Груевски со нова историска лекција: ПИСМО ОД БРИТАНСКИОТ ДИПЛОМАТ НИКОЛСОН ВО СОФИЈА ОД СРЕДБАТА СО ПРЕМИЕРОТ СТАМБОЛИЕВ ВО 1895 ГОД. ОКОЛУ МАКЕДОНЦИТЕ!
Неодамна во две посебни статии со цитати видовме што министерот за надворешни работи и финасии на Бугарија Григор Начович говорел за Македонците во 1895г. и во 1903г. Претходно во една статија пренесов што кнезот, а подоцна цар на Бугарија Фердинант I зборувал и мислел за Македонија во 1896 година исто така на официјални меѓународни средби.
А сега во истиот дух, во духот на тоа што бугарската власт мислела и говорела за Македонците во последната декада на 19. век, за македонското движење, дали ги третирала за Бугари или за Македонци, свои или дојденци и колку им верувала, добредојдени или опасност, кои биле намерите и постпаките на официјална Софија, да се осврнеме на исказите на премиерот на Кнежевството Бугарија Стефан Стамболов (1854-1895), кој бил бугарски револуционер, новинар, поет, политичар и државник, кој во 1880 год. станал народен пратеник и потпретседател на Народното собрание, а во 1884 и негов претседател. Тој бил пет години премиер на Бугарија.
МРО била жестоко против Стамболов, но за тоа подолу во овој текст. Тое е време кога Бугарија веќе 17 години е Кнежевство ослободено од Русија во Руско-Турската војна во 1876-1878 година, што е безмалку независност, и има свои државни институции, министри, премиер итн. Одтука животот во кнежевството Бугарија станал многу поподнослив за луѓето, па и голем број Македонци од другите делови на Македонија кои останале под Османлиска власт почнале масовно да емигрираат во во Бугарија и особено во главниот град Софија, па набрзо дури четвртина од бројот на жители во главниот град биле Македонци.
За тоа што тој нему лично му кажал во писмо од 25 март 1895 година пратено до министерот за надворешни работи на Велика Британија грофот Кемберли сведочи британскиот дипломатски преставник во Софија сер Артур Николсон, во разговор воден за македонското прашање.
Разговорот е воден 10 месеци по паѓањето од власт на Стамболов кога тој сеупте е активен на бугарската политичка сцена и четири месеци пред атентатот извршен врз него. И точно 49 години, безмалку половина век од заседанието на АСНОМ на 1. Август 1944 година. Следи извадок од “Британски документи за историјата на Македонија” Том V, (1886-1900) издание на Државниот архив на Република Македонија, под редакција на д-р Драги Георгиев.
*****
Писмо од сер Артур Николсон, британски дипломатски претставник во Софија, до грофот од Кимберли, државен секретар за надворешни работи на Велика Британија, од 25 март 1895 година, за разговорот со Стамболов во врска со македонското движење
Софија, 25 март 1895 година
Мој Лорду,
За време на разговорот што го водев со г. Стамболов на 23-ти овој месец, тој се наврати на македонското прашање, за кое се плашеше дека може да стане мошне опасно за Бугарија.
Тој беше цврсто против сегашното движење и доколку владата не преземе сериозни мерки да ги спречи четите напролет да ја преминуваат границата од Кнежевството во соседната провинција, агитирањето би можело да излезе од нивна контрола.
Македонците биле неодговорни луѓе, а во главниот град нивниот број изнесувал четвртина од вкупното население меѓу сите слоеви од општеството. Доколку во Македонија се јавеле немири, целата земја би била разнишана. Секое движење тој го спречувал во почетокот со затворање на водачите и на највжештените глави од нивните следбеници. Но тој не беше сигурен дали владата е доволно способна да го прави ова. А тоа е единствениот метод со кој можел да се ограничи агитирањето.
Тој беше мошне загрижен за блиската иднина и се плашеше дека сите придобивки што Бугарија ги има добиено за сигурен и целосен напредок во Македонија, сосема би биле изгубени со акциите што ги преземаат некои агитатори. Било потребно владата да биде известена и предупредена да дејствува на задоволителен начин во врска со ова прашање.
Господинот Стамболов многу добро ги познава Македонците и е добро информиран за плановите на сите овдешни друштва. Затоа неговите забелешки може да бидат многу интересни. А како што го известив Вашето лордство, владата тврди дека има намера да спречи секакво движење организирано во Кнежеството.
Имам чест да бидам, итн.
Артур Николсон
PRO FO 78/4661, ДАРМ, М-328
****
Сер Артур Николсон (1849 – 1928), 11-ти баронет, од 1899 до 1916 година, бил британски дипломат и политичар во текот на последната четвртина на 19. век и почетокот на 20 век. Служел во Атина, Берлин, Пекинг, Техеран, Будимпешта, Константинопол/Истанбул (од каде го покривал кнежевството Бугарија), Мароко, Мадрид и Русија. Во име на Британската империја го потпишал Англо-рускиот договор во 1907 година.
Премиерот Стефан Стамболов од Трново, Бугарија, на функцијата премиер бил од 1 септември 1887 до 31 мај 1894.
Роден е во Трново, образован во Одеса, тој бил и учесник во револуционерните борби на бугарскиот народ за ослободување пред 1878 г. Бил активен учесник и во присоединувањето на Источна Румелија (против волјата на Русија) во 1885 г.
Бил и еден од главните идеолози и организатори на комитетите „Единство” 1878-1879. Тој го помогнал и доаѓањето на германскиот принц Фердинанд I Сакс-Кобург-Готски (1861-1948) за бугарски кнез (1887), а самиот станал премиер со изразито прозападна и антируска ориентација.
Тој бил ценет во западните држави како политичар, кој сакал да ја ослободи својата земја од зависност од Русија. Во периодот од 1 декември 1893 година до 31 мај 1894 година бил министер на народното просвештение во Кнежевство Бугарија.
Голем дел од македонските деjци биле против диктаторските методи на Стамболов и неговата протурска политика, па така дошло и до книшката на Вардарски (Петар Поп Арсов) „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници” (1894) што всушност ја претставувала програмата на тогаш основаната организација.
“Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници” е брошура напишана по барање на Централниот комитет на МРО (подоцна ВМРО). Одлуката за нејзино создавање е донесена за време на Јануарската средба , поточно на 5. Јануари 1894год. кога е формиран ЦК и за што според Х.Татарчев, откако чл. 23 од Берлинскиот конгрес им се видел: “…како апстрактен за народот, прифатиле да се замени со една попластична фигуративна формула – автономија на Македонија во нејзините географски и етнографски граници, и тоа да се впише во уставот на отганзиацијата…” и притоа македонскиот нациналноослободителен деец Петар Поп Арсов бил задолжен да ја создаде брошурата која е печатена во Софија од страна на Иван Хаџи Николов.
Бидејќи постоела опасност по животите на нејзините автори, П. Поп Арсов се потпишал со псевдонимот Вардарски, а како место на печатење е означена Виена. Брошурата била напишана на бугарски јазик, притоа таа не била наменета само за Македонците, туку и за македонската емиграција и бугарите во Бугарија. Оваа брошура имала задача да ја разобличи политиката на Бугарскиот премиер Стефан Стамболов и црковно – просветната пропаганда на Бугарската егзархија во Македонија.
Во брошурата меѓудруото се вели:
“… Тој тиранин, кој не остави ништо свето за Бугарина чисто, за задоволување на својата желба за власт посака да се послужи и со училишното дело во Македонија. Тој блудник, кој се поигра со честа, животот и имотот на своите сонародници во Кнежевството, посака да го направи истото и со нас Македонците, во сопствената наша татковина Македонија”…”
На 15 јули 1895 година врз Стамболов бил извршен обид за убиство од Михаил Ставрев – Хаљо од ресенското село Јанкоец и други македонски дејци, блиски до македонскиот револуционер Наум Туфекчиев, исто така ресенчанец, и по три дена умира од повредите. Повод за убиството била одмазда за смртта на Коста Паница – бивш сојузник на Стамболов, кој со содејство на Русија прави обид за воен преврат и како резултат на тоа е екзекутиран. Стамболов е нападнат два дена пред делегацијата за помирување со Русија да биде примена од рускиот цар Николај II.
Неговото убиство се смета за едно од најбруталните политички убиства во Бугарија.
Таа вечер Стефан Стамболов излегол во 19:50 часот од Јунион клуб со Димитар Петков (друг политичар, премиер и идна жртва на атентат).
Ги качил пајтонџијата Мирчо Ацов и го терал пајтонот бавно по ул. Раковски. Меѓутоа кон пајтонот се нафрлиле тројца луѓе и едниот почнал да стрела, а коњите тогаш застанале. Од десната страна седел Стамболов. Кон него се насочил човек со јатаган, но Стамболов успеал да скокне и да се упати кон улицата Стефан Караџа. Стамболов го извадил револверот, но пред да го насочи еден од атентаторите му ја пресекол раката со јатаган. Во меѓувреме го пристигнале и другите двајца кој започнале да му ги сечат рацете, со кои тој се обидувал да се заштити.
По нападот, Стамболов сè уште бил жив, иако тешко повреден со исечени раце и глава. Брзо го пренесле во неговиот дом, лекарите му ги ампутирале двете раце, но сепак не можеле да го спасат. Додека сè уштее бил при свест, ги изговорил имињата на тие што мислел дека го ликвидирале. Убијците се Туфекчиев и Хаљо… Кнезот ме уби, Белчев, Белчев! … Принц Кобург, принц Кобург!, биле неговите последни зборови.
По атентатот, била поведена истрага која траела цела година. Врз основа на сознанијата било поднесено обвинение, Наум Туфекчиев бил посочен како организатор на атентатот, а директни извршители Боне Георгиев и Михаил Ставрев – Хаљо со учество на Атанас Цветанов – Таљо и Мирчо Ацов, кој го возел пајтонот во кој се качил Стамболов. Наум Туфекчиев бил осуден на три години затвор но по една година излегол од затвор.
Повеќе околу деталите за оваа група и настан во друга прилика.
(На фотографиите подолу Премиерот на Бугарија Стефан Стамболов, британскиот дипломат Сер Артур Николсон, Наум Туфегџиев, Михаил Ставрев – Хаљо и фотографија од телото на С.Стамболов по атентатот)
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Русија го ограничува извозот на вештачки ѓубрива
Русија ги намали извозните квоти за ѓубрива…
„ЧАСОВНИКОТ ОТЧУКУВА“: БОМБАШКИ ЗАКАНИ ПРЕДИЗВИКАА ХАОС ВО…
Нов бран закани за поставени експлозивни направи…
ФИНАНСИСКИ ПОТРЕС НА ВОЛСТРИТ: За еден ден…
Американските финансиски пазари се соочуваат со нов…
ТРАМП ПРИЗНА ДЕКА ВОЈНАТА СО ИРАН ВЛИЈАЕЛА…
Американскиот претседател Доналд Трамп призна дека војната…
НОВ БРАН ЗАКАНИ СО БОМБИ НИЗ ЕВРОПА:…
Нов бран закани со поставени експлозивни направи…