Дејвид Боуви – човек кој го промени светот (втор дел)

t

Светски икони – мода, филм, музика, стил(16.1)

Дејвид Боуви – човек кој го промени светот(втор дел)

Останува мистериозно кој беше Дејвид Боуви.

Мистериозен странец? Гостин од некој галаксија?

Водач на некој култ? Ниту машко, ниту женско?

Дејвид Боуви е ѕвезда на индивидуализираниот свет. Кога во текот на својата извонредна кариера инкарнираше во ликовите на Зиги Стардаст, Аладин Сеин, Виток Бел Војвода, Мајорот Том, Џон Мерик или пак Хеловин Џек, тој на поп музиката и донесе ретко видено ниво на извонреден перформанс и невидена театралност. Тој блескаво го артикулираше задоволството на посакуваната трансформација. Ни велеше зошто да бидеме тоа што вчера сме биле, кога утре можеме да бидеме нешто друго. Така ни покажа дека тој е пред своето и нашето време. Тој беше промената, ама и нејзината спротивност: популарен забавувач, авангарден уметник, сексуален провокатор, чувар на кутурата (ама и водач на контра-културата). Како таков истовремено беше и боем и радикал, и бизнисмен и уморна поп ѕвезда.

Боуви прв почна да ги руши границите помеѓу, наводно сериозната висока уметност и, кобајаги ниската, поп уметност. Сите  негови излети во 70-тите се развија во низа од жарнови кои вклучуваат панк, нов бран, готски рок… А со тек на времето и неговите видеоспотови станаа вистински филмски ремек-дела. Тој од мистериозна и необична фигура која создава бизарна, експериментална музика, свесно и намерно се трансформираше во поп ѕвезда која ги полни стадионите ширум светот. Затоа секогаш беше на врвот на музичката сцена, правејќи ги своите фанови, новинарите и критичарите, вечно гладни за повеќе скандалозни изјави, повеќе светлуцава облека, и уште нови ликови. За разлика од повеќето негови колеги, тој никогаш не стана клише, ниту пародија на самиот себе. Позади името на Елвис Присли стои епитетот – крал на рокот. Мајкл Џексон го нарекуваат крал на поп музиката. Музичките критичари Дејвид Боуви го нарекуваат ‘’Бог и батине’’ на рок и поп музиката. Него,  само него, и никој друг.

Од самиот почеток на кариерата, па се до крајот – неговата смрт, беше музички астронаут кој ги надминува границите на познатиот свет. Осцилирајќи меѓу артистичката, авангардна церебралност и универзално певливите поп ноти, од ‘’Ѕвездена прашина’’ до ‘’Црна ѕвезда’’, тој го изведуваше соундтрекот на неговиот неверојатен живот. За цело време ги исполнуваше нашите животи со необични и креативни мелодии, убедувајќи не дека и сами можеме да ги допреме ѕвездите.

Така, оние кои ќе се определеа да го слушаат  Мајорот Том, Виткиот Бел Војвода или Зиги Стардас, преку нив влегуваа и во книгите, филмовите, уметноста, културата и вселената. Сите видоа, слушнаа и почувствуваа дека преку секој негов нов албум се изливаа нови трендови во музиката, културата и уметноста, а преку секој негов нов музички хит, тој како музички патријарх и моден папа, истите  тие трендови ги  цементираше, т.е. обликуваше во глам-рок, панк, електро рок или нешто сосема четврто. Тој не само во себе, туку и кај сите со кој соработуваше и сите кои го следеа, го будеше магичниот допир на креацијата. Поради него луѓето стануваа пејачи, композитори, текстописци, глумци, поети, писатели и сликари. Благодарејќи на него, многу се учеа на уметничка и други видови на слободи и самоизразување.

Со децении ни покажуваше како успешно можеме да ја избегнеме стапицата на зачауреноста и инертноста. Многумина велат дека рокенролот денес во секој поглед веќе е музика која ги истрошила своите потенцијали, но изгледа дека Бови за тоа никој не го известил, па така тој, буквално до последниот ден на неговиот живот не воодушевуваше со оригиналност на своето музичко творештво и способност да ги помести границите на се што ќе допре. Доказ за тоа, меѓудругото, е фактот, што откако својот живот го претвори во уметничко дело, истото го направи и со  својата смрт. Во последниот спот кој го сними(нумерата ‘’Лазар’’, од албумот ‘’Црна ѕвезда’’), го видовме како лебди над болничката постела и пее дека е во рајот, има лузни што не се гледаат и дека нема што да изгуби. Како да ни велеше дека не знае каде оди, но ветува дека ќе биде интересно.

Инаку, роден е како Дејвид Џонс, 1947 година во Лондон, од мајка Маргарет(Мери), а татко Стентон. Уште од 9 тата година ги слушал Фетс Домино, Чак Бери и Литл Ричард. Кога ја чул ‘’Тути Фрути’’ од Литл Ричард, воодушевено рекол: ‘’Го слушнав Господ, сега само уште да го видам’’. Како на уметник и стилист најмногу влијание имал од Литл Ричард, ‘’Јардбирдс’’, ‘’Битлси’’, Марк Болан, Џими Хендрикс, Френк Синатра, танци, памтомима, будизам.  Соработувал со Џон Ленон(‘Fame‘), Фреди Меркјури(Under Pressure), Мик Џегер(Dancing in the Street), а најмногу со Иги Поп, на кого му продуцирал повеќе албуми. Сеженелдвапати: првиотпатсоЕнџи, сокојагодобилсинотДанкан, а вториотпатсопреубаватаИман, сокојајаимаќеркатаАлександраЛекси. Тој е и актер кој снимил 28 филма и учествувал во безброј театарски претстави. Член е на Рокенрол куќата на славните од 1996 година, добитник на повеќе музички награди Греми.

Како и за секоја славна личност, и приказната за Дејвид Боуви има делови кои фрлаат мала сенка врз блескавата ѕвезда. Големата употреба на синтетички дроги, оргиите, опивањата и дилемата дали е бисексуалец или хетеросексуалец, го обележаа успехот на Боуви, колку и акордите на неговите најголеми нумери. Долго се пишуваше за неговата страсна врска со Иги Поп, а некои велат дека имал врска и со Мик Џегер.

И покрај се, Дејвид Боуви никогаш не излезе од мода. Беше и остана музички великан, попкултурен маестро и уметнички гениј, од повеќе причини. На почетокот рок, потоа поп икона. Потоа електроника и соработка со Иги Поп, а во осумдесетите враќање кон своето најрокерско издание, но секогаш со примеси на авангарда. Контроверзната и блескава кариера на овој креативен камелеон траеше долго – повеќе од 55 години. И денес некои потполно нови клинци, генерациски многу далеку од златните 70ти за Боуви од минатиот век, неговиот алтер-его Слабиот Бел Војвода и понатаму го сметаат како синоним за стил и став. Иако не умре млад, ниту изврши фамозно рокенрол убиство, успеа да ја преживее средбата очи во очи со својот неверојатен  ‘’ Man Who Sold the World ‘’.

Безмалку секој кој во 1980тите беше кул, стана карикатура или смешен веќе во 1980тите. Само Боуви стана уште повеќе кул. Мултиинструменталист и пејач со специфичен глас. Шармер, господин, мистик и светец. Комплетен, единствен и посебен уметник. Учевме од неговата уметност, која не надградуваше. Се восхитувавме на неговата инвентивност и оригиналност. Имаме респект кон неговата посебност. Беше неверојатно иновативен и уметнички настроен. Повеќе од сигурно е дека неговата легенда ќе остане постојан дел од  популарната култура, а таму некаде во вселенската ширина тој е во друштво на великаните Енди Ворхол и Салвадор Дали, за кои верувам дека и таму се подеднакво ексцентрични и шокантни. Мајоре Том нека ти биде возбудлива вселенската одисеја која ја започна напуштајќи не. Сигурен сум дека и таму веќе си Херој, не за еден ден, туку за сите времиња.

Беше еден од последните херои на поп културата, род кој полека ама дефинитивно изумира.

Таму во тактовите и мелодиите

се наоѓа се што сакам да кажам

Дејвид Боуви

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Еден Стpaтег, една Струмичка Барбика и немopaлна…

Колумната е кратка приказна за селските и…