Груевски со втор текст за Ванчо Михајлов: Се обидувал да ја отцепи Пиринска Македонија од Бугарија

t

Поранешниот премиер Никола Груевски денеска објави уште еден текст за Ванчо Михајлов.

Во продолжение неговата објава на Фејсбук:

Подолу уште еден текст на еден сегмент од темата објавена вчера, на намерата на Ванчо Михајлов да создаде независна и обединета Македонија, отцепувајки ја Пиринска Македонија од Бугарија. Настаните се по конгресот во Горна Џумаја во 1933 година каде ВМРО на Михајлов на големо ја прокламира паролата за обединета и независна Македонија како своја примарна цел.

Од архивскиот документ со наслов “Состојбата во петричкиот округ” може да се види како бугарските воени кругови гледале на ВМРО во 1933 година, година пред неговата забрана и прогон од страна на бугарската власт по превратот на 19 Мај 1934 година.

Од текстот се покажуваат неколку работи. Основната е дека во Бугарија постоел страв дека ВМРО според однесувањето и подготовките особено во воениот дел и оружјето може наскоро да тргне на отцепување на Пиринска Македонија од Бугарија и обид да ги освои Вардарска и Егејска Македонија за да направи независна и обединета Македонија.

Од текстот се гледа дека во тој дел целосната власт веќе де факто ја има ВМРО , бугарските власти не смеат да се спротистават и на сите значајни позиции се назначуваат Македонци. Како посебен предмет наложен е предметот „македонска историја“ која опфаќа материјал специјално за македонското царство уште од времето на Филип Македонски. Учителите по бугарски јазик и литература ги поттикнуваат децата да учат, пишуваат и зборуваат на македонскиот дијалект и да ги изучуваат претежно македонските писатели. Во училниците се поставени само портретите на македонските просветители, а такви се носат и за време на празнувањата. Портретот на бугарскиот цар е заменет со портретот на Тодор Александров. За време на манифестациите се користи исклучиво нововостановеното македонско знаме (црвено и црно).

Во името на оваа цел во основните училишта, наместо утринската молитва, се пее македонскиот револуционерен марш и специјалната македонска молитва. Обидите на некои учители да се пее националната (бугарска) химна биле спречени. Се објаснува како групата на Иван Михајлов има создадено воена организација. Се гледа и она што вчера го напишав дека претерале со собирањето даноци и дека од таа и од неколку други причини кои ги наведов дека имаат опадната доверба кај населението. Писмото е опис на состојбите со голема загриженост и апел до Бугарската власт да го спречи отцепувањето на пиринска Македонија, напишано од страна на офицерски кругови кои ја опишуваат реалната состојба на теренот. Текстот кој одамна беше објавен во некој зборник го најдов во форма објавена со предговор и краток поговор на М-р Александар Донски, па го оставив и неговиот предговор и поговор за оние што ги интересира, а оние што ги интересира само архивскиот документ можат веднаш да преминат на него подолу, што јасно е одбележано со наслов на документот спомнат погоре во овој мој вовед.

***

М-р Александар Донски Институт за историја и археологија Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип

БУГАРСКИ СВЕДОШТВА ЗА ОБИДОТ НА ВАНЧО МИХАЈЛОВ ДА ЈА ОТЦЕПИ ПИРИНСКА МАКЕДОНИЈА ОД БУГАРИЈА

Во интерес на просторот овде нема да даваме поширока елаборација околу ликот и делото на Ванчо Михајлов и на неговата ВМРО затоа што сметаме дека добар дел од овие работи се веќе познати. Наместо мал вовед, само ќе укажеме на неколку моменти, кои сметаме дека треба да се имаат предвид за темата што ја претставуваме.

1) Односот на македонската историографија од времето на комунизмот беше исклучително едностран и негативен во однос на дејците од т.н. „маке- донска десница“ (иако ваквото детерминирање е дискутабилно, сепак го корис- тиме како одредница за оние дејци кои не биле наклонети кон комунистичките и социјалистичките идеи). Сите дејци од т.н. „македонска десница“ (со исклу- чително ретки исклучоци) беа сатанизирани, а нивните македонски национални и државнотворни пројави беа прикривани, потценувани и омаловажувани. За сметка на нив, беа величени дејците од т.н. „македонска левица“, а нивните анти-македонски пројави исто така беа прикривани. За сето ова постојат еден куп докази и факти, но нивното претставување ќе одземе премногу простор.

2) Со овој текст немаме намера да го „рехабилитираме“ Ванчо Михајлов затоа што (иако во текот на најголем дел од своето дејствување се залагал за независна и обединета Македонија), тој до крајот на својот живот остана изразено пробугарски ориентиран, негирајќи го постоењето на македонската национална посебност. Во овој текст, сепак ќе видиме дека, во одреден пери- од, кај него постоеле и поинакви ставови и пројави, кои дури и тој самиот ги прикрива во своите подоцнежни мемоари. Едноставно, овој текст го објавуваме во интерес на вистината.

3) Истакнувањето на чистите македонски национални пројави од активисти на т.н. „македонска десница“ (па дури и ако тие биле изразено пробугарски ориентирани во однос на македонската нација, како што е случајот со Михајлов) сметаме дека може да биде искористено и во борбата против странските пропаганди. За да го објасниме ова, предлагам да видиме како постапува бугарската историографија (во нивниот случај, во врска со македонските национални пројави). На сите ни е добро позната македонската национална дејност на Крсте Петков Мисирков. Но, во еден кризен период од својот живот тој има дадено и неколку пробугарски изјави (иако за цело време ги напаѓал нашите негатори, вклучително и Бугарија). Денешната бугарска пропаганда на сет глас ги објавува и ги користи овие изјави на Мисирков, обидувајќи се да го претстави како личност со „нестабилна“ национална свест (во стилот дека еве и кај „вашиот“ македонски национален деец постојат пробугарски пројави). Па зошто да не постапуваме и ние според истиот терк? Кај сите пробугарски дејци да ги истакнуваме нивните повремени македонски национални пројави (без разлика во какви услови биле давани) и да ги форсираме истите и пред нашата и пред бугарската јавност – не за да ги рехабилитираме овие личности, туку да им укажеме на нашите бугарски колеги дека и кај „нивните“ пробугарски дејци постоеле чисти македонски национални пројави, т.е. дека тие повремено биле со нестабилна национална свест? Факт е дека чисти македонски национални пројави се забележани кај: Ванчо Михајлов, Менча Карничева, Тодор Александров, Борис Сарафов, кај воено-оперативниот водач на врховистичкото Горноџумајско востание полковник Атанас Јанков, кај скопскиот кмет од периодот на Втората светска војна Спиро Китинчев, кај Димитар Ѓузелов, кај ванчомихајловистот Стефан Стефанов и бројни други ванчомихајловисти, па дури и кај самиот бугарски цар Фердинанд, кој во една прилика има изјавено дека населението во Македонија не е ниту бугарско, ниту српско. Македонски национални пројави се забележани и кај некои пробугарски определени „левичари“, како што се: академик Тодор Павлов, поетот Венко Марковски, Коста Црнушанов, Цола Драгојчева и други.

А сега конечно да поминеме на основниот материјал од овој труд, а тоа е обидот на Ванчо Михајлов за отцепување на пиринскиот дел на Македонија од територијата на Бугарија. И за оваа тема има многу да се пишува, а ние овде само како илустрација ќе се послужиме токму со бугарски извори за ваквата дејност на Михајлов. Конкретно се работи за една брошура под наслов „Состојбата во Петричкиот округ“. Оваа брошура (која не е потпишана и на која нема година на објавување) несомнено била објавена во втората половина од 1933 година. Од нејзината содржина јасно е дека се авторите се бугарски патриоти (најверојатно офицери) кои со резигнација пишуваат за дејствувањето на ВМРО на Ванчо Михајлов во пиринскиот дел на Македонија и Бугарија воопшто и бараат интервенција од бугарската влада и војска да дејствува против оваа организација. Имено, токму на почетокот на 1933 година ВМРО на Ванчо Михајлов ја истакнува паролата за обединета и независна Македонија како своја примарна цел. Во склад со тоа почнуваат активности во таа насока, кои во боршурата што ќе ја проследиме детално се опишани.

Да го кажеме и тоа дека за прв пат, значителни делови од оваа брошура кај нас објави академик Блаже Ристовски во својата книга „Македонскиот народ и македонската нација“ и тоа уште во 1983 година, што претставуваше вистински ризик во тоа време.

Денес, меѓутоа, благодарение на македонскиот историчар од Бугарија Ѓорге Радуле, брошурата ја имаме во целост и интегрално го објавуваме нејзиниот текст. Да видиме што пишувале загрижените бугарски офицери во врска со дејствувањето на ВМРО на Ванчо Михајлов во 1933 година.

***

СОСТОЈБАТА ВО ПЕТРИЧКИОТ ОКРУГ

По објавувањето на паролата за „Независна Македонија“ на овогодинешниот конгрес на македонските братства во градот Горна Џумаја (1933 година, з.м.), се востановија целосно сепаратистички тенденции на групата на Иван Михајлов. Притоа, претходниот стремеж за непочитување на законите на бугарската власт во новоослободените земји (пиринскиот дел на Македонија, з.м.), се повеќе се засилува и станува опасен за суверенитетот на нашата држава.

Еве ги фактите што ја оптсликуваат ваквата состојба:

I. Внатрешно-политичката состојба

1.На сите административни и полициски должности, групата на Иван

Михајлов успеа да постави Македонци или лица кои се под нивно целосно влијание. Окружниот управител во Петрич е Македонец, а такви се и околиските началници во овој округ. Сите стражари се месни луѓе и членови на оваа група. Кметовите на селата и градовите се луѓе поставени од оваа група и тие се целосно предадени на неа. Надвор од тоа, оваа група има своја сопствена тајна полиција, која служи за контрола на дејноста на другите јавни органи и за наложување на своите барања преку терор. Оваа тајна полиција има свои луѓе во сите институции и инстанци на округот. Под формата на службеници тие се инсталирани и во касарните каде имаат задача да го следат животот на војската и дејноста на офицерите.

Секое лице кое доаѓа од старите предели на царството е под надзор на тајната македонска полиција, која посегнува дури и по поштенската кореспонденција.

2. На сите повидни лица, општественици или туѓинци, кои доаѓаат во овој крај, им се прилепуваат луѓе на Иван Михајлов, кои ја контролираат нивната дејност и ги „просветлуваат“ со цел да ја претстават состојбата таква каква што посакува организацијата.

3. Во овој крај, преку терор, не се дозволува постоењето на никакви партии (бугарски, з.м.), освен македонската. Не се дозволува ни дејствување на партиски дејци од внатрешноста на царството. Минатата година во Неврокоп дејствуваше демократскиот активист архитектот Нарлиев, кој потоа беше убиен. А судбината на општинските советници од истиот град е добро позната.

Патриотските организации, како што е таа на резервните (бугарски, з.м.) офицери, исто така се забранети во овој крај. Посегнато е и на гимнастичките друштва „Јунак“ на чие чело се поставени македонски „дејци“ вон оние од училиштето. Овие друштва прогласија независност од заедничкиот Бугарски сојуз. Организацијата на бугарските скаути и на Туристичкиот сојуз се забранети.

4. Партиските органи се следени, па дури е забранета и дејноста на некои од нив.

5. Комунизмот во оваа земја се засилува. На 1 мај било развеано комунистичкото знаме над гимназијата во градот Петрич.

Карактеристично е тоа што комунизмот наоѓа свои приврзаници среде населението затоа што се смета дека може да претставува отпор во борбата против тероризмот на Иван Михајлов. Ова целосно се потврди и во судската истрага за време на комунистичкиот процес во градот Разлог.

Низ факти се гледа дека целиот внатрешен политички живот во земјите околу реките Струма и Места е во рацете на групата собрана околу Иван Михајлов. Овде е востановена една чудовишна диктатура од оваа група со која, преку терор, се задушувани сите бугарски пројави.

II. Состојбата во стопанството

Населението, со исклучок на малкуте села непосредно околу реките

Струма и Места, е многу сиромашно. Ова посебно се однесува на помашкото население. Подобрата економска состојба на оние села кои се близу до реките се должи на производството на тутун. Останатото население преживува со скудно земјоделие (главно ’рж и компири), дрварство и одгледување стока. Земјоделското производство не ги задоволува дури ни потребите на населението. Редовно се набавува храна од стара Бугарија. Одледувањето стока е речиси замрено поради отцепувањето на Беломорска Тракија.

1.За трговците, било да се Бугари или странци, при откупот на тутунот, овошјето и друго:

а) Органите на „Стопанскиот комитет“ водат преговори со трговците и ги востановуваат цените. Од овие цени, меѓутоа, одреден процент (обично 20 – 25%) оди во корист на групата (ВМРО на Михајлов, з.м.). Овие суми трговецот треба пред време да ги внесе во касата и нема право за тоа јавно да зборува, туку треба да кажува дека ја купува стоката без тој процент.

б) Им се наложува данок на тутунските кооперации. На пример, на неврокопската кооперација за оваа година и е наложен данок во висина од шест милиони лева. Управниот совет на оваа кооперација е должен да го уплати овој данок без да ги извести за тоа кооператорите.

в) Востановени се македонски „потребителни“ марки кои на крајот навлегоа дури и во старите предели на царството.

г) Востановени се специјални мерки за овие области, така што секогаш се продава по помалку за да остане нешто за сметка на „делото“. Така, на пример, при продажбата на хартија во книжарниците на секои десет листа, еден е одделен за овој специјален данок.

2. Се наложуваат задршки и од платите на службениците, а за време на празниците им се задржува една дневница. Оние службеници кои ќе одбијат да го платат ваквиот данок се ставаат под надзор и, кога ќе се создадат услови, се малтретираат и заплашуваат, па дури и се прогонуваат од овие земји. Друг данок е оној преку задолжителната претплата на изданијата на „организацијата“ Сите училишни набавки се прават исклучиво со овие изданија, а учителите се принудени со свои средства да си купуваат дури и креди.

3. Наложуваат општински данок кој обично е два до три пати поголем од државниот данок. Преку заплашување, овој данок се собира најредовно заради што државниот данок останува речиси несобран.

4. Востановен е данок во натура за населението, кое е должно да ги храни, превезува и поткрепува членовите на групата на Иван Михајлов, кои престојуваат во определено населено место.

5. Се наложуваат казни за неисполнети задолженија кон оваа група. Така, на пример, на еден трговец од Неврокоп, заради тоа што задоцнил три часа на „четничката“ обука, му била наложена казна од триесет илјади лева, која бил должен веднаш да ја плати.

„Стопанскиот комитет“ им го пресекува патот на сите стопански дејци од старите предели на царството, а посебно на оние кои сакаат да се востановат во оваа земја вон влијанието на Иван Михајлов. Таквите се прогонувани преку закани по нивниот живот. Таков е случајот со градинарите кои се обидоа да се населат во Петричко. Едно претпријатие што обработува дрво во Доспатско било осуетено заради тоа што не се согласило да ги уплатува даноците што му биле наложени. Планот на автомобилската агенција „Југ“ да организира редовен превоз со свои автомобили по патот Доспат, Неврокоп, Лежене бил спречен заради истите причини, а и за да не биде конкуренција на постојаната окружна комисија, која работи во полза на „Стопанскиот комитет“. Агенцијата „Југ“ за да организира превоз од Софија за Петрич и Неврокоп била принудена да плаќа 20% од вредноста на билетите во полза на „организацијата“.

Од пропагандата на Иван Михајлов дека изградените куќи од средствата на бегалскиот заем ќе бидат на населението, мнозина наивни бегалци, кои веќе си изградија куќи, си ги продадоа за да добијат бесплатни куќи од тој заем. Но, бидејќи државата пристапи кон собирање на своите побарувања, овие луѓе се најдоа во големи проблеми. Ова уште повеќе ја отежна економската состојба во многу села.

Воопшто економската состојба на овој крај е очајна. Групата на Иван Михајлов ги стави своите пипци среде населението, кое е оставено без секаква заштита и го толчи кон брзо и сигурно осиромашување. Приближно околу 150.000.000 лева годишно се одвојуваат за касата на оваа група. Овие средства главно се трошат за плати на многуте помали и поголеми органи на „организацијата“, кои добиваат плата од 3.000 до 18.000 месечно, вон она што го земаат директно од населението. „Врховниот водач“ на оваа организација Иван Михајлов оваа година беше во село Ковачевци (во Родопите – Доспатско), окружен со 100 души телохранители, платени четници и војници. Еве каде одат овие собрани средства извлечени толку безобѕирно од соголеното население. „Стопанскиот комитет“ не е ништо друго, совен финансов и фискален орган на Иван Михајлов. Тој не само што ги собира средствата на овој крај, туку го оневозможува и парализира стопанскиот живот овде. Многу туѓинци, трговци со тутун, го откажаа откупот на инаку многу добриот тутун од овој крај, велејќи дека не сакаат да тргуваат со оваа банда. Заради овој факт, некои европски фирми се откажаа дури и од трговијата со Бугарија.

III. Училишното дело

Овде влијанието на оваа група (ВМРО на Михајлов, з.м.) се чувствува

уште од највисоките институти на нашата држава. Нејзините органи почнуваат од главниот секретар на Министерството за народна просвета д-р Ф. Манолов, инспекторот В. Думев и други виши службеници во ова министерство, кои се Македонци. Преку овие лица „организацијата“ постигна да има целосно одврзани раце во однос на просветното дело во оваа земја. И навистина поставувањето на персоналот во училиштата се случува само според директивата на групата на Иван Михајлов, при што целосно се игнорираат законите на нашето царство. Така, во Неврокоп остана само еден редовен учител, а сите други места се зафатени од нередовни учители, кои дури немаат ни соодветно образование – тоа се месни луѓе кои целосно се под влијание на оваа група. Но, тоа е само еден од условите за да се постигне главната цел – да им се даде на народот и на младината специјално воспитание, да им се наметне идејата дека македонскиот народ е нешто совршено одделно од бугарскиот народ. Во името на оваа цел е посегнато и по училишната програма. Како посебен предмет наложен е предметот „македонска историја“ која опфаќа материјал специјално за македонското царство уште од времето на Филип Македонски. Учителите по бугарски јазик и литература ги поттикнуваат децата да учат, пишуваат и зборуваат на македонскиот дијалект и да ги изучуваат претежно македонските писатели. Во училниците се поставени само портретите на македонските просветители, а такви се носат и за време на празнувањата. Портретот на нашиот цар е заменет со портретот на Тодор Александров. За рвеме на манифестациите се користи исклучиво нововостановеното македонско знаме (црвено и црно).

Во името на оваа цел во основните училишта, наместо утринската молитва, се пее македонскиот револуционерен марш и специјалната македонска молитва. Обидите на некои учители да се пее националната (бугарска, з.м.) химна беа спречени.

IV. Военото дело

Групата на Иван Михајлов има создадено воена организација. Но,

изгледа дека постојат повисоки служби од должноста командир на полк. Така, на пример, зап. пор. Бунев е поставен за „Инспектор на вооружувањето“ во организацијата, а зап. капетан Тимев е третиран како „Министер на војската“.

Делови од неа тајно се повикуваат во одделни периоди на обука. Оваа година во втората половина на август беа предвидени воени маневри, но заради заминување на офицерите од наставниот курс на специјални служби во овие краеви, маневрите беа одложени за неодредено време. За подготовката на делови од оваа група беа поканети оние кои ја завршиле школата со ангажман само како инструктори. Меѓутоа, малку од нив се согласиле да пристапат во оваа служба, иако им била предложена плата од 3.000 лева месечно.

За обука на „војниците“ наскоро ќе излезе од печат „Раководство за подготовка на четникот“ според образец на она што е објавено во Србија. Во него се застапени посебни делови посветени на граѓанската војна, бидејќи за неговото составување претежно е користена болшевичката литература.

Констатирано е дека заедно со регрутните комисии одат и луѓе на организацијата со цел да отргнат колку што можат повеќе младинци од воената служба (во Бугарската редовна војска, з.м.), како вредни за целите на оваа група (ВМРО на Михајлов, з.м.), која веќе има своја „војска“.

Питомците пред да влезат во касарната, даваат заклетва пред своите војводи, кои пак гледаат секогаш да присуствуваат за време на давањето воена заклетва (во Бугарската војска, з.м.) при што ја користат наивноста на началниците на гарнизоните, кои им дозволуваат да држат говори со цел омаловажување на значењето на кажаната заклетва.

Конечно, таму е внесено вооружување кое се состои од лесни италијански „картешници“ од типот пиштоли-„картешници“. Освен оружјето кое секој член на организацијата го има кај себе (карабина, пиштол и бомба), организацијата има и свои магацини со оружје и воена опрема. Вакви магацини беа откриени во градовите: Петрич, Неврокоп, Банско и Горна Џумаја. Во Петрич има и една работилница за оружје.

Групата на Иван Михајлов очигледно се обидува да создаде сопствена здрава воена организација, покрај обичната четничка организација, која досега и служеше за малите упади во територијата на Југославија. Оваа нова организација очигледно ги има надминато досегашните стремежи на оваа група. Ова не исправа пред нови прашања. Дали е ова подготовка за масовни дејства против Југославија, со цел ослободување на Македонија? Познавајќи ја големата воена моќ и добра внатрешна организација на оваа држава, одговорот на ова прашање е негатвен. Таква заблуда не може да се замисли ниту во раководството на оваа група. Тогаш какви задачи си има поставено оваа организација штом прибегнува кон едно вакво чисто воено организирање на оваа област? Постојат само два одговори на ова прашање: подготвувајќи се да ја одвои целосно во независна држава оваа област

(пиринска Македонија, з.м.) оваа Група сака да има готови кадри за идната војска или пак располагајќи со ваква сила сака да си обезбеди удобно место во внатрешниот политички живот на Бугарија. Можни се и едната и другата претпоставка кои впрочем не се исклучуваат една со друга.

Но, без оглед која претпоставка ќе се прифати, факт е дека ваквата состојба крие многу големи опасности за нас, било преку обидот да се нападне некој од нашите соседи, било да се меша во внатрешниот живот на нашата држава.

V. Политичка пропаганда

Паролата „Независна Македонија“ доби широка распространетост.

Таа се издигнува за време на сите прослави и од целата официјална, административна и училишна власт. Состојбата стигна дотаму што никогаш доброволно не се издигнува повикот за Бугарија, дури ни во присуство на началниците на гарнизоните. За време на прославите националната химна е заменета со македонскиот марш. Така, на пример, за време на осветувањето на споменикот на „незнаениот четник“ ова лето во градот Горна Џумаја, не беше свирена националната (бугарска, з.м.) химна. Говорниците ги завршуваа говорите со повикот: „Да живее независна Македонија и нашиот врховен водач Иван Михајлов!“ Самиот споменик е изграден на местото на гробовите на загинатите бугарски офицери кај Горна Џумаја во војната од 1912 – 1913 година, откако претходно коските на овие херои беа расфрлани. Секоја иницијатива за подигање споменици во овој крај на загинати бугарски офицери и војници е спречувана, но затоа пак на многу места се поставени споменици на загинати четници.

Во црквите за време на молитвите се спомнува македонскиот, но не и бугарскиот народ.

Оваа Организација поддржува и испраќа во оваа област специјално платени пропагатори кои ја шират тезата на „независна Македонија“ со паролата „Се или ништо!“. Таков е случајот со професорот Мутафчиев, кој во еден свој настап во градот Петрич оваа година истакнал дека целата бугарска култура се должи на Македонците и дека дури и априлското средногорско востание било со македонска поддршка затоа што најголемиот дел од населението кое учествувало во него, се состоело од бегалци Македонци (!?). Ова лето професор Генов држел говори во кои ја истакнал идејата за независна или автономна Македонија во рамките на една балканска федерација како единствен услов за договор меѓу балканските народи.

Честопати во овие краеви се канат да гостуваат претставници на добруџанската, тракиската и западните покраински организации со цел да им се наметне македонската теза за неотстапување и против-акција на какво и да било разбирање со соседите.

На конгресот на жените Македонки во Петрич оваа година се случил еден голем инцидент помеѓу жената на началникот на гарнизонот и учесничките на конгресот затоа што таа за време на конгресот изразила негодување заради сепаратистичкиот дух што се форсира во оваа област. Органите на групата на Иван Михајлов, меѓутоа, забранија да се пишува за ова прашање што и да било.

Констатиран е еден недостиг на желба од страна на повисоките началници за преземање мерки во однос на дејствата против нашата

држава од страна на оваа група. Посебно агилен приврзаник на оваа организација е командирот на Седмата дивизија генерал Настев. Во спротивно сигурно дека Врховната команда не би го држела на таа положба.

Целата ваква дејност на оваа група не е примена добро од населението кое со нетрпение го очекува денот на своето ослободување од угнетувањето на терористичката група на Иван Михајлов.

И додека официјалната власт целосно абдицира и не смее да се пројави дури и кога се случуваат вулгарни убиства и киднапирања, погледите на населението се насочени исклучиво кон војската, толку повеќе што сега таму е во сила воената состојба. Во неа населението и сега гледа покровител. Меѓутоа, треба со жалење да се одбележи дека воените власти воопшто не му помагаат на населението.

Четничката дејност на оваа група во однос на Југославија е совршено парализирана заради добрата организација на српската одбрана, која е целосно потпомогната од месното население на кое му е поделено оружје и му е дадена полна слобода во проследување на четите. Ете затоа тие, дури и во групи од по тројца луѓе, не можат да навлезат на југословенска територија повеќе од 1 – 2 км. Заради тоа самите четници заминуваат против својата волја или само заради страв да не бидат стрелани.

Населението во оваа област дури и источно од нашата граница со Југославија не е сосема воодушевено од идејата на оваа група за борба против Југославија. Напротив, тоа повеќе тежнее кон беломорска Тракија и е подготвено за борба против Грција. Меѓутоа, оваа група досега нема пројавено никаква дејност во однос на таа држава и тоа буди сомнеж кај населението дека групата на Иван Михајлов дејствува во името на туѓи интереси и го прави да гледа со уште полош поглед кон неа.

Големите малтретирања преземени од оваа група ставија печат на едно големо угнетување. Во овој крај не се слушаат песни, нема смеење, нема веселби, луѓето се уплашени и предострожни, духот целосно им е опаднат.

Заклучок

Од политичката, административната, стопанската и воено- организациската дејност на групата на Иван Михајлов во новите земји, се гледа дека систематски се подготвува евентуално отцепување на петричкиот крај (пиринска Македонија, з.м.) од бугарската држава.

Заради абдицирањето на бугарската власт и малодушноста на нашите државници, населението од овој крај, заедно со сите државни службеници, е подложено на еден невиден морален, политички и економски терор. Отцепувањето на овој крај во независна држава е во целосна спротивност со нашиот национален интерес. Иако економското значење на оваа област е релативно мала, ако се има предвид дека нашите патишта кон Беломорието минуваат преку неа, ние треба со сите сили да ја отфрлиме и да се спротивставиме на секоја идеја од таа област да се создава независна македонска држава. Територијата на нашето царство е релативно мала за да си дозволиме луксуз и да подаруваме делови од неа на кого и да било. А и во историјата такви случаи не постојат. Мотивот на некои според кои осамостојувањето на овој крај во независна македонска држава ќе претставува силно и сигурно средство за ослободување на цела Македонија, треба да се смета како крајно нереален. Ниту Грција, ниту Југославија нема доброволно да ги отстапат завладеаните македонски територии. Она што може да се случи при ваква евентуалност е Србите и Грците да ја окупираат и оваа земја (евентуалната независна пиринска македонска држава, з.м.). Конечно, прашањето за државен престиж и национална чест на бугарскиот народ и армија е да не се дозволи еден грст кариеристи да шетаат низ ова катче од нашата држава, да го тормозат населението и да изложуваат на срам името на Бугарија.

***

Сигурно дека историографијата треба уште повеќе да ги истражува

настаните опишани во оваа брошура (иако тоа денес не е сосема едноставно). Познато е дека ваквиот обид на ВМРО на Ванчо Михајлов за осамостојување на пиринскиот дел на Македонија пропаднал по воениот удар што бил извршен во Бугарија следната 1934 година кога Михајлов бил осуден на смрт, а ВМРО била забранета. Интересно е и тоа што денешните самонаречени следбеници на Михајлов во Бугарија (разни организации со префиксот „ВМРО“) од една страна ја величаат неговата бугарштина, но од друга страна се плашат да проговорат што и да било за неговата идеја за независна и обединета Македонија, а неговите практични пројави во таа насока во однос на Бугарија (како што бил овде опишаниот обид за отцепување на пиринскиот дел на Македонија од Бугарија), не ги ни спомнуваат.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Груевски ја нарече власта на СДСМ дрва…

КОГА ДРВЦА САДАТ ДРВЦА Каква траги-комедија се…

Османи вели дека во ВМРО-ДПМНЕ има страв…

За тврдењата на албанската опозиција дека во…

Груевски открива дека Заев има бизниси во…

Иако во минатото во повеќе наврати кажав…

Каков “шамар”: Тајвански “Јагео” не доаѓа во…

Премиерот Димитар Ковачевски се испофали со доаѓањето…

(Видео) Груевски: Честитки за прогласувањето на Бошковски…

Поранешниот премиер Никола Груевски на Фејсбук ја…