Груевски се присетува на Војдан Чернодрински – Тој е првиот македонски драмски автор во чии дела прозвучи мајчиниот, македонски јазик

t

ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ ПРЕД ПОВЕЌЕ ОД 120 ГОДИНИ: МАКЕДОНЦИТЕ, МАКЕДОНЕЦОТ, МАКЕДОНСКАТА, МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК, МАКЕДОНИЈА…

Месецов навршија 73 години од смртта на Војдан Поп Георгиев – Чернодрински (Селци/дебарско-струшки регион/, 15 јануари 1875 – Софија, 8 јануари 1951).

Важи за основоположник на македонската драматургија а најпознат е по пиесата на “Македонска крвава свадба”.

Како и речиси сите македонски дејци, и него Бугарија го смета за Бугарин.

Тој е првиот македонски драмски автор во чии дела прозвучи мајчиниот, македонски јазик. Тој бил доста внимателен кон македонскиот јазик и еден од основните критериуми за членство на глумци во неговата драмска група било солидно познавање на македонскиот во тоа време се уште некодифицирана јазик.
Сите негови драмски дела обработуваат теми и проблеми од секојдневниот живот на Македонците и борбата за слобода. Тој со своите текстови го бодрел и храбрел македонскиот народ. Тој со своите ставови за македонскиот идентитет и со своите залагања за организирање на востание за конечно ослободување на Македонија, добил симпатии меѓу македонската и странската јавност.
Со своите дела извршил големо влијание и кај некои други македонски автори како што се: Димитар Хаџи – Динев, Марко Цепенков и Никола Киров Мајски.

Бил член во Младата македонска дружина (лозарското движење), кое е еден вид претходница на формирањето на МРО, каде членови биле биле и Гоце Делчев, Даме Груев, Ѓорче Петров, Христо Матов, Петар Попарсов, Иван Хаџи Николов, Коста Шахов, Ѓорѓи Баласчев, Димитар Мирчев, Христо Попкоцев, Александар Караѓулев, Ѓорѓи Белев, Андреј Љапчев, Тома Карајовов, Наум Туфекчиев, Ефтим Спространов, Арсени Јовков и други.

Подолу се два негови цитати, еден од 1900 година и уште еден од 1903 година, па проценете вие што се чувствувал и кој го присвојува.
Секако на човек што поголем дел од свој живот го поминал во Бугарија, секогаш може да му се извлече од контекст нешто што ќе се злоупотреби во спротивна насока. Овие цитати се од периодот кога тој е на возраст од 25 односно 28 години, и кога само неколку години живее во Софија. Зборовите со големи букви ги напишав за полесно воочување на фактите.

*****
Војдан Чернодрински, Софија 1900 година:

„Што направив јас? – Ништо не напишав. Јас го препишав од се уште ненапишаната крвава историја на МАКЕДОНИЈА она што читателот ќе го прочита, а гледачот ќе го види во театарот. Крвожедноста на нашите Турци-бегови, готовноста на МАКЕДОНЦИТЕ да умрат, но верата да не си ја менуваат, а машкоста на МАКЕДОНЕЦОТ јуначки да им се одмаздува на оние крвници што ја извалкаа или ќе се обидат да ја извалкаат неговата семејна чест – ете, во тоа главно се состои содржината на пиесата.
Успеав ли? Дали точно препишав? – не знам; за тоа нека се искажат г-дата критичари. Ако сум успеал, се радувам, ако пак не, сиот грев го фрлам на оние што можат поубаво да ја извршат оваа работа, која мене не ми беше по силите. Пред себе сум оправдан, зашто не мислев да бидам писател ниту мислам, ниту ќе мислам со тоа да го исплаќам долгот кон мојата поробена татковина.
Г-дата критичари, читателите и гледачите, кога ќе ги имаат предвид горните околности, верувам дека ќе бидат снисходливи ќе се зафатат да напишат нешто за нашиот многустрадален живот и ќе ги раздвижат спокојните, лабави струни на македонскиот роб!“

Документи за борбата…, том 1: 349 („Македонска кървава свадба: Трагедия, в. 5. действия на македонски говор от В. Чернодрински”. Собрани дела (приредил Александар Алексиев), том 1. Скопје, 1976: 159-160

*****
1903 год. Војдан Чернодрински поднел молба во Софија, до дипломатското претставништво на Србија, за согласност да дава претстави во Србија.

“Македонската театарска група чиишто членови се младинци – МАКЕДОНЦИ со универзитетско и гимназиско образование, сфаќајќи ја несносната положба во која денес се наоѓаат нивните браќа бегалци од МАКЕДОНИЈА, реши да ги пропатува сите словенски краишта, да дава претстави од македонскиот живот и на МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК, сакајќи на тој начин да ги запознае сите словенски братски народи со животот на нивниот брат – робот.

Лапе, Љ. „Ехото на илинденските настани во извештаите на српските на српските дипломатски претставници во Бугарија”. Гласник, 2. ИНИ. 1973: 229
*****
Од родното село Селци во дебарско-струшкиот регион со родителите како дете се преселил најпрвин во Охрид, од каде кратко време учел во солунската бугарска машка гимназија каде се образовале голем дел од интелектуалците и револуционерите од таа генерација, а потоа откако татко му отишол на печалба во Софија, и тој заминал таму, каде го продолжил образованието. Се зачленил во Младата македонска дружина чии членови погоре ги наведов.

Војдан бил и најактивен член на литературниот кружок во гимназијата наречен Македонски заговор.
Војдан Поп Георгиев се смета и за основач на тој кружок.
Под директно влијание на Младата македонска дружина и Македонскиот заговор, членовите и активистите на овие два кружока се залагале за користење на македонскиот народен говор и тој јазик го користеле во своите книжевни дела.
Според, некои историски архиви и документи, Војдан го завршил своето образование во Србија.

Со помош на Пејо Јаворов, близок пријател и биограф на Гоце Делчев како секретар на Народниот театар (најчесто за сценографии и костими) пиесата „Македонска крвава свадба“ била поставена на сцената на Белградскиот народен театар во присуство на српскиот крал Александар и неговиот брат Ѓорѓи. Чернодрински дури се спријателил и со Бранислав Нушиќ.

Правните науки ги започнал во Грац, ги продолжил во Берн, но студиите сепак не ги завршил.
Учителствувал околу една година во Могила (1897-1898) по што пак се вратил во Софија, каде по подолги проблеми успеал да ја одржи првата негова драма на македонски јазик- „Македонска крвава свадба“.
Драмата забележала голем успех и се одржале неколку репризи во Софија а потоа и во Пловдив. Тоа го мотивирало Војдан да се залага за формирање на македонски театар. По извршента реорганизација на екипата со која ги одржувал претставите, тие создале нова драмска екипа под името „Скрб и утеха“. Успехот на драмската македонска екипа растела и се одржале нови гостувања во Бугарија бидејќи немало соодветни технички услови во Македонија. По сѐ поголемиот успех на драмската екипа, таа си го променила повторно името во „Столичен македонски театар“.

По одржувањето на Младотурската револуција во 1908, Македонија се здобила со подобра политичка клима и Војдан Поп Георгиев и неговата жена Марија Поп Георгиева (артист-аматер) пристигнале во Скопје, а подоцна и во Солун и Битола. Тој во македонија учествувал во организирање на учители и учителки што ги подготвувале театарските претстави.
Тие организирале повеќе европски драми, меѓу кои се нашла и “Македонска Крвава Свадба”, за првпат изведена во својата татковина.

До 1928 година, „Македонска крвава свадба“ имаше околу 1000 изведби во Македонија, Србија и Бугарија.
Автор е на првата македонска опера „Срешта“, која е посветена на револуционерката Гоца Делчев, а ги напишал и драмите: “Дрварите” (1895), “Во меаната” (1895), “Македонската емиграција” (1897), “Од глаата си патиме” (1902), Робот и агата (1902)
Зло за зло (1903), Срешта (1903), Мајстори (1903), “Духот на слободата” (1909), “На реката” (1921), “На Нова година” (1921), “Цар Пир” (1921), “Бурите крај Вардар” (1925),”Цвета војвотката (1929) и други.

Неколку години подоцна, Војдан Поп Георгиев бил мобилизиран во Балканските војни а набрзо потоа и во Првата светска војна, во редовите на бугарската војска и бил современик на најтрагичниот момент во македонската историја – поделбата на Македонија. Неговиот творечки живот и понатаму продолжил да опстојува но со помалав интензитет поради тоа што тој се наоѓал во бугарска средина каде се чувствувал како емигрант.

Во 1942-1943 година, тој сам ја поставил својата позната претстава во театрите во Скопје и Битола, испратен таму од Дирекцијата за пропаганда во Софија. Смеел ли да одбие?

Иако неговата татковина се стекнала со долго посакуваната слобода во 1945 година, Војдан не можел да се пресели во Македонија, а одкако од 1946 година неговата активност замрела, починал во Софија во 1951 година.

Во 1973 година, синот на Војдан Чернодрински, Стојан ги предал сите ракописи на славниот македонски драматург на Државниот архив на Македонија, каде што кратко по нивното архивирање бил издаден комплет од негови дела, за да посведочат дека и во почетокот на минатиот век сме имале уметници што го практикувале македонскиот народен јазик, од кој произлегоа научните кодификации. И сето тоа како аманет од неговиот татко, неговото творештво да биде пренесено во Македонија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Вицепремиерот на Баварија е најден мртов во…

Полицијата во Берлин ја истражува ненадејната смрт…

Северна Кореја ѝ порача на ЕУ да…

Северна Кореја остро реагираше на нацрт-резолуцијата на…

Бомбени закани над Европа: Три авиони на…

Три патнички авиони на „Рајанер“ (Ryanair), кои…

Уапсен е Предраг Вулетиќ, покраински секретар во…

Покраинскиот секретар за социјална политика, демографија и…

Димитриеска-Кочоска: Банкарскиот сектор во земјата е стабилен,…

Банкарскиот сектор во земјата е стабилен и…