и хулигани кои околу себе ги беше собрал Заев со план и задача, и тие ги напаѓаа и ги повредуваа полицајците, а полицајците додека летаа камења, шипки и разни тврди предмети кон нив од сите страни, во период од најмалку пет часа, само се бранеа и штитеа, бидејќи немаа дозвола односно наредба да возвратат.

Брзо стана јасно дека постои осмислен и подготвен обид да биде предизвикана полицијата да возврати, да почне да им возвраќа на оние кои ги напаѓаат и повредуваат и тие снимки потоа да бидат објавени насекаде низ Европа,заради нов степен на компромитација на владата која ја предводев, како доказ дека има недемократска влада која го тепа сопствениот народ, да има повредени демонстранти и крвави сцени, за да покажат дека навистина тоа е режим кој со сила ја држи власта и го угнетува народот како што лажно се обидуваа многумина да прикажат и дека на тој народ треба “да му се помогне”.

Тоа веројатно некој планирал дека требаше да предизвика одредени чекори и мерки на ЕУ и САД кон Македонија.
Но, веројатно на нивно изненадување дури ни по најсилните провокации кои ги правеа луѓето задолжени за тоа, полицијата не доби наредба соодветно и законски да возврати и ниту еден демонстрант, дури и најнасилните не беа повредени.

Јас во тој момент бев во владата и водев редовна седница на владата со дневен ред од повеќе од 120 точки.
Добивав повремено извештаи дека агресивни хулигани ги напаѓаат полицајците и се обидуваа да влезат во владата. Дури имаше и тивки предлози од некои мои соработници дека можеби е добро да се прекине и одложи за друг ден седницата на владата, за да заминеме сите и да не ризикуваме, бидејќи има многу агресивни луѓе во толпата, кои ги храни тоа што знаат дека сме внатре, и кои очигледно се инструирани да предизвикаат инциденти од поголеми размери.
Извештаите звучеа драматично, но останав смирен и продолжив да ја водам седницата, без да ги прифатам сугестиите за нејзин прекин и одложување за друг ден.

Две недели претходно токму за тој ден 5. мај, вечерта во 19:00 часот имав закажано прием на висок преставник на мултинационалната компанија Jonson Controls (новото име е Adient), чии висок преставник требаше да дојде на разговор со мене одкако претходно по долги преговори и убедувања успеавме Македонија да влезе во конкуренција на само уште една земја во нивната евалуација, при носењето одлука за нивната нова инвестиција. Тие веќе имаа инвестирано во Македонија и беа задоволни, но, при секоја нова инвестиција се прави нова проценка.
Местото каде требаше да се инвестира беше Струмица, но сеуште беше неизвесно дали ќе ја одберат нашата држава или друга.

Практично се боревме да ги убедиме дека освен економските предности и реформи, дека сме стабилна и сигурна држава за нивната следна инвестиција и дека во секој поглед сме нивен најдобар избор. Предност ни беше што тие веќе имаа инвестиција во Скопје и во Штип и беа многу задоволни од нас како влада и од нашата грижа за нив одкако вече инвестираа.

Чувствував дека голема несреќна околност е што гостинот треба да дојде токму во мигот кога хулиганите на Заев надвор дивееја и правеа сѐ насила да влезат во владата и да ја запалат, а полицијата со крајни сили ги стопираше изложувајќи се себеси на нивната агресивност.

Кратко кажано пред владата беше тотален хаос. Хаос кој ако го видеше со свои очи така висок преставник на Џонсон Контролс (Адиент), бев убеден дека нема да инвестираат во Македонија повторно.

Кога се приближи времето на средбата, водењето на седницата на владата ја препуштив на некој од замениците и отидов во мојот кабинет.

Се јави тогашниот директор на ТИРЗ Виктор Мизо кој требаше да го донесе на средбата важниот висок гостин од чии впечаток, проценка и извештај до бордот на компанијата, зависеше дали за почеток над илјада, а потоа до план да се стигне до илјада и петстотини наши граѓани од Струмица, Ново Село, Босилово, Василево и околината ќе добијат вработување.

Тој ми кажа дека гостинот не е во тек со драматичните настани пред владата, ниту пак бил во владата или знае како таа изгледа, што оставаше можност средбата да се одржи на друго место, идеја која веднаш ја елиминиравме.

Со Виктор Мизо договоривме да се договори со возачот кон владата да пријдат од улицата од градскиот парк, да влезат од страничната гаража на владата, а од гаражата директно да се качат во мојата канцеларија. Од таа улица која доаѓа од градскиот парк, многу малку и кога се движи возило и многу кратко време можеше да се види траорниот призор организиран во режија на Зоран Заев.

Виктор Мизо доби несекојдневна задача: кога со возилото ќе дојдат на местото од каде се гледа призорот режиран од струмичанецот Заев да го интензивира разговорот во возилото со гостинот, за истиот да не види ништо, а пред тоа да се погрижи во возилото да има музика која ќе оневозможи и да се чуе нешто.

Ги чекав не трептејки дали разуглавената толпа ќе го пробие кордонот полиција и ќе влезе во објектот како што се обидуваше, туку дали ќе успееме да отвориме 1.500 работни места во струмичкиот регион.

Во договореното време пристигнаа во мојата канцеларија. Веднаш седнавме и пред да започнеме го прашав Мизо дали гостинот ја виде страотната слика пред владата, на што овој одговори дека се погрижил ништо ни да виде, ни да чуе, и дека и на заминување ќе биде исто.

Во една таква атмосфера ги започнав последните разговори со оваа мултинационална компанија во обид за отворање на околу 1500 работни места во струмичко, по кои требаше да донесат конечна одлука во која земја ќе инвестираат.
Го дадов почетниот вовед, ја изложив целата наша понуда за која Виктор веќе го беше подготвил во делот на основните контури, и требаше гостинот да се произнесе. Потоа започна обраќањето на гостинот кое уште на почетокот многу ме загрижи и “ми ја заледи крвта”:

“Господине премиере” започна тој, “ние речиси бевме готови да донесеме одлука нашата следна инвестиција да биде во вашата држава, но се појави еден прашање кое многу не загрижи и на кое ниту ние, а ниту вие не можете да влијаете за да се надмине” продолжи гостинот.

Си помислив “тоа е, ја загубивме инвестицијата. Знаат што се случува во Македонија веќе три месеци, и сигурно некако знае и за денешните неколку часовни најагресивни демонстрации и напади на полицијата во обид насилно да се влезе во зградата на владата. Толку труд од повеќе од една година ни паѓа во вода”.

Но, веќе следната реченица на гостинот ми приреди големо изненадување.

Тој продолжи: “Знаете господине премиер, нас многу не загрижи фактот што вашата земја во последните години многу брзо напредува економски. Тоа секако е добро за Вас, но, ние сме загрижени дека ако вака продолжи, за неколку години, трошоците за плати за нашите вработени толку може да нараснат што можеби производството нема да биде така исплатливо како што се нашите пресметки сега.

За момент ми олесна, иако имав нов предизвик пред мене.

Дотогаш на сите инвеститори им презентирав како земјата брзо напредува за да ги убедам да дојдат и да инвестираат.
Одеднаш требаше да презентирам како земјата нема така брзо да напредува, за да ги убедам да не се одкажат од инвестицијата во Македонија.

Алтернативата за нив беше Србија. Веруваа дека Македонија така забрзано оди напред, што можеби е подобро да се одлучат за Србија.

Во тоа време така изгледаа работите.

Започнав. И самиот не знам што му зборував, но некако го убедив да одлучат за Македонија, а не за Србија. Како да сум знаел дека СДСМ ќе ја превзме власта и ќе направи таков застој и уназадување, што Србија која во делот на привлекување инвестиции тогаш сеуште каскаше зад нас, денес ќе ни изгледа како Ирска или Полска во тој поглед.
Од денешен аспект, кога ќе видам што направи струмичанецот кој тој ден како и во повеќето од другите денови свесно ја лажеше целата нација и заради чии измами над 40 татковци, сопрузи, синови или браќа со тешки повреди во главата или телото завршија во болница, всушност јас сум дал многу чесен совет на значајниот гостин.

Тоа што платите растеа во изминатиот период од 7 години е ништо во однос на инфлацијата која е поголема од тој раст, а нив ги интересира нето порастот на платите.

Овие фабрики денес немаат проблем во тој дел. Единствено масовниот егзодус со ислеувањето кое во последните 7 години е за 3-4 пати поголемо од претходно им ги ремети сметките. Можеби не предвидов дека до толку ќе трне на лошо што кој ќе стигне и ќе се снајде по доаѓањето на новата власт ќе купува билет во еден правец.
Македонија беше одбрана и се инвестираше во Струмица. Се вработија околу 1.500 луѓе, што значи околу 1.500 семејства не се иселија. Дополнително огромен број Македонски фирми добија работа од оваа фабрика, па и тие вработија луѓе и направија заработки, така што вкупната бројка на вработени од оваа инвестиција веројатно е над 2.000.

Тој 5 мај ќе го паметам секогаш по овој парадокс, драма и возбудливи случувања, но и по успехот да се управува во услови на криза и да се донесе една инвестиција во едно драматично време.

11 дена подоцна на 16 мај СДСМ направи митинг пред владата на кој собраа околу 25 илјади луѓе. Утредента на 17 мај 2015 година пред парламентот ние го направивме нашиот најголем митинг и најголем митинг на сите времиња до сега со над 90 илјади граѓани кои дојдоа да дадат подршка против големата игра за рушење на власта од надвор во која домашната марионета Заев беше само инструмент кој требаше да ја спроведе операцијата за промена на името, и за тоа како награда да му биде овозможено шест годишно крадење, измами и лично богатење од позиција на премиер, како и непрекинато изживување преку прогон на неговите политички конкуренти.

Иако фабриката технички веќе работеше околу еден месец, официјалното отворање беше на 15 јуни 2017 година, две недели одкако Заев стана премиер, тој беше присутен на отварањето во својство на премиер, без воопшто да знае колку неговите манипулативни активности го беа довеле под ризик тој проект и без било каков допринос за да се донесе и отвори таа фабрика. Со него беше и американскиот амбасадор бидејќи компанијата е од САД.

Истата компанија вршеше евалуација за нова фабрика околу две години подоцна во 2018/2019, кога веќе околу две години СДСМ ја водеше државата и економијата, и за жал тогаш иако ја разгледуваше Македонија, овој инвеститор се одлучи за инвестиција во Србија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Ветерот и Сонцето произведоа рекордни 22 отсто…

Прегледот на глобалната енергетска  состојба покажа дека…

Мисијата на Србија во ОН апелира до…

Вршителот на должноста во Постојаната мисија на…

Макрон го покани Путин на „Денот Д“…

Претседателот на Франција, Емануел Макрон го покани…

Електрични и трактори на водород на Меѓународен…

Темата на овогодинешниот Меѓународен саем за земјоделство…

Нови закани кон Кацарска: Интервенирало нејзиното обезбедување!

Денеска напладне во близина на ТЦ „Рамстор“…